КАТАСТАР

ivce1Ќе биделе избори. Вонредни. Арно ама запна работата. Избирачкиот список не бил прочистен. Се пристапи кон прочистување. Државната изборна комисија констатирала дека во списокот фигурираат и имиња на фиктивни гласачи, таканаречени “фантоми”. За жал или за среќа, некои од тие фантоми се огласија дека се живи луѓе. Некои одат да го докажат своето постоење, некои, револтирани, немаат намера да го прават тоа.

Толку за ова. Оваа фантазмагорија не ни е тема. Друго нешто го привлекува вниманието. Меѓу “фантомите” се нашло и името на Зузана Тополињска. Известени сме од една наша телевизија дека и Тополињска нема намера да докажува дека постои, а гласала досега којзнае колку пати. Но, таа наша Н А Ц И О Н А Л Н А телевизија и го сменила презимето. Наместо ТОПОЛИЊСКА тие ја нарекуваат ТОПЛИЊСКА. Прво кога слушнавме си помисливме дека е тоа случаен лапсус. Но, презентерката го повтори тоа повеќепати. Читаме долу на кајронот исто така пишува ТОПЛИЊСКА. Значи, тоа е официјалното мислење на таа телевизиска куќа, значи според нив, односната госпоѓа се вика Зузана Топлињска. Дури презентерката го изговара и ТОПЛИНСКА, малку тешко и е за изговор тоа “ЊСКА”.

А која е всушност Зузана Тополињска? Таа е познат и признат македонист, лингвист и славист. Нејзиното потекло е од Полска. Родена е во 1931 година. Лингвистиката и славистиката и се вечна преокупација. Во 1983 година се преселува во Македонија. До 1999 година работи како професор – гостин на Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет во Скопје. Во 1996 година е избрана за член на Македонската академија на науките и уметностите. Еден од најважните нејзини трудови, секако е “Синтаксата на македонскиот стандарден јазик”. Ова се, накусо, скромни податоци за огромното дело на госпоѓа Зузана Тополињска.

Нормално е на овчарите по бачилата, името Зузана Тополињска да не им значи ништо. Нормално е работниците од комунална хигиена да не слушнале за тоа име. Но срамно е и ненормално, национална телевизија со лектори, новинари, уредници, презентери, да не го знаат правилното презиме на госпоѓа Тополињска. Некои од нив, можеби и учеле од нејзините трудови на факултетите. Но, еве, тие го изговараат погрешно тоа презиме и погрешно го пишуваат. Изговараат ТОПЛИЊСКА (Топлинска).

Тоа е навреда за госпоѓа Зузана Тополињска, а резил, голем резил за телевизијата. За лекторот, за уредникот, за новинарите. Ете, си дозволиле со испуштањето само на една буква “О”  да си навлечат голем срам.

А вие госпоѓа ТОПОЛИЊСКА, се занимавате со проблематиката на македонскиот јазик, но како што гледате, сите треба да се позанимаваме со оние кои не водат доволно сметка за тој јазик.

Во последно време, мошне често слушаме да се употребува терминот – КАТАСТАР НА НЕДВИЖНОСТИ. А дали постои некој КАТАСТАР НА ДВИЖНОСТИ? Се разбира дека не. Зборот КАТАСТАР има латинско потекло. Консултиравме повеќе речници. На едно место пишува: “Катастар е попис на земјиштето и недвижностите на една држава”. На друго место стои: “Катастар е државна институција во која се чуваат податоци за земјиштето и неговите сопственици”. Еве и едно пошироко објаснение: “Катастар е опис и процена на објектите кои подлежат на данок. Разликуваме земјиштен катастар и воден катастар. Во водниот катастар постојат основни податоци за реките и за извршените истражувања во нив”. И на други места и во други речници горе-долу постојат вакви или слични толкувања. Најважно е тоа дека поимот КАТАСТАР се однесува исклучиво на недвижности. Затоа, нема никаква потреба тоа да се нагласува. Кој би рекол, на пример, дека во Прилеп се гради болница за болни. Се знае тоа! Штом е болница значи таа е за болни лица. Не постои болница за здрави. Така е и со катастарот. Се знае дека е тој за недвижности. Нема никаква потреба тоа да се потенцира. А постојано слушаме и од новинарите и од политичарите и од оние стручни лица кои работат во катастрите, сите – КАТАСТАР на недвижности. Ниту на фирмите пишува така ниту пак некој би рекол дека ќе оди да бара некој документи во катастарот на недвижности. Исто како никој што не би рекол дека се гради училиште за учење и уште којзнае колку такви примери.

Едноставно КАТАСТАРОТ си е само КАТАСТАР, без никакви додавки. Во ваквите случаи самата именка го објаснува поимот. 

Loading