ДОМАШНИТЕ КОМПАНИИ СЕ ТЕМЕЛ НА ЛОКАЛНАТА ЕКОНОМИЈА

Biznis inicijativite poddrzani od lokalnite vlasti

Домашните компании и локални брендови се основните столбови на прилепската економија и токму поради тоа локалната самоуправа во изминатиов период има континуирана соработка со бизнис сектор и претставува сервис и поддршка на компаниите во реализација на нивните инвестициони планови. Поради погодниот бизнис амбиент, добрата законска регулатива и поддршката од локалните власти компаниите постојано вложуваат нови технологии, унапредување на кадровските потенцијали, освојување на нови пазари, нови инвестиции и проширување на производствените капацитети и во континуитет отвораат нови работни места. 

Потврда дека Општината е максимално посветена на градење на добрите односи со домашните компании е тоа што во 2011 година Прилеп стана прва општина во Македонија која формираше економски совет. Во составот се претставници на стопанството, јавниот сектор, локалната самоуправа и невладините организации. Советодавното тело го јакне јавно-приватниот дијалог и воспоставува соработка меѓу јавните институции и приватниот сектор во насока на дефинирање на правците на развој на општината, иницира развојни проекти за надминување на предизвиците со кои се соочуваат фирмите, го поттикнува решавањето на стратешките проблеми од економско значење и воопшто влијае на подобрување на климата за стопанисување. Локалната самоуправа во континуитет одржува блиска соработка со регионалната стопанска комора. Плод на добрите односи со стопанствениците се бројните иницијативи, реализирани проекти, посети на саеми, донаторски конференции и други активности за подобрување на бизнис сликата во Општината. 

Дел од резултатите на ефикасните релации се потпишаниот Меморандум за меѓусебна соработка на општината и регионалната стопанска комора во Прилеп и формирањето на економскиот совет, како советодавно тело на градоначалникот, во кое активни членови се раководни лица од најголемите компании. За соработката сведочи и фактот што во управниот одбор на регионалната комора активно учествува и градоначалникот Марјан Ристески. Локалните власти на лице место се запознаваат со заклучоците од интерес на бизнис заедницата и предлагаат приоритети за инфраструктурни објекти. Бенефит се иницијативите за инфраструктурно уредување на Паркот на Револуцијата, партерното уредување на центарот, изградбата на пречистителната станица на отпадните води, градбата на индустриската зона Прилеп 1, изградбата на ТИРЗ Алинци, градбата на гасоводната мрежа од Неготино до Прилеп, изградбата на автопат  Градско – Прилеп – Битола – Охрид со крак до Меџитлија, реконструкцијата на железничката мрежа од Прилеп до Велес, изградбата на железничката пруга од Битола до Меџитлија, иницијализацијата за градба на хидро-енергетскиот систем Чебрен и Галиште и уште многу други заклучоци.

Сугестиите со ингеренции на локалната самоуправа веднаш успешно се реализираат, а останатите се доставуваат до надлежните државни институции. Плод на соработката меѓу општината и регионалната стопанска комора се работните посети на збратимените градови со кои се потпишаа и спогодби за меѓусебна соработка на стопанските комори, организациите на донаторски конференции за црквата Св. Петка, каде бизнис секторот донира поголем дел од потребните средства. Бизнисмените го поддржуваат Пиво фестот и учествуваат во изборот на Бизнис на годината во соработка со неделникот Зенит и регионалната стопанска комора. Општината и комората реализираат и многу бизнис средби со стопански делегации од странство и работат на меѓународна промоција на домашните компании и потенцијалите за инвеститори.

Loading