НОЌТА СТАНА ДЕН СО СТОТИЦИ СВЕТИЛКИ

Во индустриската зона Прилеп 1

– Се подготвуваат зоните Прилеп 3, 4 и 5

6758-se-postavi-ulicno-osvetluvanje-vo-industriskata-zona-prilep-1-960x600-7

И ноќе веќе блеска во светлина индустриската зона Прилеп 1. Разбиен е мракот со поставување на улично осветлување за околу еден милион денари. Средствата ги обезбеди локалната самоуправа за да се подобри фреквенцијата и движењето во зоната и во вечерните часови.

Во зоната се изградија нови асфалтирани улици, тротоари и мрежа за  електрична енергија и инсталиран е водоводен и канализационен систем. Вложувањата чинеа околу 600 илјади евра од општинскиот буџет и од Владата. Од нив 400 илјади беа насочени за патната инфраструктура, а 200 илјади евра за водоводната и канализационата мрежа.

– Во зоната се изградени десетина објекти. Очекуваме годинава да стартуваат со градба уште 3-4 фабрики. За една година зоната ќе се комплетира. Сакам да напоменам дека досега во зоната е изградена канализациона и водоводна мрежа, донесена е електрична енергија, изградени се улици и тротоари. Зоната прерасна во една од најубавите индустриски зони во Македонија. Таму ќе најдат работа уште околу 1.500 работници – истакна градоначалникот Марјан Ристески.

Зоната Прилеп 1 е пример како треба да изгледа една современа бизнис зона, затоа што прво се изгради инфраструктурата, а после објектите.

– Службите го сработија комплетното донесување на деталниот план, се изработија ажурирани подлоги, нанесување на теренот, реализирање на инфраструктурата и на крај продажба на сите 20 парцели. Десетина инвеститори се започнати со градба, а останатите се во фаза на вадење на потребната документација. Оваа зона може да послужи и како пример за сите останатите детални планови. По оваа насока ќе продолжи во индустриските зони Прилеп 2 и Прилеп 3. Прилеп 2 е предвидена за зона со помали локации, а Прилеп 3 за поголеми капацитети. Некои локации се со големина и од 35.000 м2 – рече Илија Карески, раководител на сектор за урбанизам.

Паралелно, заедно со Владата, последните неколку години Општината Прилеп ја развиваше и ТИРЗ Алинци каде веќе се влезени компаниите Гентерм и Акомпласт.

– Се очекува градбата на фабриката уште на една мултинационална компанија, германски ВИК, која веќе има отворено канцеларија во центарот на Прилеп. Во зоната во иднина, доколку се отворат сите фабрики на предвидените локации од околу 80 хектари, треба да ангажираат над 5.000 нови вработувања. Во тек е продажба на локации и во индустриската зона Прилеп 2, во близина на Сточниот пазар. Таа е наменета за мали и средни претпријатија, од незагадувачка индустрија. Пет локации се веќе продадени. Очекуваме годинава да започне и градбата на објектите, а до крајот на 2017 година планираме да се продадат и другите 10 локации. Се работат  детални урбанистички планови на индустриските зони Прилеп 4 и Прилеп 5. Станува збор за околу 100 хектари за изградба на фабрики и погони, со што Прилеп станува една од најперспективните и најпримамливите општини во однос на привлекување на домашни и странски инвеститори – додава Ристески.

Освен странските инвеститори, интерес покажуваат и домашните компании.

Милион евра заштеда од градските ламби           

Над еден милион евра се вложени во јавното осветлување на градов и селата. Станува збор за инсталација на околу 7000 енергетски ефикасни светилки поставени од 2008 година кои заштедија над еден милион евра електрична енергија за јавното осветлување. Со реинвестирање, Општината ја прошири мрежата на повеќе од 20 км. во градот и во селата.

Loading