ПАРАЛЕЛИ

ivce1Да си поиграме малку квиз. Ќе направиме неколку паралели на некои изрази, па ќе се потрудиме да пронајдеме што е точно, а што е погрешно.

Реченициве што ќе ги приведеме неможеме точно да ги цитираме. Ќе ги напишеме онака како што сме ги запаметиле, но ќе го содржат најважното, она што ни е потребно.

Прв случај! Спортски коментатор: “Десниот крилен напаѓач, во последно време нема постигнато погодок. Тешко погодува. Еве и сега, биеше точно во аголот. Сепак не успеа да погоди, голманот одбрани”.

Втор случај! “Ретко способен ловец. Кога што ќе пукне тогаш погодува. Еве и денес. Го застрела зајакот. Пукна и го застрела, го погоди. Полн погодок, зар не“ ?!

Третиот случај! Гледаме на МТВ емисија од областа на земјоделството. Новинарката објаснува многу работи. Разговара со земјоделци, сточари, овоштари… Разговара и за временските услови. Многу врнежи, почвата премногу влажна, орањето отежнато. На крајот, новинарката вели: “Да веруваме дека времето ќе се подобри и дека временските услови ќе им погодуваат на земјоделците“ !

Ете така! Што гледаме во сиве посебни случаи. Секаде е употребен глаголот ПОГОДУВА (погодуваат). Правилната употреба ја среќаваме само во едниот случај. Кој е тој?

Во првиот случај грешката е редовна. Ја слушаме постојано. Кога ќе постигне спортистот гол коментаторите велат – ПОГОДОК. А постигнувањето на голот го викаат ПОГОДУВАЊЕ. Погрешно е тоа. Ете, нели спортистот биел точно во аголот значи, таму гаѓал, таму погодил, но голманот одбранил. Значи, неможе да се рече дека играчот не ПОГОДИЛ, туку не постигнал гол. Да заклучиме! Кога играчот постигнува гол, неможе и не смее да се рече – ПОГОДУВА. А голот си е гол. А не ПОГОДОК. Така е во цел свет. Терминологијата е англиска. ПОГОДОК и ПОГОДУВАЊЕ може да се употреби, да речеме, во стрелаштвото, во лотаријата и слично. Да го видиме сега третиот случај. Новинарката се надева дека временските услови ќе им погодуваат на земјоделците. Спортските новинари велат дека фудбалерот погодува, овде новинарката вели дека времето може да погодува. Во нашиот јазик го има глаголот ГОДИ. Кога нешто некому му е пријатно, можеме да речеме дека му ГОДИ. Глаголската именка гласи ГОДЕЊЕ а не ПОГДОДУВАЊЕ. Убавото време, пријатните временски услови можат да им ГОДАТ на земјоделците, а не да им ПОГОДУВААТ. И оваа грешка не ја слушаме за првпат. И во други случаи, и од други новинари сме ја слушале. Велиме од новинари, а не од случајни луѓе. Значи, од тие што се должни да го знаат јазикот.

Да го видиме вториот случај! Оној со ловецот и со зајакот. И тука го среќаваме глаголот ПОГОДУВА – “Кога ќе пукне тогаш ќе ПОГОДИ“. И сега, како учесник во квиз, можеме да го кажеме точниот одговор. Единствено во овој случај можеме да речеме дека глаголот ПОГОДУВА е правилно употребен. Таков добар ловец редовно ПОГОДУВА.

Ете направивме паралела, направивме споредба на три варијанти и дојдовме до вистинскиот одговор.

Рековме дека тој глагол може да се употребува во лотаријата, во стрелаштвото, во квизот. Може да се рече и во фудбалот ако некој играч постојано шутира и не го погодува голот. Но, ако постигнува голови неможе да се рече дека погодува, ниту голот може да биде погодок. И времето неможе да погодува. Тоа може да ГОДИ.

Нашиве новинари, во многу случаи, неможат да го погодат вистинското. А овој случај е толку јасен и едноставен. Не треба да се зборува напамет. Треба малку да се размислува и за јазикот. 

Loading