НАСКОРО СО МЛЕЧЕН РЕСТОРАН

Компанијата „Стара Фурна” ја продолжува успешната приказна

Planovi za prosiruvane vo   industriskata zona Prilep 1

Млечен ресторан наскоро планира да отвори фирмата „Стара Фурна” која е доказ за успешните мерки на Владата и АВРМ. Ќе има и нови работни места.

Од фирма со само еден вработен во 2012 година и грант од 3.000 евра, кој сопственикот Владимир Апостолоски го доби преку мерките за самовработување од АВРМ, во 2012 година, денес „Стара Фурна”, прерасна во компанија која отвори уште два нови објекти во индустриската зона „Прилеп 1″. Моментно има 39 вработени.

– Планираме во скора иднина да отвориме од 12 до 13 нови работни места, со тоа што сакаме во индустриската зона „Прилеп 1″, која наголемо се развива, да отвориме и млечен ресторан. Испорачуваме леб во Прилеп, Кавадарци и Велес, а комплетното производство изнесува околу 10.000 парчиња на ден – вели Владимир Апостолоски, сопственик на фирмата „Стара Фурна”.

Компанијата е пример за развивање со државна помош.

– И во наредниот период ќе помогнеме, преку оперативните мерки на Владата, луѓето да се вработат, но и компаниите да го развиваат поуспешно својот бизнис, да го унапредуваат, надминувајќи ги потешкотиите – рече Ибрахим Ибрахими, министер за труд и социјална политика.

Во новиот оперативен план за активни мерки, предвидени се околу 870 милиони денари, или 14,2 милиони евра, од кои 74 милиони денари се директно од ЕУ, преку третиот грант за поддршка за вработување на млади до 29 години.

– Планот тежи 2,6 милиони евра повеќе за разлика од лани и со него се планира да се отворат нови 10.000 работни места во Македонија, од кои 5.000 преку проектот „Македонија вработува 2″ – вели Владо Поповски, директорот на АВРМ.

Се поттикнува претприемачкиот дух, а воедно и им се помага на тешко ранливите групи да се вработат со субвенции за вработување или преку субвенцијата за условен паричен надоместок со што директно се таргетирало до граѓаните со социјален ризик.

Покрај парите, основачот на „Стара Фурна” доби и обука за претприемништво.

Лани, компанија доби награда за една од најбрзорастечките компании т.н. „Газели”, со што доби 10.000 евра и можност да вработи 4 лица преку програмата.

Сите оние компании и бизниси кои негуваат традиционални занаети можат да се вклучат во оперативниот план преку финансирање на обуките и вработените да дојдат до квалитетен занает и да отворат сопствен бизнис.

Во моментов, 43.744 лица уште се во работен однос, независно дали биле вработени преку проектите „Македонија вработува 1″, „Македонија вработува 2″ или преку вработување на млади до 29 години со ослободување на придонеси.

ИНФРАСТРУКТУРАТА ПРОДОЛЖУВА

Во индустриската зона Прилеп 1 каде “Стара фурна” отвори два нови погони, продадени се 21 локација, а во тек на градба се и нови 7 објекти. Локалната самоуправа од Прилеп има вложено над милион евра за изградба на инфраструктура.

– Направена е комплетната инфраструктура до самите објекти, а на оние фирми пак што веќе се при крај со добивањето на потребната документација или започнуваат со градбите локалната самоуправа на сите ќе им овозможи комплетна инфраструктура, започнувајќи од водовод, канализација, пристапни патеки, електрично осветлување. Што значи дека покрај тоа што локалната самоуправа од Прилеп досега има вложено околу 1 милион евра за изградба на инфраструктурата и пристап на сите објекти кои започнале, ние продолжуваме со докомплетирање на зоната- вели Илија Карески, раководител на сектор за урбанизам.

Паралелно тече и изградбата на инфраструктурата во индустриските зони „Прилеп 2″ и „Прилеп 3″.  

Loading