ДИСКРЕЦИЈА

ivce1Првата седмица од месецот е важна за пензионерите. Тогаш доаѓаат пензиите. Редиците пред шалтерите во банките се долги. Во Стопанска банка, приближно на половина метар од шалтерот, долу на патосот, повлечена е жолта линија. На убава табличка поставена на определена стојка пишува: “Дискреција! Застанете зад линијата”. Убаво. Стоиме во редицата и го чекаме редот. Ненадејно, некој од соседната редица не повлекува за ракавот. Се вртиме и гледаме непознат човек, поднасмевнат, и дискретно вели: “Кој ќе го разбере од стариве овој збор дискреција”? Како се вели тоа на македонски? Да напишеш за ова во “Зенит”. Се поднасмевнавме и така некако, ја одобривме неговата забелешка.

Жолтата линија и напишаната табличка имаат улога да не предупредат да не се нагрвалуваме сите на шалтерот, како што си имаме обичај. Убаво е човекот што дошол на ред, што стасал до шалтерот, спокојно да ја заврши работата, без некој да му дише во вратот. Во крајна линија, непријатно е и неучтиво да му гледаш на друг човек колку пари зема или колку внесува. Мнозинството од луѓето го почитуваат предупредувањето, макаршто има и исклучоци.

Е сега, она другото. Дали го знаат сите, особено старите, значењето на зборот ДИСКРЕЦИЈА, и дали имаме македонски збор со истото значење?

Да видиме што значи тоа ДИСКРЕЦИЈА? Латински е зборот. За кој човек велиме дека е ДИСКРЕТЕН? Тоа е човек внимателен, одмерен. Одмерен во говорот, во однесувањето. Тивок, ненаметлив, кој не сака бучно и нападно да се истакнува. Човек кој знае да чува доверена тајна. Човек кој води сметка за чувствителноста на другиот. Пребарувајќи во повеќе речници и лексикони, речиси насекаде вакви се квалификациите за ДИСКРЕТНИОТ човек. Можеме да пронајдеме и да придодадеме уште некои атрибути и епитети, но сметаме дека ова е доволно и доволно е објаснето значењето на зборот ДИСКРЕТЕН, па оттука и на ДИСКРЕЦИЈА.

Е, сега, се поставува прашањето, дали има во нашиот јазик збор што приближно ќе ги содржи сите наведени значења. Дали треба да земаме стапови и да го бркаме зборот (туѓ) ДИСКРЕЦИЈА и да го замениме со некој наш? Тешко дека ќе успееме во тоа. На табличката може да пишува – ВНИМАНИЕ, наместо ДИСКРЕЦИЈА. Но тоа би било некако, пренагласено. Може на табличката да биде напишан сосема поинаков текст, со други зборови а да ја задоволува истата потреба. На многу места сме прочитале, наместо “Пушењето е забрането”, пишува – “Ви благодариме што не пушите”. Целта е иста, но пронајдена е помека, поучтива форма. Може нешто слично да се употреби и во банката. Може да се пишува: “Ви благодариме што стоите зад линијата”, или нешто слично. Постојат многу можности. Но, во банката го одбрале овој начин, оваа можност, и според нас, не направиле грешка. Зборот ДИСКРЕЦИЈА не е единствен туѓ збор. Тој навлегол во нашиот јазик. И не е нашиот јазик единствен кој му дал “државјанство” и го користи како свој. И не е само тој збор. Има многу, многу такви. Точно е дека постарите не го знаат можеби вистинското значење, но практиката ќе ги натера да го осознаат. Се разбира, треба да се има строга контрола при употребата на туѓите зборови. Опасна е појавата кога се користат туѓи зборови, обично српски, кога имаме свои. Пред некој ден слушавме на телевизија емисија од областа на здравството. Извесна докторка вели: “Малте не, секој втор човек има покачен крвен притисок”. Не знаеме дали тој збор се пишува одвоено МАЛТЕ НЕ или слеано МАЛТЕНЕ. Веруваме дека и докторката не го знае тоа и многу други што го употребуваат.

А убаво може да си се рече дека без малку, секој втор човек има покачен крвен притисок. Може да се рече и дека речиси секој втор човек има покачен крвен притисок.

Многу варијанти, многу можности, но и многу грешки.

Loading