БОРЕЧКИ – БОРАЧКИ

ivce1Ретко ќе сретнеме некој политичар кој го владее добро македонскиот јазик. Мнозина (не само политичари) велат дека на нивниот факултет не се изучувал како предмет. И мнозина мислат дека само тие што студирале книжевност или филологија, дека само тие треба убаво да го знаат јазикот. Но, не е така. Јазикот треба да го знае секој, особено луѓе што завршиле високи школи, без разлика кои се тие. Се разбира, филолозите треба да знаат и определени ситници и нијанси, но тоа не значи дека другите се амнестирани од обврската да си го знаат својот јазик.

Рековме дека политичарите не се доволно заинтересирани за овој проблем. Но , не може да се согласиме со фактот, висок политичар, министер за образование да прави често грешки. Таквите личности, од својата позиција вршат и силно влијание врз обичните луѓе. Секој мисли дека тоа што го зборува министерот за образование (или заменик-министерот) е точно. Практиката зборува друго. Заменик-министерот, кога изложува некој проблем или некакво решение, вели дека тоа е ВО РАМКИ НА ЗАКОНОТ, или ВО РАМКИ НА ПРОГРАМАТА и којзнае уште колку и колку такви рамки. Именката РАМКИ треба да биде членувана, тоа е определена именка и треба да гласи во РАМКИТЕ, а не во РАМКИ. Редовно слушаме и една друга грешка – СОГЛАСНО законот, СОГЛАСНО програмата и така натаму. На ваков начин, изразот е осакатен. Предлогот “СО” не смее да се испушти – “СОГЛАСНО СО ЗАКОНОТ”.

Да земеме еден друг случаен пример. Зборот СОГЛАСНО е придавка исто како и зборот ВАРОСАНО. Имал некој некакво ѕитче и го варосал со четка. Дали може да рече – “Ѕитчето е варосано четка”? Се разбира не може, мора да рече: “Ѕитчето е варосано СО четка”. Испуштањето на предлогот “СО” ја прави реченица бесмислена. Ист е случајот и со она: “СОГЛАСНО законот”, или “СОГЛАСНО програмата”. Неопходно е да биде – “СОГЛАСНО СО законот”, “СОГЛАСНО СО програмата”. Ова го слушаме, речиси редовно и од политичарите и од новинарите.

Секое правило има и исклучок. Има и политичари кои зборуваат на убав, чист македонски јазик. Ќе посочиме таков пример. Висок политичар, кога зборува онака, слободно, без напишан текст, за голема радост, зборува мошне чисто. Ретко ќе чуеме да направи некаква грешка. Но, што се случува?…

Во Македонија ќе се одржувало Воено светско првенство во борење. По тој повод се редат повеќе говорници. Се разбира, настанот е редок и значаен. Учество зема и високиот политичар што го споменавме погоре. Овојпат текстот го читаше. При ваквите пригоди тоа е нормално, не може цел говор да се каже напамет. Уверени сме дека во Владата постојат лектори. Исто така сме уверени дека односниот текст е лекториран. Со ова се потврдува дека и лекторите можат да го наведат говорникот на грешка. Рековме дека првенството е во борење. На него ќе учествуваат борачи. Нивните вештини ќе бидат БОРАЧКИ. Од именката БОРАЧ, придавката гласи БОРАЧКИ, а не БОРЕЧКИ. Во текстот на говорникот често се употребуваше – БОРЕЧКИ. Оваа грешка ја прават мнозина, особено спортските коментатори. Еве и лекторот од Владата не прави разлика од БОРАЧКИ и БОРЕЧКИ. А тоа е толку едноставно. Од именката БОРЕЦ придавката ќе гласи БОРЕЧКИ, а од именката БОРАЧ придавката е БОРАЧКИ. Во конкретниов случај, станува збор токму за тоа, за БОРАЧИ. А ние, гледачите ќе бидеме сведоци на нивните БОРАЧКИ вештини. Ако станува збор, да речеме, за некои БОРЦИ (не борачи) кои учествувале во некоја војна, сега добиваат БОРЕЧКИ пензии (не борачки). Како што се гледа, именките БОРАЧ и БОРЕЦ се различни, со различни значења. Така е и со придавките БОРАЧКИ и БОРЕЧКИ.

И што да заклучиме на крајот? Малку се бориме за чистотата на јазикот, зар не?!                                                                                    

Loading