Одбележан празникот Свети Никола
– Васидора го предаде признанието на идниот домаќин Салида
Како што секое семејство со многу љубов и посветеност ја празнува домашната слава за здравје и бериќет на домашните, така и Општина Прилеп, приклонувајќи се кон масовноста на празнувањето, повеќе од една деценија организирано го празнува Свети Никола, закрилникот на градот. Одбележувањето се темели на желбата за просперитет на локалната заедница и сите нејзини граѓани за благосостојба и напредок. Уште повеќе што во Прилеп, Свети Никола го празнува секое второ семејство.
По 11-ти пат, годинава се прослави празникот на градот „Св. Никола”. Во црквата „Свето Благовештение” се одржа празнична литургија, а потоа со литија сите се упатија во центарот на градот пред параклисот на светецот „Св. Никола” , каде што се одржа централното чествување.
На булеварот „Гоце Делчев”, традиционално, беше поставена посната трпеза за сите прилепчани и посетители на празникот. Годинашниот домаќин, конфекцијата „Васидора”, ги направи сите подготовки кои вклучуваа приготвување на 65.000 посни сарми.
– Големо е задоволството што продолжува оваа традиција во градот под Марковите кули, а по примерот на Прилеп и други градови во Македонија започнаа да поставуваат православни светители за свои заштитници. Уште поголемо задоволство е што еден од најголемите економски брендови за Прилеп, компанијата „Васидора” се домаќини и им посакувам да имаат многу здравје, среќа и успех понатаму во работењето. Прилепските компании со учествувањето на овој настан покажуваат една голема општествена одговорност. Да им се заблагодарам и на сите женски организации кои редовно учествуваат во виткањето на сармите, тие се оние вредни раце кои пред неколку години го донесоа и гинисовиот рекорд за Прилеп – рече градоначалникот Марјан Ристески.
Според Јоргос Василопулос, сопственик на „Васидора”, пет здруженија на жени ги подготвија сармите за кои беа набавени 1.200 килограми зелка, 80 килограми ориз, 40 килограми црвен пипер, 300 литри масло за готвење. А за посната трпеза и за сите гости кои беа во центарот на Прилеп набавени беа 200 килограми грав, 350 килограми риби, 100 килограми маслинки, 100 килограми овошје, 2000 литри бело и црвено вино, 100 литри ракија.
В година домаќини ќе бидат членовите на семејството Ѓорѓиоски и фирмата “Салида”. Задоволството и честа да се биде домаќин го пренесе помладиот сопственик Диме Ѓорѓиоски.
Со богата посна трпеза се празнуваше и пред параклисот на Св. Никола во населбата Жабино маало традиционално ден пред 19 декември. По повод празникот Свети Никола во Центарот за културата „Марко Цепенков” беше отворена традиционалната изложба на икони посветена на Свети Никола.