Необични прилепчани
Прелистувајќи ги некогашните весници, најинтересни се приказните за необичните луѓе, различни од другите. Издвојуваме текстови во оригинална верзија за неколку сограѓани кои некогаш го свртеле вниманието на јавноста.
Спиење на тераса
Необичната прикана за Борис Цветаноски, човекот кој спие на тераса под ведро небо, изложен на сите временски погоди и непогоди, започната е 1985 година. Оттогаш нашиот јунак секогаш излегува на тераса, облечен во пижами. Подготвен за спиење се вовлекува во креветот. Се покрива со две ќебиња и една постара јамболлија. Така ја минува ноќта. Спие, има здрав сон и се чувствува пријатно.
-Нема повлекување. И налето, и назиме, и напролет и наесен, спијам на терасата. Нити горештините, ниту големиот студ, можат да ме натераат да се повлечам, да го одложам спиењето на терасата. Немам мака ниту од дождовите, ниту од снегот. Се случува ветрот да нафрли снег врз мене. Станувам и го отфрлам снегот. Така и со дождот. Никој не може да ме натера да го сменам леглото, да се преместам во собите – вели соговорникот пред годините.
Тој ја сака природата и кеф му е да спие надвор, а се лути на оние кои се обидуваат да проверат.
– Не сакам просторија, четири ѕида. Постојано сум во движење – вели тој.
Инаку, Цветаноски живееше во близина на селото Мало Коњари како наставникот во пензија.
Ученик јаде жилети
Во старите весници се чита дека во детскиот дом ,,Кузман Јосифоски – Питу,, во Прилеп живеел ученикот Богдан Ристески, кој јадел светилки, грамофонски плочи, а секое утро за појадок, покрај останотото и по еден жилет! Медицинскиот феномен бил роден во 1940 година во Карбуница, Кичевско.
Во 1958 г. во Домот ги демонстрира необичните способности да јаде стакло и железо. Отиде во собата и се врати со жилети в раце. Пред нас стави жилет в уста, го издроби со забите и го голтна!. Потоа изеде уште еден жилет и парчиња од светилка.
– Секој ден, заедно со појадокот добивам како следување по еден жилет. Го јадам. Тоа е како тренинг заодржување на кондицијата – вели тој
Богдан јаде стаклени и железни предмети од 1957 година. Бил подложен на лекарски преглед. Констатирано е дека железото и стаклото што ги внесува во желудникот не му причинуваат никаква штета.
Прилепчанец – милијардер
Стеван Мидоски пред неколку месеци (1988 година) замина во САД. Го поведе семејството, сопругата и трите ќерки во Гарфилд, Њу Џерси. Се вработил, ама станарината во САД е мошне висока. Имал страст во игрите на среќа и не ја откажал ниту Америка. И таму купил талон од играта на среќа викана ,,пикс-сикс,,, слично на нашето лото. При извлекување влегол во потесниот избор за еден милион долари, во таканаречениот ,,бонус,,. Среќата најмногу го сакаше прилепчанецот. Во финалето беше извлечен талонот. Бил среќен и возбуден, оти не се малкуи околу триста милијарди стари динари.
Така тој секоја година добивал по 50 илјади долари дури 20 години. И се вратил во Прилеп да ја продолжи работата во ,,Центропромет,,.
Уште има луѓе
Посебен вид на хуманост искажува сограѓанинот Бранко Петрески (1988 година). Во Центар за печат и радио Прилеп дојде со штедна книшка и ,,живи,, девизи.
– Ја најдов во банката. Мислив дека е празно најлонче и го подигнав да го фрлам во корпата за отпадоци. Забележав дека има книшка и пари. Па еве ја донесов да јавите преку радиостаницата да дојде сопственикот да си ја земе. сопственикот дојде во Редакцијава, а го упативме кај наоѓачот.
Во денешно врме кога се се мери преку парите, кога се гледа се и секого да се искористи, изненадува односот на нашиот сограѓанин или што би рекле постарите; ,,Уште има луѓе на земјава,,.