ЗАПЧЕНИК И БРОЈЧЕНИК

ivce1Во една театарска претстава (Охридски театар) го слушнавме зборот ЗАПЧАНИК. И тие од театарот, како и многу други го “помакедончиле” српскиот ЗУПЧАНИК. Тие, всушност мислеле дека проблемот е решен со тоа што го отфрлиле “У” и го замениле со “А”. Благоја Корубин, во една своја книга, убаво го објаснува тоа. Ќе го прокоментираме. Во српскиот јазик, именката ЗУПЧАНИК е изведена врз основа на именката ЗУБАЦ, но преку придавката од неа – ЗУПЧАН. Кај нас именката гласи ЗАБЕЦ, па според тоа логично е да се добие ЗАБЕЧНИК. Но, луѓето не го прифатиле тоа и тргнале по српскиот модел кој исто така е можен и кај нас, се разбира, на наш начин. Значи, од именката ЗАБЕЦ нашата придавка ќе гласи ЗАПЧЕН (не запчан). Српската наставка е “АН” (зупчан), кај нас е “ЕН” (запчен). По тој пат доаѓаме до ЗАПЧЕНИК, а не ЗАПЧАНИК. Множинската форма ќе биде ЗАПЧЕНИЦИ. Ќе приведеме неколку зборови од српскиот јазик по чиj модел сме тргнале и ние: ЗУПЧАТИ, ЗУПЧАН (и), ЗУПЧАНА, ЗУПЧАНИК, ЗУПЧАНИЦА, ЗУПЧАСТ. По истиот начин ги имаме во македонскиот јазик и зборовите: ЗАПЧИ, ЗАПЧЕН, ЗАПЧЕНА, ЗАПЧЕНИК, ЗАПЧЕНИЦА, ЗАПЧЕСТ. Сиве овие зборови се внесени во Правописот како литературојазична норма.

Луѓето, знаејќи дека ЗУПЧАНИК е српски збор, настојуваат да го помакедончат во согласност со нашиот литературен јазик. Но во тоа настојување го постигнуваат тоа само во еден елемент (во основата: ЗАП ) а другиот (во наставката: АН ) останува незабележан и затоа зборот не ја добил полната македонска форма. Така им избегало од предвид тоа и на луѓето од Охридскиот театар. И не само ним.

Всушност, поводот за овој напис ни е еден друг сличен случај од една друга област. Во некои поодамнешни времиња, практика беше, на крајот од учебната година, одличните ученици да добиваат награда. Книги им се даваа. Престана таа практика. Оваа година одличните сепак добиле награди. Убаво е тоа. Внукот заврши деветто одделение и добил награда, книга од Агата Кристи со наслов “Мистеријата на седумте бројчаници”. Агата Кристи е одличен писател за криминалистички литературни дела. Сметаме дека таквиот вид книги не се баш соодветни за награда на овие деца. Но, настрана тоа. Веднаш ни го привлече вниманието насловот, односно зборот БРОЈЧАНИК. Според тоа како не води јазичното чувство, сметаме дека е погрешно. Но, тоа треба и да се потврди. Сосема сличен е примерот со ЗАПЧЕНИЦИТЕ (запчаниците). БРОЈЧЕНИК треба, не БРОЈЧАНИК. Да речеме, БРОЈЧЕНИК е лицето од часовникот каде што се испишани бројките. Исто така, горниот дел од телефонот каде што се испишани бројките и други такви. Пребарувавме по речниците. Во Речникот (тритомниот) го нема тој збор. Одбележана е именката БРОЈНИК. На именката БРОЈ додадена е наставката “НИК” и сосема правилно е добиена нова именка БРОЈНИК. Но, во комуникациите ретко го среќаваме тој збор. И овде не влече оној српски модел БРОЈЧАНИК. Ама сега и тој бара македонска форма. И сега ќе се послужиме, преку зборот БРОЈ да дојдеме до придавката БРОЈЧЕН и со додавање на наставката НИК (која што е наша и е правилна), добиваме именка БРОЈЧЕНИК. Нели рековме! Српската наставка гласи “АН” а македонската “ЕН”. Српски – БУДАН, ЗГОДАН, македонски – БУДЕН, ЗГОДЕН и слично. Така се добиени придавките преку кои ќе дојдеме до новата именка, во случајов од ЗАПЧЕН – ЗАПЧЕНИК.

Рековме, во Речникот одбележан е само зборот БРОЈНИК, а БРОЈЧАНИК го нема. Тој збор е во употреба во поново време и затоа го нема во Речникот. А пак во Речникот на Зозе Мургоски ја има и придавката БРОЈЧЕН и именката БРОЈЧЕНИК. А ја има и БРОЈНИК. Во српско-македонскиот речник издаден од “ОБОД” – Цетиње, се среќава именката БРОЈЧЕНИК. Чудно е зошто во новиот Толковен речник е одбележана како БРОЈЧАНИК. Погрешно е тоа. Веројатно станува збор за грешка од техничка природа. А придавката БРОЈЧЕН е одбележана. Тоа кажува сосема јасно и недвосмислено. Ако гласи БРОЈЧЕН, именката ќе биде БРОЈЧЕНИК. Погрешно, под влијание на српскиот јазик, нашиов човек ќе рече БРОЈЧАНА состојба, наместо БРОЈНА или БРОЈЧЕНА.                

Затоа, ќе констатираме дека книгата на Агата Кристи е погрешно преведена. Насловот треба да гласи – “Мистеријата на седумте БРОЈЧЕНИЦИ”.

И луѓе кои преведуваат литературни дела, често се заведени во погрешна насока. Понекогаш и “ситниците” го решаваат проблемот. Затоа треба да се внимава.       

Loading