РЕДОВНИ ПЛАТИ И ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ

Колективен договор меѓу синдикатот и менаџерскиот тим на „11-ти Октомври Еурокомпозит“

Podobri denovi vo 11 Oktomvri-Eurokopozit

Не постои вработен во 11 Октомври – Еурокомпозит кој не е здравствено осигуран и минато се потврдите за лекување кои се издаваа до пред една година. Вработените го користат елементарното право на здравствено осигурување. Почнува процесот на стабилизација на загубарот со специфично производство за воената и наменската индустрија на балистичка и заштитна опрема. Се реализираат тековните договори со Министерствата за одбрана и за внатрешни работи, со странски фирми, а се подигнува и квалитетот на работењето. На околу 300 работници од компанијата во сопственост на државата, правата од работниот однос им се гарантираат со колективен договор. Се гради доверба меѓу вработените и менаџерскиот тим, кој почна редовно да ги исплаќа платите.

– Започнавме чекор по чекор да решаваме горливи проблеми наталожени со децении назад, а и беа огромен товар на фирмата. Првин беше здравственото осигурување, што резултираше со тоа што во овој момент не постои работник кој не е здравствено осигурен. Почна динамиката на редовно плаќање на нето платите секој тековен месец. Овој колективен договор претставува рамка во која ќе се движиме сите во Еурокомпозит, затоа што таа рамка не е само за менаџерскиот тим, туку за сите вработени. Документот не е само пишан акт со членови што треба да се реализираат, туку чин на градење доверба меѓу вработените и менаџерскиот тим. Верувам декај имиџот на загубар полека почнува да бледнее и во наредниот период ќе прераснеме во респектабилна компанија на пошироко во регионот – рече Марјан Додовски, генерален директор на 11 Октомври – Еурокомпозит.

Договорот значи обврски и права на двете страни и надеж дека компанијата ќе се стабилизира.

– Раководството е подготвено да ги реализира запишаните права на работниците, а евидентно е дека обемот на производство се зголемува. Очекуваме подобрување на условите за решенијата од колективниот договор. Чинот на потпишување на колективниот договор дава до знаење дека  компанијата веќе излегува надвор од зоната на безнадежни фирми. Колективниот договор не е неменлива тапија. Очекуваме подобрување на работниот амбиент, на работната клима и условите и реализација на одредбите од колективниот договор. Без разлика на возраста на вработените, во фирмата има квалитетна работна сила која може оваа производствена програма квалитетно да ја носи, а сите ние со заеднички напори да работиме за надминување на проблемите – рече Пеце Ристески, претседател на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија.

Во 11 Октомври Еурокомпозит се ангажирани 290 работници кои се надеваат дека компанијата ќе ги подмири преостанатите долгови од милион евра.

– Располагаме со опиплива правна рамка со која се дефинираат постапките за меѓусебни спорови и други тековни проблеми во интерес на работниците. Како синдикат сме задоволни, иако платата која ја земаме не е голема, сепак е редовна – рече Цветан Бунтески, претседател на синдикалната организација. 

Склучени се договори со МВР, со неколку компании од Србија и Б и Х. Се преговората уште со две странски фирми. Подобрен е квалитетот на производите и менаџирањето, а новиот сертификат ИСО 9001 кој ќе важи до 2018 г. е уште една шанса. 

Loading