ГОЛЕМА КОНКУРЕНЦИЈА ЗА СЕКОЕ МЕСТО ВО ПОБЕДА

Фудбал: Оптимистички старт на подготовките

– Многумина сакаат да пристапат, никој не заминува

Zalet kon gorniot del od tabelata - fudbalerite na    Pobeda

Ако по утрото денот се познава, според почетокот на подготовките се наѕира и квалитетот на екипата на Победа. Многу кажува бројката од 38 присутни на првата прозивка. Тука се досегашните првотимци, сите до еден, а доаѓаат и нови. Многумина сакаат да пристапат, а никој не заминува. Во прашање е големото име на Победа, брендот, секако и организацијата во клубот, амбициите за враќање на старите патеки.

Навивачите најмногу ги интересираат играчите, особено новите. На првиот ден имаше петмина со потписи на договори. Дури четворица се повратници, што потврдува дека оваа Победа првенствено води сметка за проверениот кадар, за играчите кои потекнуваат од клубот или биле веќе во него, за собирање на едно место на сé она што вреди. Прв потпиша стоперот Дарко Илиески од Металург, потоа голманот Давор Талески од Брегалница, за врска Кемал Аломеровиќ од Академија Пандев и левиот бек Ристе Илијовски од Младост Царев Двор. Сосема нов е десниот бек Димитар Иванов од Тетекс.

Конкуренцијата се зголемува претежно со млади, но искусни играчи. Високиот голман Талески (21) го чуваше голот на Победа и на прволигашот Металург, а потоа поради суспензија не настапуваше за Брегалница, иако беше нејзин член. Суспендиран од истиот клуб беше и стоперот Илиески (20), кој четири месеци пролетоска тренираше во Прилеп. Добро се искали и Илијовски (21), прво во Победа, потоа во прволигашот Младост. Татко му Ѓоко беше во Победа осум сезони. Ако се бараше возрасен, искусен и квалитетен, тоа секако е Аломеровиќ (35). Со богата кариера во земјава и во странство, е наша варијанта на Модриќ. Остави одличен впечаток на голем мајстор со топката и затоа не изненадува враќањето во Победа. За Иванов (21) се знае дека е роден во Прилеп и играл за Металург, Вардар, Љубанци и Тетекс. И татко  му Јово настапуваше за Победа.

Тука не завршува списокот. На проба е доведен Јапонецот Хајато Вакино (23), напаѓач. Играл за Клајпеда (Литванија), Лиепаја (Латвија), Интер Лајпциг (Германија), Хелсинки (Финска) и за Каунас (Литванија). Деновиве треба да пристигнат четворица фудбалери од Африка. И тие ќе бидат на проба. Отворена е клупската врата. Се зборува и за интерес од јужноамериканскиот континент, конкретно од Бразил.

Може да се очекуваат напорни подготовки и што е најважно посакуван квантитет за добивање на висок квалитет. Извесно е дека ќе има борба за секое место, наметнување низ професионализам, работа, дисциплина и игра кај тренерот Дарко Крстески.

Седум дена во Бугарија

Фудбалерите на Победа првите три недели ќе ги одработат во Прилеп. Покрај тренинзи и тест – мечеви, ќе има и задолжителни лекарски прегледи. Според планот на Стручниот штаб, на 10 јули е заминувањето во Банско (Бугарија) за продолжување на тренинзите и пријателските средби. Две веќе се договорени, со прволигашот Пелистер на 12 јули и со второлигашот Академија Пандев на 17 јули. Сигурно ќе има уште до стартот на првенството закажан за 7 август.

– Еден до два пријателски натпревари ќе имаме до одењето во Банско. Таму планираме три, од кои третиот би сакал да е со силен противник, бугарски или тим дојден на подготовки. Таков меч ни е потребен да видиме што сме сработиле и што е нужно да досработиме. После ќе одиграме уште два – три меча – најави тренерот Крстески.

Јовица Обрадовиќ

Да им ги расипеме сметките на фаворитите

– Победа нема да биде само една епизода во Првата лига, туку ќе опстојува многу години. Прилеп го заслужува тоа. Настојуваме да го задржиме костурот на екипата и да се засилиме. Очекувам да ги расипеме сметките на малку подобрите клубови, Вардар и Работнички – изјави Јовица Обрадовиќ, спортски директор. 

Loading