ЃОРЃИ ПУЛЕВСКИ

ivce1Ќе се вратиме малку назад во времето. Некаде во втората половина на 19 век. Не за да бараме јазични грешки. Македонскиот литературен јазик тогаш не беше изграден во неговата современа форма. Но, сакаме да ги демантираме оние кои се уште сметаат дека македонскиот народ и македонскиот јазик ги измислила Коминтерната, заедно со Тито.

Го споменуваме 19 век, а тука е и еден човек од тоа време, кој, кај нас лично, предизвикува нескриени симпатии. Ѓорѓи Пулевски е тој човек. Роден е во Галичник, а годината на раѓањето не се знае точно. Се знае дека починал во 1890 година. Од Галичник произлегуваат многу видни Македонци, но како што вели Блаже Конески: “Само еден таков јунак каков што бил Пулевски“. Учествувал во борбата за ослободување на Белград од Турците. Во 1862 година. Во Руско – турската војна (1876 – 1878) Ѓорѓи учествувал како заповедник на одред од македонски доброволци во битката на Шипка. Добил орден “Св. Ѓеорѓиј“ и сабја од рускиот император. Но, што е она што ги побудува нашите симпатии? Ѓорѓи, иако самоук, пишува за својот јазик и на својот јазик (македонски) и за својот народ (македонски). Пишува: “Народ се велит људи који се од еден род и који зборувајет еден збор и који живувајет и се другарат едни со други и који имајет еднакви обичаји и песни. Така и Македонциве се народ и местово нивно е Македонија“ . Пулевски издава два речника, едниот од четири јазика, другиот од три. И двата, издадени во Белград 1873 и 1875 година. Тој е полиглот, ги знае сите балкански јазици. Од еден на друг јазик тој го преведува дури и името на реформаторот на српскиот книжевен јазик Вук Караџиќ. На македонски – ВЛКАН КАРАЏОВСКИ, на грчки – УХО КАРАЏИС, на турски – КАРАКУРТА. На турски ВОЛК се вика КУРТ, а КАРА значи ЦРНО. Пулевски има издадено и две книшки – “Македонска песнарка“ (Софија 1879) и “Самовила македонска “(Софија 1879). Во однос на македонскиот литературен јазик тој предлагаше да се свика собир на образовани луѓе од сите македонски краишта, кои ќе ја состават неговата граматика, така што “Да стане као света таа книга за сиве шкоља, а и за други книги писање“. Ова го зборува Пулевски во тоа време, далеку пред Мисирков, а многу, многу пред Коминтерната. Пулевски и самиот се обиде да даде една своја верзија на таква граматика.

И помина многу време по смртта на Пулевски. Се најдоа такви образовани луѓе, се направи таков собир и се направи таа “света” книга – ГРАМАТИКАТА. Се дефинира и правописот се издадоа и речници. Со жал ќе констатираме дека во последно време тие книги престанаа да бидат “свети“. Служат повеќе како украс во витрините. Сведоци сме на многу, многу грешки и отстапки од правилата. Речникот, Граматиката и Правописот како да не постојат. Последниве години се појавува една тенденција која навестува дури и тотално однародување. Сме сретнале податок дека во Франција постои широк список со имиња и дека при давање име на новороденчињата, не може да се отстапува од тој список. И насекаде постои некаква регулатива. Кај нас нема такво нешто. Тенденцијата жените да носат презимиња со машка форма е погрешна и опасна. А среќаваме – Марија КРСТЕСКИ, Лилјана ПЕТРЕВСКИ, Благородна УЗУНОВ, Стојна СОКОЛОВ! (Имињава се случајно избрани) Барем овде,  во оваа област може и мора да се прибегне кон определена регулатива. Во најголем случај, во македонскиот јазик, презимињата се придавки и тие го носат родот, зависно од тоа дали се однесуваат на маж или на жена. Како што не може да се рече ШАРЕН ЏАМИЈА, БЕЛ ЦРКВА, БИСТАР ВОДА, ПОПОВ ЌЕРКА, исто така неможе и несмее да биде БЛАГОРОДНА УЗУНОВ или МАРИЈА КРСТЕСКИ.

Сме пишувале за овој проблем и порано. Се навраќаме повторно зашто неговата дегенеративност е голема. Тоа е мошне опасно помодарство, а нелогичноста е очевидна. Сопругот исто така има право да го земе презимето од сопругата. Но, да речеме дека сопругата се вика ПЕТРА ИВАНОВА. Дали и сопругот, кој се вика Сотир, ќе биде СОТИР ИВАНОВА. Апсурд! Глупост! Исто како што не може и ПЕТРА ИВАНОВ.

Случајот е сериозен, проблемот голем, однародувачки. Потребна е институционална грижа.

Дедо Ѓорѓи Пулевски пекаше за образовани луѓе кои ќе направат граматика. Еве, дојде време да пекаме за компетентни луѓе кои ќе застанат на патот на стихијата во нашиов јазик. 

Loading