ЕКЛАТАНТНО БЕГАЊЕ!

ivce1Многу контактни емисии по нашиве телевизии. Како да постои некое меѓусебно натпреварување. Се поставуваат определени теми. Се јавуваат многу гледачи и сите многу “стручно“ ги коментираат проблемите. Што се не сме чуле од тие јавувања. Најчести зборови или изрази што ги слушаме се: “така да“ и “бидете поздравени“. Сосема погрешни изрази. Нема да ги коментираме, бидејќи многупати досега сме пишувале за тоа.

Велиме, темите се различни. Во една пригода се коментираше за промената на времето, за враќањето на часовникот за еден час наназад. И слушаме разни коментари. Некои ја истакнуваат предноста на таа промена, некои не го оправдуваат тоа. Еден гледач вели дека тоа не му пречело. Но, тој вели вака: “Мене не ми смета сметањето на времето на ваков начин“. Замислете! Не му СМЕТАЛО СМЕТАЊЕТО. Еве го апсурдот! Еве го испомешаното значење  на глаголот СМЕТА. Во српскиот јазик зборот СМЕТА, значи – ПРЕЧИ. Многу наши луѓе не го знаат тоа и кога ќе им пречи нешто тие велат дека им смета. А во македонскиот јазик глаголот СМЕТА значи дека нешто пресметува, прави сметка. Тоа е математички израз. Човекот сакаше да каже дека не му пречи новото сметање на времето. Ете, тој вели дека не му СМЕТАЛО новото СМЕТАЊЕ. А оваа грешка не сме ја чуле само од односниот гледач. Мнозина, па и интелектуалци велат СМЕТА наместо ПРЕЧИ.

Во една друга емисија, од областа на социјалата слушаме искажување на извесна госпоѓа. Откако ги искритикува социјалните работници, се задржа на еден конкретен случај, на некоја жена. Тешка и била ситуацијата, а луѓето од социјалните служби не презеле ништо или презеле сосема малку. Зборува гледачката за жената која била НЕПОКРЕТНА. Го објасни случајот малку понашироко и вели: “ Таа е непокретна, може да се движи само низ дома” . Значи, била НЕПОКРЕТНА а се ДВИЖЕЛА низ дома. Понекоаш човек не мисли, а понекогаш сака да се изразува покултурно. Таа веројатно затоа го употребува зборот НЕПОКРЕТНА, а веднаш потоа го користи глаголот СЕ ДВИЖИ. Зар не е сосема јасно? Ако некој може да се движи, значи дека е ПОДВИЖЕН. А ако некој не може, тогаш е НЕПОДВИЖЕН, а не НЕПОКРЕТЕН. Тој збор е српски и го има истото значење во нашиот збор – НЕПОДВИЖЕН. Ама ете, гледачката вели дека жената се ДВИЖЕЛА низ дома, а инаку била НЕПОКРЕТНА.

Еве уште еден случај кога човек сака да се расфрла со својот “богат “ речник. Зборот ЕКЛАТАНТЕН го слушаме мошне често. Потеклото му е  француско. Значи дека е нешто сосема јасно, очевидно, видливо, повеќе од очигледно. На пример – ЕКЛАТАНТЕН доказ. Обично се употребува кога не треба да се трошат многу зборови за нешто што е многу јасно. Ќе земеме еден прост пример. Ако некој човек постојано фрла отпадоци таму каде што не треба, ако постојано прави ѓубре, ќе речеме дека е тоа ЕКЛАТАНТЕН пример како не треба човек да постапува. На една собраниска седница во нашето Собрание двајца пратеници (од различни партии) се обвинуваат меѓу себе, кој не сакал избори, кој избегал од избори. Претставникот на опозицијата го напаѓа колегата од позицијата. Вели: “Еклатантно избегавте од избори“ ! Ете, сака човекот да биде културен.

Ги објаснивме погоре значењата на зборот ЕКЛАТАНТЕН. Значи дека е нешто јасно, очевидно и слично. Тоа би се користело како очевиден доказ за некој настан, еклатантен доказ за нешто. А ако некој трча по улица, ние го гледаме, тоа е повеќе од очевидно, но нема да речеме: “Видете го оној човек како трча еклатантно”.

Ама, ете, нашиот пратеник му забележува на колегата дека избегал од избори ЕКЛАТАНТНО!

Е, сега, можеме да речеме дека е тоа ЕКЛАТАНТНА глупост.

Loading