ОД ОРИЕНТАЛНИ ДО СОВРЕМЕНИ ЦВРСТИ ГРАДБИ

Архитектура на Прилеп

Старата чаршија иако без единствен стил зрачи со компактност

Раскош сакале чорбаџиите во 19 век

Со миграцијата во 70-тите никнуваат градби од цврст материјал

Sjaj na raskosnata arhitektura kna kukata na Bektesovci

Сведок на времето еден град е архитектурата. На динамичноста на современото живеење, околината не може да остане статична. Од трајноста на градежниот материјал зависи животот на градбите, кои тешко е да се заштитат, зашто постарите се од плитари. Треба да се  адаптираат на потребите, зашто не може да се живее по стандардите од пред сто и повеќе години.

Доминација на ориентален тип на куќи

Прилеп чекори низ времињата со градби кои имале ориентален здив. По ослободувањето, и со миграцијата од селата, се гради на големо, според потребите и можностите. Градбите од 70-тите години на минатиот век, се повеќе диви и постепено се урбанизираат. Едноставни градби, но модерни, се со подолг век на живеење, раширени на сите четири страни од градот. Улиците и булеварите се широки. Денес, современите градби се по желба на сопствениците. Доминираат разни стилови, но градбите се од модерни современи материјали. Имаше период кога беа актуелни рамните тераси, а сега се заменети  со полукружни.

Во минатиот век, градбите беа од цврст материјал, од печена тула, бетон, челични конструкции и имаат подолг век на траење. Украсени се со богата керамопластична декорација на фасадите, дополнети со тераси, со метални огради од ковано железо. На дел има присуство на потпокривни површини, извлечени на фасада и богато украсени. Овие објекти се поквалитетни, но, доколку треба реконструкција, треба со комуникација на луѓето на кои им требаат за живот.

Инаку,  Прилеп се формирал кон 14 век, кога турските селани и сточари од Анадолија, се населиле околу Оревоечка и Дабничка река. Подоцна се формираат маалата и во 16 век градот ја менува физиономијата и добива ориентален карактер. Куќите на муслиманите биле оградени со високи ѕидови, прозорците со решетки, и имале големи дворови и бавчи.

Чорбаџиите граделе уникатни објекти

Svetnata fasada na starata kuka na Zerevci034

Во 19 век се појавува богатата македонска граѓанска класа, која градела објекти во верски и модерен стил. Чорбаџиите сакале домовите да им изгледаат репрезентативно. Шетале низ Европа и граделе куќи, видени низ градовите. Под европско влијание, се ѕидало во неокласичен стил, барок, ренесанса, романтизам. Се “кревале” уникатни објекти кои со својата големина, раскош и атрактивност се разликувале од другите.

Станбената градба е од ориентален тип прилагодена за христијанското население. Градбите биле со мали авлии и дворови, обично со приземје и кат, со отворени чардаци, градени од плитар и со дрвена декорација. Биле малтарисани и обоени во бело, со благи покриви и широки стреи обложени со штици. Се среќаваат мусандри од дрво, тавани од штици со лајсни и детали во резба.

На куќите им е потребна реставрација со традиционален градежен материјал за зачување на автентичноста кака што државата презеде зафати на фасадите и покривите на куќите на семејствата Жеревци и Бектешовци.

Старата чаршија – древно градителско наследство

Архитектурата и амбиентот на Старата чаршија го добила изгледот во 19 век. Таа мора да се заштити. Поврзана со улички, претставува компактна структура. Објектите немаат архитектонска вредност и еднаквост на стилот. Сепак е складна целина, со неодолива урбанистичка концепција. Специфичен архитектонски шарм дава Саат кулата од 1858 година. Дуќаните се со приземје, обично дуќан, и кат за живеење или за изработка на производи. Нови излози со метал ги заменија старите кепенци и Чаршијата го губи идентитетот. Фасадите се едноставни или украсени со архитектонска пластика. Чардаците се исфрлени, поставени челно или на аголот од фасадите.

Старата чаршија  била опожарена во 1873 година.

Чаршијата и  50-тина објекти со мирис на древност

Градителското наследство е поделено во шест категории: Станбена архитектура од 19 век во која спаѓаат 13 куќи; архитектура од 20 век – со 23 градби; цркви – Црквата Благовештение, Свето Преображение, Свети Кирил и Методиј; исламска архитектура – со Чарши џамијата, Скршена џамија, остатоци од Куршумли ан, Амам и слично, објекти – семејни куќи на паднати борци од НОБ, од преродбата – Участакот, куќа на Борка Талески, Бабанеделиното училиште и други, и други објекти и комплекси – поранешен хотел Југославија, Саат кулата, чаршијата. Црквите во Варош се градени под влијание на византиската култура.

Објекти со уметнички достигнувања

Фолклорните објекти се уметнички достигнувања на анонимното народно творештво. Ги опфаќаат “објекти од староградски тип”, од “балканска архитектура”, “ориентална куќа”, “од балкански тип”, “од традиционална архитектура” и од “народна архитектура”. Овие се скромни градби кои се одликуваат со камен ѕид, со еркери, со тавани со розети, сергени, дрвени скали и огради декоративно обработени што даваат посебен амбиент. Тоа се објекти на изглед пренесени од руралните средини, но адаптирани на градскиот живот. Датираат од 19 и 20 век ограничени од трајноста на градежниот материјал. Тешко е да се заштитат, зашто се од плитари. Треба да се адаптираат на потребите за живот. 

Loading