КАРТИ

ivce1Карта? Многу често употребуван збор. Понекогаш и погрешно. Од најстари времиња е познат кај нас оној предмет, она дрвено тркалезно шише, малку плоснато, во кое се тура вино. Ако се правеше некаква веселба, особено свадба, најважните гости се канеа со КАРТА. Најважен гостин (и не само гостин) беше кумот. Го канеа и со карта полна со вино. Кумот истура куп благослови и се напива од виното. Ако некој човек се чувствува навреден поради некоја неуредна покана, ќе речеа канителите: “Да не сака тој со карта да го каниме”? Толку за оваа карта.

Имаме и карти за играње, за коцкање. Кога донесува човек погрешно решение постои изрека: “Игра на погрешна карта”. Постојат повеќе такви изрази поврзани со карти. Потоа, постои географска карта. Постои лична карта. Можеби постојат и други поими кои се означуваат со овој збор. Многу често, речиси редовно (а погрешно) така се именуваат влезните билети. Во последно време, под влијание на српскиот јазик почнаа да ги викаат ВЛЕЗНИЦИ, со помакедончување на српското – УЛАЗНИЦА. Во нашиот јазик како норма е установен зборот БИЛЕТ. Влезен билет, автобуски, возен и којзнае уште какви други билети.

Пред некое време бевме известени од повеќе телевизии дека во МНТ ќе се одржи премиера. Гледавме и разговор на новинарка со уметничкиот директор на МНТ. Разговорот поширок. Објаснува директорот за повеќе компоненти во врска со претставата. Меѓу другото, објаснува дека интересот е голем и затоа ќе се одржат, така да се рече, две премиери. На ова, новинарката прашува каква е ситуацијата со картите, дали има уште карти, зашто интересот е навистина голем. Директорот одговара дека КАРТИ има во БИЛЕТАРАТА. КАРТИ во БИЛЕТАРАТА! Два збора, две грешки. Не е БИЛЕТАРА, туку е БИЛЕТАРНИЦА. Ако е билетарница, па макар и билетара, што би се продавало таму? Се разбира БИЛЕТИ, затоа и се вика така, а не КАРТИ. За жал, овие грешки ги слушаме често, мошне често и од многу луѓе. Се зафативме да пишуваме за оваа недоследност, бидејќи станува збор за луѓе кои треба да го знаат тоа. Новинар и уметнички директор на МНТ. Ако не од нив, од такви луѓе, тогаш од кого ќе очекуваме да зборува на чист македонски јазик? Во тој дијалог слушнавме и други грешки, и други зборови позајмени од српскиот јазик, но не се задржуваме сега на нив, зашто сме се искажувале за тоа и во некои претходни написи.

И за други грешки сме се изјаснувале и порано но кога некои упорно се повторуваат, еве, не принудуваат повторно да се навратиме.

Се случи земјотрес во Скопје или поточно речено, повеќе земјотреси. Сите телевизии, сите новинари, ама баш сите без исклучок, објаснуваа дека се тресело ТЛОТО. Зошто тие луѓе не сфатија досега, дека македонскиот збор е ПОЧВА, а не ТЛО? Горниот слој на земјата се вика ПОЧВА. Имаме плодна почва, песоклива почва и така натаму. Потоа, земјиште што и припаѓа на одредена држава – “Територија на француска почва”. Ако некој губи позиција во определена расправа, ако ја губи предноста во нешто, ако го губи натпреварот, се вели дека ја губи почвата под нозете. Придавката од именката почва гласи – ПОЧВЕН. Ама еве сите новинари ТЛО па ТЛО.

А погрешно е и тоа кога не известуваат со колкава ЈАЧИНА бил земјотресот. Земјотресите се мерат со сила, со интензитет. Сите стручни лица од таа област што ги слушавме, употребуваа – МАГНИТУДА. Штом го користат тие тој збор, значи дека тоа е најточното.

Земјотресот не бил многу силен, но имало и некакви оштетувања. Слушнавме, како и за поплавата, така и овде, НАЈПОВЕЌЕ им требало помош на оние кои се најоштетени. Редовна грешка. Од прилогот МНОГУ, суперлативот гласи НАЈМНОГУ: МНОГУ, ПОВЕЌЕ и НАЈМНОГУ, а не НАЈПОВЕЌЕ. Исто како што не може НАЈПОМАЛКУ.

Loading