ЛАВОТ ОСТАНУВА ЛАВ

Dr. Johan GjorgjioskiДраги читатели, доколку со претходните написи споделувавме блиски и слични ставови, размисли и морални дилеми,тогаш тие текстови се и Ваши текстови, затоа што сум ги напишал слушајќи Ве и гледајќи Ве Вас и живеејќи покрај и заедно со Вас.

За жал, отуѓените граѓани, меѓу кои спаѓаме и јас и ти и тој и таа, се плашиме да си признаеме дека сме збунети и избегнуваме со тоа да се соочиме. Сме заборавиле што значи тоа да бидеме горди на самите себе, да ја почитуваме и вреднуваме скромноста, чесниот труд и намери, принципиелните ставови, аргументираните критики, да ги прифаќаме верските, националните , идеолошките, етичките и естетски различности.

Жално е тоа колку многу се идентификуваме со своите лидери, па нивните победи и порази пренагласено ги доживуваме како свои.

Томаш Масарик бил првиот претседател на чешкословачката република. Тој обезбедил огромен прогрес на својата држава и останал запамтен по пораките кои му ги упатувал на својот народ: “Не плаши се, не лажи и не кради”.

Неговиот споменик и трите запишани пораки во центарот на Прага, сведочат за големиот лидер, почитуван заради неговите животни начела. Останал запаметен како најдобриот претседател на оваа држава поради тоа што му ги кажувал овие пораки на својот народ и ги спроведувал со личен пример. Во нашава стварност, за жал, се соочуваме со изгубена гордост, самопочит, идентитет…

Еден од битните аспекти на менталната култура е и доживувањето на сопствениот идентитет, односно да гледаме разбудено и активно на самите себе,  со самовреднување и самопочитување и да не се заглавуваме во сивилото на пасивната просечност и послушност.

Следува кратка приказна од Антони де Мело која сликовито ја претставува нашата заспаност и замаеност со премногу ниско мислење за себе си.

“Еден лав нападнал стадо овци. На големо изненадување пронашол еден лав меѓу нив. Тој лав од мал растел во стадото овци. Блеел како овците и се движел како овца. Лавот се упатил право кон него и кога лавот-овца се нашол на ред на вистинскиот лав, почнал да се тресе како трска на ветар. Лавот му рекол: “Што мајка бараш меѓу овците”. Лавот-овца му одговорил: “Па овца сум”. А лавот му одговорил: Па не баш дека не си, сепак дојди со мене”. Го повел лавот-овца до едно езерце и му рекол: “Гледај”. Кога лавот-овца го видел својот одраз во водата, се огласил со громогласно рикање. Се преобразил и никогаш повеќе не бил истиот.

Можеме ли да ја прифатиме непријатната вистина дека сме повеќе заспани од колку будни. Дека сме заспани лавови кои сонуваат дека се овци и се однесуваат како овци.

Можеме ли да се соочиме со фактот дека голем дел од нас наместо да се избориме за поголема освестеност, поквалитетни знаења и поактивна општествена улога, прифаќаме да живуркаме во сенката на нашите лидери. Одбиваме да ги живееме автентично своите животни приказни и да инсистираме на своите индивидуални квалитети и способности. Се ставаме во улога на заложници на нагласени идентификации кои нé претвораат во апсолутни послушници на своите лидери на кои им веруваме сé, со подготвеност да направиме сé можно и неможно за нив.

Вистинските вредности се докажуваат со свој пример како што тоа го правел првиот претседател на Чехословаците, кој станал најпочитувана личност меѓу своите сограѓани со тоа што  истовремено им обезбедил на неговите сонародници да се доживуваат гордо и достоинствено во својата земја и секаде во светот и 100 години по неговата смрт.

Со своите пораки Томаш Масарик недвосмислено истакнува дека сите кои нé лажат и нé крадат и нема од што да се плашиме. Вистинските лавови и во сегашноста и во иднината, а со такви принципиелни граѓани, и државата е сé посилна и побогата. Лавовите не се овчички, туку имаат сопствени вредности.

Се надевам дека ќе дочекаме водач кој ќе нé охрабрува да не се плашиме од никого, кој ќе нé поттикнува да не лажеме никого, па ни самите себе, кој ќе нé инспирира да не крадеме, ниту од богатите, а уште помалку од сиромашните.

Се обидов да ги споделам мислите кои се однесуваат на нашите  спротивставени лични и општествени ставови, на менталната култура која, за жал, ги има подзаборавено моралните вредности кои можеме и мораме да ги уважуваме многу повеќе. Се надевам дека се согласувате за важната улога на квалитетното знаење кое најдобро може да ни помогне да го разликуваме вистинското од лажното и со тоа да ни се овозможат избори кои ни одговараат нам и на нашите најблиски, а не се никогаш и на никого на штета. Го споеделивме значењето на личната и колективна одговорност, кое треба да се потпира на почитување на другите и самопочитување, како основа на разумен личен и одговорен колективен идентитет без претерано идентификување со лидерите кое обично завршува на наша штета.

Со максимална искреност порачувам да се почитувате самите себе и своите лични, фамилијарни, но и традиционални вредности, и при тоа да не забораваме да  ја почитуваме Верата и Божјите заповеди.

Во овие тешки времиња да не ја забораваме важноста на нашата подзаборавена традиционална ментална култура и вековните духовни вредности. Да бидеме храбри и мудри и барем за миг да ги исклучиме телевизорите преку кои сме постојано напаѓани од медиумските кампањи и во мир со самите себе сталожено да размислиме и да одлучиме кој има искрени и чесни намери за нас и нашите деца да не поведе во поправедна, помалку спротивставена, просперитетна, поискрена и поубава Македонија за сите.

Психијатар д-р Јохан Ѓорѓиоски

Loading