БОГАТА ПРОГРАМА НА ПРИЛЕПСКИТЕ КУЛТУРНИ ИНСТИТУЦИИ ВО 2017 ГОДИНА

Brojni kulturni nastani vo CK   Marko Cepenov - renoviranata golema  sala

Ценејќи го националниот интерес, Министерството за култура ја објави програмата за работа и на прилепските културни институции за 2017 година. Значајно е што буџетот е повисок во однос на лани. Културата е задоволна од одѕивот на понудените проекти за финансирање со  акцент на запазување на националните интереси за презентација и заштита на македонската култура и уметност.

ЦК „Марко Цепенков“ лидер во ликовната дејност

Прифатени се речиси сите проекти на ЦК „Марко Цепенков“ од музичко сценската, фолклорната, драмската и ликовната дејност. Од градскиот храм на културата,  преку зборовите на директорот Тони Чатлески, најавија раскошна културна понуда.

-Во сценско музичката дејност прифатени се осум проекти, меѓу кои гостувањето на националниот балет при Македонската опера и балет со современата балетска претстава ,,14 часа,,, концерт на камерниот оркестар од Битола со проектот ,,Рок симфонија,,, целовечерен концерт на професионалниот камерен хор ,,Про арс,, (програма за камерен хор од македонски и странски композитори), концерт на триото ,,Ад либитиум,, (Ад либитум), на Трио Долче, како и на групата ,,Чалгија саунд систем,,. Добивме поддршка за октетот Прилеп и за КУД ,,Моминок,,. Ќе реализираме настани со сопствени средства како што е традиционалната манифестација, Прилепско културно лето – рече Чатлески.

Театарот годинава ќе има три премиери

-Тоа се претставите ,,Клетници,, од Виктор Иго, во режија на Мартин Кочовски, ,,Ништо без Трифолио,, од Русомир Богдановски, во режија на Коле Ангеловски и ,,Галоп на радоста,, од Ивана Нелковска, во режија на Ивана Ангеловска. Добивме средства за темелно и целосно реновирање на театарот. Одобрено е гостување на фестивалот во Никшиќ – вели Чатлески.

Најбогата е поддршката за ликовна дејност

-Ниту една институција во земјата не доби толку проекти како ние за реализација на 36 настани од ликовната дејност, меѓу кои ликовната колонија Дрен. За десеттото издание ќе внесеме нови правци во ликовната уметност. Дела на еминентни ликовни уметници ќе можат да се видат на десетици изложби. Првпат добивме средства за изложба на членовите на ДЛУП – додава Чатлески, надевајќи се дека 2017 година ќе биде уште поуспешна и најдобра последните десет години.

Завод и Музеј ќе го заштитува културното наследство

Ќе се заштитува недвижното, нематеријалното културно наследство, но и движното. Планирана е градба на Лапидариум, отворање на  етнолошко-етнографската постојана поставка – ,,Потковица на животот,, потоа непосредна заштита, конзерваторскиот проект – Фрагменти од керамички садови од локалитетот Сламите, селата Вепрчани, Мариово, конзервација – Фрагменти и култни предмети од локалитетот Трештена Стена, кај селото Манастир, Мариово, потоа изложбата ,,Ченто – биографија низ фотографија,, конзервации на црквата Св. Никола, во  Кривогаштани, реевиденција на регистрираните икони како споменици на културата, како и проектот ,,Училиштата во музеите или музеите во училиштата,,. Планирани се пари за санација на депоата.

Со државни средства музејот ќе набави домашни и странски публикации и ќе оспособи библиотекар, а во рамките на заштитата на недвижното културно наследство. Предвидени се комплетирање на проектите за изградба на црквата, трпезаријата, магерничкиот конак и магерницата на манастирот Трескавец. Ќе се препокрива црквата Св. Никола, Манастир, ќе има археолошки истражувања на локалитетот Сурун, кај селото Дупјачани, завршување на темелната реконструкција во источниот конак од манастирот Св. Архангел Михаил во Варош и препокривање на Спомен-домот на Блаже Конески во Небрегово – посочуваат надлежните.

isklucitelnata arheoloska postavka   na Muzejot

Археологија и издавање на книга за Зрзе

Институтот за старословенска култура, со поддршка на државата ќе ја објави книгата ,,Зрзе: старохристијански мартиријален комплекс и средновековна монашка населба,,  од д-р Бранислав Ристески, преку која ќе се пренесат сите значајни фази од обновувањето на овој монашки комплекс, а ќе се вршат истражувања на локалитетите Врбјанска Чука и археолошки локалитет Кале кај селото Локвени.

Пари и за независни проекти

Министерството за култура даде виза за печатењето на книгата  ,,Пушти ми музика да поиграм,, од починатиот автор Трајче Крстески и за објавување на романот ,,Безимениот,, од  Петар Петрески, кој обработува современа тема, поврзана со севкупните состојби во Македонија, преточено на еден литературен план.

Има пари за концертот  на Студиото Зодијак. Станува збор за музичко сценскиот спектакл за деца ,,Аладин и волшебната ламба,, во режија на Владимир Ѓорѓијоски и Кире Миладиноски. Театарската работилница Прилеп ќе ја реализира претставата ,,Алан Форд и ТНТ,, во адаптација на Лидија Митоска Ѓорѓиовска и во режија на Игор Трпчески. Ќе се реализираа и новото издание на МТФ ,,Војдан Чернодрински,, и Фестивалот на народни инструменти и песни ,,Пеце Атанасовски,,.

Пари има и за прослава на јубилејот, 70 години на КУД ,,Мирче Ацев,,. За КУД ,,Пере Тошев,, за одбележување на 30 годишниот јубилеј и за годишна работа ФА ,,Мирче Ацев,, од Тополчани. Финансирано е 33-тото издание на традиционалната манифестација ,,Мариовско-мегленски културни средби.

Loading