ФУСТАН И ФУСТА

ivce1Одамна беше. Многу одамна. Најверојатно ќе беше 1955 година. Се врткавме во театарот многу млади луѓе, речиси деца. Ни даваа понекогаш да статираме во некои претстави. Пред почетокот на една таква претстава, слушнавме како Нада Гешоска, тогаш актерка во прилепскиот театар, бара од гардероберката (тетка Ленка) да и ја донесе ФУСТАТА. Помисливме дека Нада прави грешка. Нам ни беше познат зборот ФУСТАН, а тоа е именка од машки род, а Нада вели – ФУСТА. Подоцна, со гледање, со потпрашување, осознавме дека ФУСТАН и ФУСТА не било исто. ФУСТАТА е всушност алиште кое се носи под фустанот, за да се добие многу поширока форма. Во Речникот се внесени двата збора и ФУСТА и ФУСТАН. Во Речникот на странски зборови и изрази од Зозе Мургоски објаснето е дека двата збора имаат италијанско потекло. Којзнае од кога и по какви патишта се влезени во нашиов јазик. Во Лексиконот на Вујаклија стои дека ФУСТА има и такво значење, на мал товарен брод. Но, тоа сега не не интересира. Во нашиот Речник (тритомниот), се објаснува дека ФУСТА се користи само разговорно. Веројатно поради тоа што веќе ретко или воопшто не се употребува. Но зборот го има.

Пред некое време, прелистувавме некоја книга од областа на модата. Бугарска книга. И таму го среќаваме зборот ФУСТА. Интересен е 18 век, за времето на стилот РОКОКО, кога фустаните во долниот дел, достигнувале широчина и од четири метри. Тоа се постигнувало со ФУСТАТА, на која биле прицврстувани и обрачи за да може да се одржува ненормалната широчина. Проблем било влегувањето во вратите, а и кавалерот што ја придружувал дамата оддалечен е од неа на два метра. Како што се знае, модата поминува, но и се враќа. Во 19 век, за времето на стилот БИДЕРМАЕР, ФУСТАТА е одново актуелна. Одново се носат широки, мошне широки фустани и задолжителната широка фуста под нив, за да се добива енормната широчина. Развојот на модата не ни е тема. Не интересира зборот ФУСТА. Значи, ете, се користи и во бугарскиот јазик. Рековме, во далечното време се користеше тој збор во театрите. Таму се играа пиеси од разни епохи, па и од времето кога фустата била актуелна. Таму се играат и сега такви пиеси, но ретко некој го употребува зборот ФУСТА.

Во втората половина на 20 век, некоја слична мода навлезе и кај нас. Жените, особено младите, носеа некакви широки фустани со задолжителни ФУСТИ, се разбира без оние обрачи од времето на РОКОКО. Што се случи кај нас ? Фустанот си остана ФУСТАН (или прилепски Ф’СТАН), но здолништето, под силното српско влијание стана СУКЊА. Здолниште е, нели, она алиште што го носат жените, кое почнува од половината и завршува до коленици или уште пониско. Како што рековме, нашиве луѓе тоа почнаа да го викаат – СУКЊА . И сега, одејќи по тој пат и пак под влијание на српскиот јазик, фустата ја викаа ПОТСУКЊА. Зборовите ФУСТАН и ФУСТА, рековме дека се одамна, многу одамна навлезени и зацврстени во нашиот јазик. Дури и ретко некој знае дека тие не се наши стари зборови. ФУСТАНОТ се задржа, си го задржа своето име. Српскиот збор ХАЈЉИНА не успеа да го истисне (со мали исклучоци). Кутрата ФУСТА срамежливо му го отстапи местото на српскиот збор ПОТСУКЊА. Исто како и ЗДОЛНИШТЕТО што стана СУКЊА (погрешно). Денешнава мода сосема е поинаква. Жените (особено младите) главно носта панталони. Зборот ФУСТА ниту некој го употребува, па ниту го слушнал.

Како што рековме, модата се менува и се враќа. Можеби ќе дојде повторно времето на ФУСТАТА. Белки и така ќе ја нарекуваме. 

Loading