НА КАНТАРОТ ПОСЛЕДНИТЕ БАЛИЊА

Пред 15 март привршува откупната сезона на тутунот

Зголемен интересот за тутунопроизводство, оти просечната цена  мина 195 денари.

Се чекаат субвенциите од по 60 денари за килограм

Od tutunot se pravat dobri pari

Одамна не се памети тутунарите да бликаат од радост, поради добрата проценка на ланскиот род, рекордни просечни откупни цени, а со тоа соодветниот надомест за вложениот труд. Затоа уште отсега токмат планови за зголемување на површините под оваа, единствена, култура со загарантиран откуп и државна заштита на производителите. Згора на тоа, последниве десетина години стимул се и субвенциите од по едно евро за килограм.

Данчо Милески, првиот човек на Сојузот на тутунарите, оценува дека е одлична откупната сезона која речиси е завршена. Во целата земја остануваат да се преземат уште околу илјада тони ориентален тип на тутун.

– За неполн месец ќе почне подготовката на расадниот материал за следната сезона, најпрвин во источниот дел од земјава. Малку можеби потфрливме во прогнозите кај количествата за лани, но квалитетот го типуваме точно. Очекувавме околу 20 илјади тони, а веќе се преземени речиси 21 илјада тони. Остануваат да се откупат уште околу илјада тони оиди минатогодишната берба која тежи околу 22 илјади тони. Имаше малку нејаностии поради стечајот на Струмица табак, но сé добро заврши. Тутунарите, кооперанти, на ова фирма го предадоа родот во другите десет компании. Цената од 195 денари, во просек, е задоволувачка. Плус очекуваните субвенции, тутунарите можат да тријат раце и отсега веќе ги засучуваат ракавите да ги зголемат површините за следната реколта – објаснува Милески.

Тој не сака да прогнозира каков ќе биде интересот на тутунарите, но е убеден дека ќе биде поголем од лани.

Тутунарите  веќе готват планови колку да го зголемат производството,  колку стракови да засадат повеќе и на какви површини, како да го поевтинат производството, како да берат повеќе, како да наводнуваат, прихрануваат и да го заштитат родот од невреме и болести. И најважно како да го финансираат и сработат идното зголемено производство.

– Не паметам подобра година за тутунарите. Родот мина над 200 денари во просек. Тоа нé предизвика да ангажираме поголема нива под кирија за да го зголеммиме производството. Четворица и неколку аргати извадивме три тони на нешто повеќе од десет декари. Ќе заработиме над 12 илјади евра со субвенциите. Чистата добивка е помалку од десет илјади евра. Тоа е добра пара. Тутунот се исплати последниве години. Не е само за леб и гола егзистенција, туку се обезбедува солиден стандард за наши услови. Затоа ќе продолжиме со поголемо производство – вели тутунарот Стеван Тодороски.

Илија Николоски пред неколку години се куртулил од тутунопроизводството, оти станал пензионер. Пак ќе се враќа на ,,старата љубов,, на тутутнот, со кој спечалил куќа, автомобил, направил свадби, дал руво при мажачката и женачката за децата.       

– Се договоривме со децата да го искористиме стекнатото знаење и искуство од годините. И тутунот е занает. Има полно марифети. Од годините имаме скелињата. Ќе се вратиме со децата кои работат во фирма за ситни пари, а со тутунот ќе заработуваат повеќе од една минимална плата на човек. А не се работи цела година. Не е како некогаш, килограм за стотка. Излегува есапот. Ќе одгледуваме тутун на десетина декари, а в година, Боже здравје – вели Николоски.   

Експертите се похрабри и го делат мислењето со тутунарите. Оценуваат дека годинава ќе се произведе најмалку 15 отсто повеќе или над 26 илјади тони. Падот на производството на ориенталниот ароматчниот тип на тутун во Турција и тамошната преориентација на други култури, како и редукцијата во Грција и Бугарија, предизвикуваат недостиг на тутун за фабриките за цигари. Годинава, се очекува тутунот да се бара повеќе, а со тоа и цените да бидат поатрактивни. Големите земји, производители, не можат да ги анимираат производителите со бенефиции како македонските, особено со субвенциите.

Инаку, откупните претпријатија после десетина дена ќе остават само неколку откупни пунктови да ги задоволат законските обрски. Откупната сезона официјално трае до 15 март, а после може да се очекува субвенционирањето. 

Loading