ЕСПЕРАНТО

ivce1Одамна, некаде во деветнаесеттиот век, Партенија Зографски се застапуваше, или поточно, се занесуваше со идеја за создавање на еден општ, заеднички македонско-бугарски јазик. Се разбира, тоа се покажа како нереално и иднината не го прифати.

Ова го пишуваме само како повод кој ќе ни послужи за наредната тема. Изворот од кој најмногу се црпат грешки се телевизиите. Обично, практикуваме, кога ќе забележиме некоја грешка да велиме дека тоа сме го чуле на некоја од нашите телевизии. Овојпат ќе кажиме точно и конкретно: ТЕЛЕВИЗИЈА КАНАЛ 5. Таму се емитува некаква шоу-емисија која се вика “Среќни луѓе”. Нешто како квиз. Водител и поголем број учесници. Разни прашања, одговори и награди. Во оваа емисија, голем број од учесниците, а особено водителот како да ја прифатиле идејата на Партенија Зографски. Како да сакаат да создадат, овојпат, општ, македонско-српски јазик. Секаде и секогаш се случуваат грешки, но овде веќе се излегува од контрола. Водителот објаснува за наградите од разни предмети, кажува колку КОМАДА ќе бидат тие. Не ПАРЧИЊА, КОМАДА вели тој. Ако му е нешто сомнително тој вели СУМЉИВО. Чоколадните трошки ги вика МРВИЦИ. Наместо ПОСТОЈАНИ вели СТАЛНИ.

Учествуваат во емисијата две млади момчиња. Имале трема, се држеле малку здрвено. Водителот сака да ги ослободи, да ги расположи. Им вели – “Ајде, на месту вољно”. Му се обраќа на едното момче: “Значи ти си кувар? А каде работиш? “Момчето одговара: “У ресторан “Чалгија”. Зборот ГОТВАЧ не им е познат, или пак не го употребуваат за да има подеднаква застапеност од двата јазика. Се поставуваат некои прашања на кои треба брзо да се одговори. Ако не го знаат одговорот момчињата велат – ДАЛЈЕ, ДАЛЈЕ. Во наредната емисија пак млади момчиња, пак скопјанчиња и повторно – ДАЛЈЕ, ДАЛЈЕ. Интересно! Сме гледале и некои други повозрасни учесници кои велат – ПОНАТАМУ. А, еве, младиве, – ДАЛЈЕ, ДАЛЈЕ. Се јавуваат определени проблеми при одговорите. Водителот вели: “Ајде да видиме кој има поише проблеми”. И така, “избалансирано” се користат и српски и македонски зборови.

Постојат во емисијата и прашања од областа на музиката. Им се пуштаат на учесниците кратки мелодии од некои песни, а тие треба да погодат кој пее и истовремено да ги пеат песните. Тука водителот не ја почитува идејата на Партениja Зографски за подеднаква застапеност. Им пушта на учесниците главно српски песни. Тука и Вук Караџиќ не би го оправдал тоа. Но водителот си тера по свое. А учесниците – пеат ли пеат. Ние на кајронот го читаме текстот, а тие пеат. Речиси без проблем го погодуваат авторот на песните (пејачот) и ги пеат. А оној текст што го читаме ние е напишан крајно неписмено. Наместо ХОЌУ, пишуваат ХОЧУ, наместо ДОЃИ, пишуваат ДОЏИ, наместо НЕЌУ – НЕЧУ и којзнае уште колку такви. Од ретките македонски песни што сме ги слушале беше пуштена познатата песна – “Дафино вино црвено”. Додека српските песни учесниците ги пеат, речиси без грешка, овде, кај “Дафино вино” се јави проблем. Ги праша водителот дали знаат што е тоа ГУНЧЕ. Нели има стих: “Поминале клети ајдуци, гуњчето му го украле”? Младите момчиња не знаат што е тоа ГУЊЧЕ. Водителот им објаснува дека тоа било нешто како капутче. Но, не ќе да биде баш така. Заедничкото им е тоа што и двете се дел од горна облека. ГУЊАТА (гуњчето) е шајачно, без никаква постава, долго е до потколеници и е без ракави. Можно е да има внатрешен џеб, пазамарка ја викаат. Сега, речиси никаде не се носи. За капутот да не објаснуваме, на сите им е јасно. А да нагласиме дека точното име е ГУЊА (гуњче), а не ГУНА (гунче) како што го викаат мнозина.

Да кажеме дека односната емисија не ја следиме редовно. Набележаните недоследности се од она што сме го виделе. А и не е можно да се набележи секоја грешка од ова македонско-српско есперанто.           

Loading