15 години од смртта на десетте бранители кај Карпалак
Згаснаа животите на десетмина млади бранители во одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија на осми август пред 15 години. Овој ден се врежа во меморијата на прилепчани. Остана запамтен во поновата историја. Десетмината заедно со стотината соборци, во два автобуси, на осми август утрото 2001 година тргнаа кон Тетово. За жал, кај месноста Карпалак, беа пресретнати од терористи. Истрелите засекогаш ги секнаа животите на Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељановски, Веби Рушидоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски. Ќе останат вечно забележани во градот на простумот и непокорот, кој достојно им се оддолжува.
За годишнината од погибијата се подигна споменик во касарната, се отвори спомен соба со фотографии на загинатите и се откри спомен обележјето кај тринаесеткатницата. За 10 годишнината, се крена грандиозен паметник, Карпалак, висок 18 метри, на чиј врв пулсира топка, која симболизира вечност. Се направи споменик кај хотелот Липа посветен на сите бранители.
Често се зборува да не се повтори тој кобен ден, но и да не се заборави. Постојано да се потсетува што е загубено. Идните генерации нужно е да знаат, да ценат и почитуваат. Десетмината се трајно врежани во срцата на најблиските. Децата, родителите и сопругите и ден денес, по 15 години, не се помируваат. Не говорат, оти им е откинато парче од срцето. Болката по загубеното остана и по минувањето на годините.
– Никогаш нема да преболиме – велат родителите на загинатите.
Низ фотогалеријата на Зенит се сеќаваме на минатите годишнини од Карпалак.