ПЛАЧАТ И КОСИ КОРНАТ, А ТОЈ МИРНО РАБОТЕЛ

Благоја Ристески, гробар во пензија

– Траорни слики кои не бледеат, морничави сцени од сообраќајки му приредил професионалниот ангажман

Sobirav delovi  da se sostavi lesevi - Blaze Risteski

Не знае точно колкумина испратил на последниот пат од кој нема враќање. Во вечното почивалиште однел многумина на кои им биле изброени дните, им згаснала свеќата на животот, им бил краток конецот на векот. Благоја Ристески (76) е гробар во пензија. Вршел ископ и закоп на покојници, а долго време ја возел и погребната кола во која освен него, назад се наоѓале лешеви додека владеела мртва тишина. И сега е тивок, кроток, педантен и воздржан пензионер кој  го јаде лебот од работниот век минат во ЈКП “Комуналец”. Повеќе од една деценија секојдневно ја гледал последицата од смртта очи в очи која е сурова и болна и од прегратките на саканите им ги заробила и оттргнала најблиските во бесмилосните канџи. И додека другите плачат, срцето им се кине, коси корнат за непреболот и вечната загуба, тој мирно и спокојно ги извршувал работните обврски. Не дека бил од камен, не дека имал срце големо како планина, не дека чувствата не му поигрувале длабоко во душата, туку  професијата го изделкала и му ги затапела емоциите. Дневно имал кознае по колку погреби, минале и стари и млади, и болни и несреќни со трагични судбини, кои морал со свои раце да ги постави во утробата на земјата, а во која потоа, не останува ништо.

Смртта која настапува по Божјата промисла и доаѓа со судниот ден, вели дека е тажна и болна за роднините и пријателите, но нема потрауматично и поморбидно од ужасните слики од сообраќајните несреќи. Глетките биле морничави, трагични, но сепак телото требало да се извади од  возилата и постави во ковчег. А не ретко, бил принуден и да собира распарчени делови од труп, разлетани наоколу.

– Имаше разни згрозувачки случаи. Плетварско џаде, татко и син едвај ги извлековме, оти беа приклештени. Тогаш не идеше да помага од противпожарната единица. Во Галичани имаше удрено лице од воз. Едната нога таму – другата таму, возот не избира. Чупе кај Песјобрдце го изгази возот. Со колата го однесов в капела. По четири саати домашните ме замолија да го собереме лешот за да го облечат. Од гревот згора, отидов и го собрав в сандак. Бетар од докторите, го “суредив” во болничката капела. По два три дена, дедото дојде, оти го нашол чевелот – се сеќава Благоја.

Ристески како гробар вршел есхумации. Гледал како докторите вршат обдукции на лешеви на лице место на гробиштата. Гробар е професија која е невообичаена и со немили случки.

– Во ресенско на обдукција не успеавме да појдиме, бидејќи, покрај асистенцијата на полицијата, гробиштата беше опколени со вооружени селани. Жените беа легнати на гробот, велејќи дека животот ќе го дадат, гробот да не се чепка каде беше погребан загинатиот од сообраќајка на Плетвар, а по судски налог по 40 дена од несреќата се побара есхумација. Тие се жални настани. Обдукцијата е лоша. Гледаш сечење, а ние ги вадиме од гробот, на плоча или на земја, на лице место ги работат, ќе ги сошијат, облечат и потоа ние лешот го враќаме в земја. Имаше еден случај каде покојникот бил на лов и настрадал. Го погребале и никому ништо, но жена му по погребот кога ги тресела алиштата испаднале сачми. Судот наред по 3-4 месеци да го откопаме. Телото било решето направено со сачми. Има многу случаи, но кој да ги памти. Во едно село, вадевме леш за обдукција. И таму се собра цело село. Стануваше збор за освета по враќање од затвор. Со секирата, го ничкосал од тракторот. Во градов на новите гробишта имаше случај но мене не ме интересираше ни зошто ни како. Работа си е работа. На старите гробишта имаше еден починат, откако го удриле со огледало во слабините. По три месеци умрел. Од удреното место, докторот со црпалка му вадеше гној. Откопував дете загинато од гром. Сé има – раскажува Ристески.

Гледал секакви слики. На најтажните мигови.

– Срце треба да имаш и живци од ортома. Бев најспособниот. Покојниот директор Камче ми велеше дека без мене не можат. Млад кога е, пиштат – плачат, мајките се фрлаат в гроб. Им велев оставете ја мајката и кога земјата ќе почне да се тура во гробот, ќе види – не ќе види, ќе излезе. “Пуштете ме да рипнам и јас” – велат. Има случаи паднале покојниците од сандак од црквата ако се крупни, а сандакот е од послаб материјал. Не се памти сé што сум видел – вели Ристески.

Старите не бадијала рекле: Земјата го храни човекот, но и земјата ќе го изеде и нема да остане ништо. Вели дека само синтетичките предмети не скапуваат, не се распаѓаат. Остануваат најлонски чорапи, шамија, перлон. Тоа не скапува. Покрај коските, често наоѓаат метални предмети кои биле во ковчегот, а еднаш нашол дури и хирургшки ножици.

Bol i Lelek

 – Вршевме откоп за погреб на старо гробно место на кое беше погребано лице кое било оперирано од слепо црево. И тоа по девет години и 20 дена. Најдов ножица со крајот подзавиткана. За 20 минути дојде полиција и следеше распрашување. Ме натераа на лешот да ги поставам ножиците како што ги најдов. Имавме три погреби, но тие ме однесоа во полиција. Го истражија случајот и 4-5 ребра заедно со ножиците ги зедоа во Скопје. Се утврди дека се познавало на ребрата дека лежеле тука толку години, а не дека сум ги подметнал. Наводно останале од обдукцијата која се извршила претходно. Во новите гробишта имаше проблеми, имаше многу вода. Ние црпи, таа извира. Во вода ги закопувавме додека не ја направија дренажата. Селските луѓе ставаат прво јамболии, а таа ја бојосува водата, а луѓето мислат дека е крв. Летно време вриеше од змии. Некогаш копавме 4 – 5 саати еден гроб, зависно од местото. Нема девет педи за секого, оти секој како што умира му одзема на другите, имало и по 6 лица во една дупка. На старите гробишта се распаѓаат телата за три години и остануваат само коските. Во новите гробишта се како мумии. Распаѓањето оди и до 20 години. Земјата е црвеница. Некогаш местото не одговара, гробот е потесен, особено во старите, капакот не го збира, па се сечел со пила, да се постават штиците. Немало песна за повозрасните, не сум доживеал таков случај – вели Ристески.

Адети нема кога е погребот во прашање. 

– Не наградуваа со чорапи, крпи и на колата, но ако некој сака и бакшиш даваа. Не ме интересираше кога даваа плата. Имаше многу бакшиш. Се дотеруваше убаво гробот. Сé се може, ако се сака. Исто ми беше дали сум фатил коски или друго. Сé е “превриено” во земјата. Не бев рамнодушен, но се навикнував. Првиот ден во 1972 г. се погоди детенце. Го ископаја гробчето, а после требаше да го дозавршам. Не ми беше сеедно. После сé е навикнав,  оти се “занимавав” со тоа 11 години. Бог да прости, убаво беше. Тоа е професија – се сеќава Ристески.

Вели дека капелата требало прво да се направи во старите гробишта, за да не се носи покојникот – напред назад. Прилепчани ќе мора да ја стекнат навиката. Го бараат и сега за суредување на покојници, но не оди. Не чувствува потреба за плус пари, доста му е пензијата и сака мирни денови и спокојни и без трауми.

Loading