МАКЕДОНИЈА СЕ ПЛАСИРАШЕ(!)

ivce1Играа нашите млади фудбалери до 21 година. Ја победија Шкотландија и се пласираа на завршните игри од Евроспкото првенство. Штотуку заврши натпреварот, спортската коментаторка од МТВ ни соопшти: “Македонија се пласираше на Европското првенство”. Истата новинарка пред некој ден ни рече : “Барселона го елиминираше Манчестер Сити”. Вакви грешки слушаме и од други новинари. Глаголите се ПЛАСИРАШЕ и ја ЕЛИМИНАРАШЕ се несвршени. Тие покажуваат дејство кое не е завршено, кое траело. Според тоа, ќе кажеме дека Македонија се ПЛАСИРА на Европското првенство а Барселона го ЕЛИМИНИРА Манчестер Сити. Чинот е завршен.

Кога сме кај спортските новинари, ќе приведеме уште еден случај. Се водеше полемика за некакви проблеми во спортот. Се предлагаат разни варијанти, разни можности. Еден од присутните новинари категорично вели: “Јас не сум присталица на тоа”! ПРИСТАЛИЦА! Туѓ збор, не му е местото во нашиот јазик. Може на повеќе начини да се каже дека тој не е “присталица”. Може да рече дека не мисли така, дека не се согласува со тоа. Ако треба баш така да гласи тој израз, тогаш може да се рече дека не е ПРИВРЗАНИК на таквата идеја. Може и поинаку, но ПРИСТАЛИЦА не може и не смее.

За предлогот “ВО” многупати сме пишувале. Често погрешно се употребува и се злоупотребува. Во некоја емисија се зборуваше за некои проблеми кои бавно се решавале. Еден од соговорниците (професор) кажа една мудра кинеска изрека: “Не плаши се од спориот напредок, туку од стоењето во место”. Еве ја грешката. Секое стоење мора да биде во некое место, во некој простор. Не може да се стои некаде надвор од просторот. Овде станува збор дека е лошо стоењето В МЕСТО (не во место). В МЕСТО значи дека се стои само на едно место, дека не може да се мрдне оттука. Професорот прави уште една грешка во преводот на кинеската мудра изрека. Македонскиот збор е БАВНО, а не СПОРО.

Во едно убаво дизајнирано списание, на фина хартија, прочитавме некои текстови во врска со модата. На едно место пишува вака: “Во 1920 година во мода е фрак со штиркана бела кошула, полесно се пробиваат поопуштени варијанти на одела”. Еве пак погрешна употреба на предлогот “во”. Кај нас тоа треба да гласи НА МОДА, а не ВО МОДА. Присутна е во овој текст и една друга грешка – ОДЕЛО. Кај нас како норма е земена именката – КОСТУМ. ОДЕЛО се добива од српскиот глагол ОДЕВАТИ (се) (се облекува). Скопјани го прифатиле тој српски збор и го шират низ Македонија. Се сеќаваме, пред повеќе години, на еден предизборен митинг, еден познат тогашен политичар, беше погоден со јајце. Тој, сакајќи да го задржи своето достоинство и сакајќи да биде малку духовит, вели: “Ах, а ете немам друго одело”. Навлегува тој збор. Го слушаме и од многу новинари. А погрешно е тоа. Многу погрешно. Таа именка и со самиот акцент не може да се вклопи во нашиот јазик. А ако се акцентира правилно, тогаш се добива сосема нешто друго. Ќе се добие глагол во минато неопределено, несвршено време, на пример: “Детето одело, одело и паднало”. И тука тоа си е во ред. А она другото, што се однесува до облеклото, тоа си е КОСТУМ, КОСТУМЧЕ. Постои и машки и женски КОСТУМ. Се вовлекол тука збор и со малку поинаква форма – КОСТИМ. Обично тој се користи во театрите, па дури се развила и глаголска именка – КОСТИМИРАЊЕ. И во капачките реквизити се користи – КОСТИМ за капење. Во Речникот се одбележани и двата збора, и КОСТУМ и КОСТИМ. ОДЕЛО – никако.

Грешка од синтаксата. Гледаме многу емисии од областа на кулинарството. Водителот ги праша гостинките: “Што денеска ќе имаме од рецептите”? Запомнете господа новинари! Во прашалните реченици глаголот доаѓа веднаш по прашалниот збор : “Што ќе имаме денеска од рецептите”. А редовно слушаме: “Тоа беше најавата, еве што друго ќе гледате”! Не! Не така. – “Еве што ќе гледате друго”. Таков е редот на зборовите!   

Loading