ФАКЕЛ, НЕ БАКЛЈА

ivce1Ја знаеме приказната од Езоп во која тој вели дека човекот постојано носи на себе две вреќи. Едната отспреди, другата одзади. Онаа што е отспреди е полна со туѓите мани, недостатоци, грешки. Затоа човекот може секогаш да ги гледа. Во вреќата што е одзади, на грбот, сместени се сопствените мани, но тој не може да ги види. Што е наравоучението? Туѓите мани ги гледаме, а своите не. Ќе кажеме зошто е овој вовед.

Ретко, мошне ретко споменуваме личности и имиња. Овојпат ќе кажеме. Повод ни даде Јанко. Познат на сите од емисијата “Јади бурек”. Пословичен е неговиот говор полн со грешки. Недобројни. Но, еве сега Јанко не изненади. И тој, како и сите ние, ги следи демонстрациите во нашава земја. Во некои моменти, дел од демонстрантите носеа факли во рацете. На многу места прочитавме и од многу места слушнавме дека демонстрантите носеле БАКЉИ. Ете тоа го изреволтирало и Јанко. Коментира тој надолго и нашироко. Може да се рече дека и протестира за употребата на овој збор. Вели дека тој нема никаков корен во нашиот јазик, дека кај нас тоа е ФАКЕЛ, а не БАКЛЈА. И сосема е прав. Тој збор го нема во нашиот јазик. Невозможен е дури и неговиот графички облик. Ако веќе треба да го напишеме, тоа треба да се напише БАКЛЈА, а не БАКЉА. Проблемот со нашето “Л” (тврдо и меко) е голем. Нема сега да се задржуваме на тоа. А и да сакаме, не можеме да кажеме со еден збор вака или така. Потребна е многу, многу поширока елаборација. Тоа треба да го направат и редовно да го прават компетентни институции. Прво треба да се почне со основните училишта, потоа да се објаснува, да се дообјаснува во многу пригоди, и на многу начини. Вака како што е ситуацијата, луѓето ќе лутаат, не ќе знаат кога треба да напишат “Л” кога “Љ”, и кога “ЛЈ”.

Но, да се вратиме на реакцијата од Јанко. Велиме дека сосема е прав. ФАКЕЛ треба да биде, а не БАКЛЈА. Се согласуваме со неговата реакција, но никако не можеме да се согласиме со неговиот поширок коментар. Тој дури и се фали со тоа што вели дека не го знае добро правописот, правоговорот. Вели дека зборува маџирмалски, дека употребува доста србизми и дека зборува на скопски сленг (вулгарен, уличен јазик). И навистина, што се не сме чуле во неговиот вокабулар. Сме пишувале за тоа, и сме се нервирале како е тоа можно. Како може и како смее, на официјално место, во телевизиска емисија да се зборува со ваков јазик. Еве сега и Јанко се чуди. Се чуди како може на телевизија, на официјално место да се употребува зборот БАКЛЈА. Се чуди тој дури и се нервира. Како што се нервираме сите ние кога ги слушаме неговите грешки. Ќе повториме уште еднаш за графичкиот лик на зборот (туѓ) БАКЛЈА. Тоа создава проблем и во самиот изговор. Некои ја викаат и ја пишуваат БАКЉА, а некои пак дури одат и дотаму што ја пишуваат БАКЛА. А БАКЛА е сосема нешто друго. Тоа е растение многу слично на гравот, но со поголеми, плоснати јадливи зрна.

Јанко! Точна ти е забелешката. И оправдан ти е револтот. А нам ни останува уште еднаш да констатираме дека човекот се револтира за грешката, за која знае дека е грешка. За своите грешки не е свесен, не знае дека се грешки и затоа си ги повторува и понатаму.

Јанко бе! Ајде да ти препорачаме да ѕирнуваш понекогаш и во задната вреќа. Ќе се потсетиш белки на некои нешта. Белки ќе ти текне дека личната заменка во прво лице гласи ЈАС а не ЈА. Ќе ти текне дека не се вели КАО, туку КАКО. Ќе ти текне дека не се вели ЗБОРАМ, туку ЗБОРУВАМ. Белки ќе се сетиш и дека Христос бил РАСПНАТ, а не РАЗАПНАТ како што велиш ти. Има потсетник во таа вреќа што е одзади, за многу нешта. Ќе сретнеш таму нешто и за акцентот. Ти кога се фалиш дека “збораш” маџирмалски и на скопски сленг, забораваш да се пофалиш дека и акцентот не ти е добра страна. Го споменавме и скопскиот СЛЕНГ. Но, сленгот треба да произлезе од нашиот јазик. Не е СЛЕНГ, ако се користат српски зборови, особено пцости. Како и да е, на официјално место, особено на телевизија, не треба да се зборува на никаков СЛЕНГ. Тој може да се користи во некои специфични услови и околности, а не во ТВ емисии.

Ајде Јанко, да го демантираме Езопа. Да почнеме да се вртиме и назад, да ѕиркаме и во задната вреќа. Езоп го рекол тоа одамна, сега се други времиња. Ајде да почнеме да гледаме и отспреди и одзади.

Благоја Ивчески

Loading