НОВИ САДНИЦИ ПРЕД УРЕДОТ

Снегот ја попречи акцијата за садење дрвја во Ореовец

– Се збогати зеленилото и во училишните дворови

Sadnici vo dvorot na Zdravstveniot dom

Снегот ја спречи масовната реализација на традиционалната акција “Ден на дрвото – засади ја својата иднина”, која се спроведе по 17-ти пат. Се одложи засадувањето кај месноста Ореовец, но се засадија листопадни и зимзелени дрвја во паркот пред Здравствениот дом. Нови садници никнаа и во дворовите на основните и средните училишта.

Акцијата секоја година добива поддршка од општината, ЈКП Комуналец, а носител е ЈП Македонски шуми.

– Поради лошите временски услови не се излезе на терен на предвидената локација, кај месноста Ореовец, но училиштата зедоа активно учество во уредувањето на училишните дворови со засадувањето на дрвја. Знаеме колку е важно да се засадуваат дрвја и да се чува природата – вели Марјан Матракоски, советник за образование.

Се засадија повеќе различни видови дрвја во централното градско подрачје. На територијата на Прилеп се одржуваат околу 6.000 дрвја, а секоја година се засадувале над 100 нови. Трендот за збогатување на дрворедите ќе продолжи во следниот период.

– Ќе се засадуваат дрвја и за обновување на булеварот “Гоце Делчев”, улиците “Васко Карангелески”, “Цар Самоил” и “Питу Гули”. Дрвја од типот јапонска цреша ќе се засадат во паркот кај градскиот саат, а ќе се обновува и дрворедот по кејот “1 Мај”. За годинава беа предвидени да се засадат 120 дрвја со обновување на улиците и булеварите, додека за 2017 година предвидено е да бидат засадени 135 дрвја во парковите и парк шумите – вели Лилјана Пурдеска Силјаноска, портпарол на ЈКП Комуналец.

Одложувањето на засадувањето кај месноста Ореовец било направено поради безбедносни причини.

– На месноста викана Ореовец на површина од 20 хектари, требаше да се засадат околу 60.000 садници, но патот кој води кон Плетвар беше затворен за тешки моторни возила, и од безбедносни причини ја одложивме акцијата. Ја поддржавме на ниво на локална самоуправа со засадување на садници во градот – рече Борис Јованоски од Црн Бор.

Инаку, над два милиона садници на 500 илјади хектари беа посадени во 30 катастарски општини во Македонија.

В година планирано е да се засадат пет милиони дрвца со цел заштита на животната средина и обезбедување здрава околина за живеење.      

Zbogatuvanje na zeleniloto vo dvorot na gimnazijata     

Според информациите од ЈП Македонски шуми, од 2008 година до сега со акцијата “Ден на дрвото” засадени се 36 милиони садници, односно вкупно со редовните обврски на Македонски шуми посадени се 68 милиони садници или преку 35 илјади хектари.

Стручните лица тврдат дека услови за садење има додека температурите не паднат до минус 15 степени или не падне некој голем снег. Пошумувањето почнувало од 15 ноември,  сé додека има услови, односно откако ќе заврши процесот на вегетацијата на дрвото или, народски кажано, откако ќе паднат сите лисја на дрвото.

Процентот на зафатеност на дрвјата зависи од географската положба, или климатски услови, но дека највисок е во западниот дел на Македонија. Највисок процент на зафатеност на дрвцата бил во 2009 година кога била влажна година, а најнизок бил во сушната 2013 година кој изнесувал 38 проценти. Од почетокот на акцијата до сега процентот на зафатеност на дрвцата во Македонија изнесува 45,6 проценти.

Акцијата “Ден на дрвото – засади ја својата иднина” почна во 2008 година и во првите четири години, до 2011-та, се спроведуваше во две сезони – пролет и есен. Во последните пет години, пак, пошумувањето се извршува само на есен.

Loading