ТАЛЕСКИ Е КАНДИДАТ ЗА ПОЛСКА

ФУДБАЛ: По одличните одбрани во дресот на Победа

-Можно е да биде во списокот на селекторот Милевски за ЕП

Davor Taleski

Одличните резултати на екипата на Победа во пролетниот дел од првенството се должат на подобрената форма на сите поединци, меѓу кои е и капитенот, голманот Давор Талески. Само што наполни 22 години, успешно се носи со товарот и обврската како лидер на тимот. Најмлад чувар на мрежата е во Првата лига, а е меѓу најдобрите. Дополнителен фактот е што 482 минути немаше примено гол на мечевите во Прилеп. Да не беше опуштањето во второто полувреме по водството од 3-0 со Македонија ЃП, мрежата ќе беше зачувана најмалку до последниот првенствен натпревар дома со Ренова.

Одличните одбрани го привлекоа вниманието, вклучително и на стручњаците. И селекторот на Младата репрезентација на Македонија, Благоја Милевски го има во бележникот. Тоа значи дека е кандидат за настап на Европското првенство во Полска. Таму Македонија ќе биде меѓу 12 најдобри од континентот, во група со Шпанија, со Португалијаи Србија. За голманското место конкурираат уште Игор Алексовски (Вардар), Дамјан Шишковски (Работнички), потоа Беким Реџепи (Тетекс), Филип Илиќ (Металург), Сенад Мујовиќ (Баден, Швајцарија).

Настапот во Полска беше една од желбите на дедо му Данаил – Дончо, голем навивач до последниот ден од животот, починат неодамна. Сите претходни негови желби се исполнија: екипата да стане прволигаш, да се врати внукот во најсаканиот клуб и да ја добие капитенската лента во Победа.

Бод со Работнички

Само бод од претстојното гостување, в недела на Работнички во Скопје, ќе биде доволен за директен опстанок на Победа во прволигашкото друштво, под услов во последното коло дома со Ренова да биде постигнат триумф. Ако ова се случи, тогаш пласманот на спасоносното седмо место е загарантиран, независно од резултатите на конкурентот Шкупи. Во претходното коло Шкупи со 3-0 ја совлада Брегалница, а Победа со 4-2 Македонија ЃП, со головите на Ристевски, Илијовски, Цветаноски и Мустафов.

Табела: Вардар 79, Шкендија 66, Работнички 54, Пелистер 52, Ренова 48, Силекс 43, Победа 38, Шкупи 36, Брегалница 21, Македонија ЃП 19.

Loading