ПЛОТУН И ПЛУТОН

ivce1Почина Фидел Кастро. Легендарниот кубански водач. Неговата желба била телото да биде кремирано. Слушаме на некоја од нашиве телевизии емисија посветена токму на Фидел Кастро. Новинарката објаснува повеќе детали за неговиот живот. Го соопштува и фактот дека желбата му била телото да биде кремирано. Зборувајќи така, новинарката ни соопшти дека во негова чест биле испукани 21 ПЛУТОНИ. Токму зборот ПЛУТОН ни го сврти вниманието и не потсети на некое одамнешно време, кога го служевме воениот рок. Нели, тогаш во Југославија, сите служевме војска и се заколнувавме дека ќе ја браниме земјата.

Во почетокот, младите војници, регрути, делуваат понекогаш подисплашено, збунето. Учејќи за некои војнички термини, честопати погрешно ги научуваа и погрешно ги изговоруваа. Се сеќаваме на лекцијата во која меѓу другото, учевме и тоа како се вика масовната, едновремена стрелба од повеќе оружја или орудија. Таквата стрелба се вика ПЛОТУН. Повеќе војници ја правеа истата грешка како и новинарката. Наместо ПЛОТУН, тие велеа ПЛУТОН. Нели така не извести новинарката – 21 ПЛУТОНИ. Разликата меѓу зборовите ПЛУТОН и ПЛОТУН е голема, па според тоа и грешката на новинарката е голема.

Да ги прокоментираме двата збора. Значи, едновремената стрелба од повеќе оружја или орудија се вика – ПЛОТУН. Таква стрелба била извршена во чест на Фидел Кастро. Зборот ПЛОТУН има италијанско потекло. Понекогаш се користи и францускиот збор – САЛВА. Се среќава понекаде и зборот ЗАЛП со истото значење. Најмногу сме го среќавале во романот “Крпен Живот ” од Стале Попов. Не му го знаеме потеклото на овој збор. И покрај се, зборот ПЛОТУН е најпознат и најзастапен.

Велиме дека често пати тој збор се заменува (погрешно) со зборот ПЛУТОН. А ПЛУТОН е една од планетите во сончевиот систем (во последно време се смета дека веќе не е планета). Во грчката и во римската митологија ПЛУТОН е бог на подземниот свет. Поточно, во грчката е АД, а во римската ПЛУТОН. Името му означувало – давател на богатства. Се верувало дека тој ги чува благородните метали во утробата на земјата и им ги дава на луѓето.

Се префрламе на друга тема. На ТВ, емисија од областа на кулинарството, за здравата храна. Гостинка во емисијата позната пејачка, а и ТВ водителка. Зборува, објаснува за здравата храна, за својот ЈЕЛОВНИК. Каде ли го најде зборот ЈЕЛОВНИК? Српскиот збор (именка) ЈЕЛО, значи ЈАДЕЊЕ. Од таа именка (јело) е добиена и именката ЈЕЛОВНИК. Тоа е кај нас ЛИСТА НА ЈАДЕЊА. Не мора да се зема српската форма и потоа да се калкира (да се преведува буквално), па да се добива именка – ЈАДАЛНИК. Некои практикуваат да го користат францускиот збор – МЕНИ, со акцент на последниот слог. Бугарите го имаат масовно прифатено овој збор, со тенденција да прилега повеќе на францускиот изговор, па го викаат МЕНЈУ. Кога ќе влезе некој во ресторан да руча, веднаш го бара од келнерот да му го донесе МЕНЈУТО, за да одбере храна. Во нашиот јазик зацврстена е формата – ЛИСТА НА ЈАДЕЊА. И еве ја сега и редовната грешка – ЖИТАРКИ. Гостинката во емисијата многу ги сакала и многу ги јадела. Широката употреба на српската именка ЖИТАРИЦА мнозина ја помакедончуваат и ја викаат ЖИТАРКА. Погрешно е и во едниот и во другиот случај. Едноставно, тоа е ЖИТО или по потреба може да се рече – ЖИТНИ ЗРНА, исто како и ЖИТНИ СНЕГУЛКИ. Водителката кажа дека гостинката имала ВИТКА линија. Може да биде ВИТА, а не ВИТКА. Гостинката навистина имаше ВИТА става, но тоа е во контрадикторност со она дека сакала да јаде и јадела ЖИТАРКИ. Па, госпоѓо, ЖИТАРКА е жена што произведува или што продава жито или пак сопруга на човек кој произведува или продава жито. Јадете госпоѓо ЖИТО, ЖИТНИ ЗРНА, ЖИТНИ СНЕГУЛКИ, за кои некои се уште велат ПАХУЛИЦИ. А немојте да јадете ЖИТАРКИ. Не би било тоа здрава храна. 

Loading