ТУТУНАРИТЕ ТРИЈАТ РАЦЕ

На стартот од откупот на тутунот

Nasmeni lica na tutunarite

Две откупни компании ја почнаа откупната кампања на тутунот од годинашната берба. Први ги отворија вратите на откупните пунктови и ги активираа вагите за мерење кавадарската Алијанса уан и Соко Таб од Битола. Од Сојузот на тутунопроизводители оценуваат дека годинава тутунарите треба да ги тријат рацете, поради високиот квалитет на родот, а со тоа и повисоките цена, макар што се опаднати количествата поради недостиг на расад и врнежи при расадувањето.

И откупувачите се задоволни од квалитетите кои на почетокот се прифаќаат. Најавија дека исплатата ќе ја вршат најмногу за седум дена.

И Тутунскиот комбинат се очекува да отпочне со откуп на годинешната реколта од своите неколку илјади кооперанти. Проекциите се да се преземат околу три илјади тони, а плаќањето ќе се врши по една недела.

Данчо Милески од Сојузот на тутунарите вели дека е добра проценката првите два дена.

– Тутунарите се задоволни. Очекуваме повисоки откупни цени во однос на ланската реколта – вели Милески.

И тутунарите излегуваат насмеани од откупните пункотови.

– За сефте, проценката е супер. Соодветна е на квалитетот. Но, нужно е да се сменат цените, особено на третата класа која доминира при бербата на тутунот, а нема соодветно вреднување кај откупувачите. За пофалба е што годинава откупот стартува порано. Тоа е добро да не го префаќаме родот повеќепати или да стравуваме од мувлосување. А и парите ќе стигнат порано. Ќе се оддолжиме каде што сме се позајмувале и да оставиме постепено да ја тераме егзистенцијата до следната сезона. По Нова година ќе ги чекаме и субвенциите од по едно евро. Според проценките и квалитетот, мислам дека годинава родот ќе  биде во просек 4,5 евра за килограм заедно со субвенциите –  вели тутунарот Никола Стојаноски.

Милан Петрески оценува дека се најважни цените.

– Разгледував како тече проценката. Изгледа реално, но ќе видиме понатаму. Цената на третата класа мора да се исправи. Тука ни се прават најмногу штети, а половина од родот е од таа категорија. Ме радува што порано се отворија пунктовите и побрзо ќе ги земеме парите. Цела година работиме, а еднаш земаме. Само нека бидат повеќе – вели Петрески.        

На откупниот пункт на Алијанса уан беше и заменик – министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски, кој рече дека откупувачите се заинтересирани за откуп на квалитетниот тутун, а тутунарите за повисока цена.

– Тутунот има висок квалитет и нормално е задоволството на тутунопроизводителите. Проценката е добра. Со Инспекторатот за земјоделство во наредниот период ќе бидеме присутни на сите пунктови со постојана контрола на откупот. Се очекува тутунот да биде откупен по цени договорени меѓу откупувачите и Сојузот на тутунари, односно по повисоки од лани. По завршувањето на откупот, тутунарите ќе ги добијат субвенциите од по 60 денари од килограм – рече Костадиновски.

Деновиве уште една компанија ќе почне да презема тутунот, а другите што се во регистарот, откако ќе ги исполнат условите.

Годинава се очекува да бидат откупени околу 20 илјади тони квалитетен тутун засаден на 13 800 хектари од 28000 семејства. 

Loading