МОЖЕМЕ ЛИ ДА СЕ РАЗБУДИМЕ ВО ПОУБАВ СВЕТ?

Dr. Johan GjorgjioskiЖивееме во многу несигурен и спротивставeн свет на насилство, епидемија на нарцизам и се поголема авторитарност.

Се соочуваме со големи разочарувања по големи ветувања и очекувања, но исто така живееме во подзаборавен свет на љубов и чудесни духовни можности и реални и чесни животни предизвици.

Немоќни сведоци сме на совршен продолжен злочин во кој медиумите ја убиваат вистината, а бескомпромисната лакомост по поголем економски и политички профит ја убива етиката и правдата.

Поделени од партиите во премногу спротивставени табори, несвесни за моменталното лудило кое не обзема, немоќно се прашуваме дали имаме некој друг избор.

А избори обично има повеќе од колку што изгледа на прв поглед.

Еден од вечните избори е да зачекориме посигурно и поцврсто по патот на духовните вредности кон светлината на универзалната вистина, во потрага по нови решенија, зашто старите не само што не се  ефикасни, туку се извор на нови и се поголеми проблеми.

Голем дел од нас имаат егзистенцијални проблеми и ги мачи материјален глад, а уште поголем дел не мачи духовен глад.

Денешнината како ретко кога наметнува силна потреба од искрени и вистинољубиви средби, кои на луѓето со празно срце ќе им го приближат патот на љубовта и ќе им ја покажат смислата на животот.

Духовноста се однесува на трагање по значењето, вредноста и смислата на животот и со самото тоа ја нагласува потребата од подобро здравје и поквалитетен живот.

Со занемарување на духовноста, здравјето се сведува на телесна и социјална благосостојба, па не ретко спрема здравјето се однесуваме како спрема потрошувачки производ, кој мислиме дека можеме да си го купиме кога сакаме.

Нецелосно сме освестени за значењето на доброто здравје со убедување дека ништо не е толку итно за да не можеме подоцна да го стасаме и поправиме. Најважна цел ни е да заработиме што е можно повеќе пари и што подобро „да се снајдеме“ во животот, и при тоа комотно си се залажуваме дека со парите и моќта (главно политичка), можеме да си купиме се, па дури и подобро здравје ако ни затреба.

Болеста секогаш со себе носи егзистенцијални пораки. Современиот човек треба да ја прифати и поднесе својата стварна актуелна лична и општествена состојба и од духовен аспект, како би можел потполно да ги оствари своите автентични потенцијали.

Духот претставува задвижувачки или живототворен принцип кој на физичкиот организам му вдахнува живот, дава смисла на постоењето и животна сила.

Здравјето е тесно поврзано со нашиот духовен и душевен живот, со начинот како ги задоволуваме своите телесни, психички, социјални и духовни потреби.

Некој напишал: Ако посееш мисла ќе пожнееш делување, ако посееш делување ќе пожнееш навика, ако посееш навика ќе пожнееш карактер, ако посееш карактер ќе пожнееш судбина.

За здрав живот од непроценлива важност е уважување на духовните и етичките вредности, што ни помага во препознавање на вистинските вредности и правилни цели на животот, кои никогаш не смеат да бидат исклучиво себични и на нечија неоснована штета.

Моралноста е сложена психичка функција која вклучува морално мислење, морална свест, морални чувства, морална волја и морално однесување и делување.

Моралноста како психолошка функција тежнее кон идеалот на човековото однесување. Поврзана е со фактот дека човекот е битие кое ги обликува своите вредносни системи, способно да разликува добро и зло и да си изрекува само на себе казна кога не се однесува во склад со својот вредносен систем, односно со она што го доживува како добро и зло.

Без сомнение моралноста е поврзана со функционирање на мозокот, со одредени неурални кругови и психофизиолошки системи, но и со примерите кои секоја индивидуа ги добива од за неа важни личности во родителскиот дом, во училиште, во црква, на улица, во спортски клуб, на работно место, во партијата…

„Етичкиот мозок“ е дел од мозокот важен за обликување на нашата совест, кој ни овозможува разликување на добро и лошо.

Оштетувањето на фронталниот лобус по механички повреди, мозочни удари, експанзивни процеси и т.н., скоро по правило се следени со промени во моралното однесување.

Но, и погрешните убедувања кои преминуваат во тврди и закоравени предубедувања со кои сме готови на целиот свет да му се спротивставиме докажувајќи на секаков можен начин дека имаме право, не водат во промени во моралното однесување.

Слична е позицијата со лошите навики, претерано пушење, неумерено пиење алкохол, прекумерно јадење до деформирање на телото, со исцрпување на белите и црните дробови и срцето и  душата.

Но, самобендисаноста доведена до инает не попушта пред опомените на науката и разумот, туку се држи глупаво и штетно до својата погрешна убеденост со која се чувствува комотно и не сака да го наруши комодитетот и наводно „единственото лично задоволство“.  

Моралното однесување, се чини, дека постои и кај пониските организми. Интересно е тврдењето дека се има некоја своја свест, па дури и најмалите клетки од кои сме создадени, што не би можело да се каже за понекои од нас кои си се сметаме неосновано за свесни, иако сме подзаспани или во длабок сон.

Смееме ли да останеме неосвестени и заспани, мразејќи се еден со друг во нашава измачена Македонија, знаејќи дека тука не има малку и се помалку.

Секој кој на каков било начин ни го наметнува јазикот на омраза и омаловажување не треба да го слушаме, а уште помалку да го следиме, зашто само љубовта, а не омразата, може да ни отвори поубави можности во нашата иднина и во иднината на нашите деца.

Според клонигеровиот модел на личноста, човекот е индивидуа која повеќе или помалку успешно го креира и моделира својот свет, но е и општествено-социјално битие тесно поврзано со другите. Tака никој не живее само за себе или сам по себе, туку секогаш живее низ другите, со другите и за другите.

Без прифаќање на коегзистенцијата и меѓусебното уважување како врвен предизвик не можеме успешно да градиме поубава иднина за себе и за нашите деца.

М-р др. Јохан Ѓорѓиоски

спец. психијатар

Loading