Симон Наумоски, претседател на Одборот на директори на ПИ „Витаминка” – Прилеп
Витаминка е синоним за Прилеп. Во сите растечки стадиуми на прехранбената индустрија, вградена е упорноста и работливоста на прилепските работници, предводена од менаџерскиот тим кој придонесе компанијата да го создаде најголемиот свет на вкусови кои се дел од животите на неколку генерации. Одбележувањето на 60 години работа, производство и создавање на спомени и бесценети моменти е повод за разговор со Симон Наумоски, со првиот човек на кормилото кој ја предводи успешната приказна за тоа како Витаминка прерасна во гигант во кондиторската индустрија, бренд зад кој стојат голем број производи.
Приказната започна пред 60 години со појавата на малиот производител на црвен пипер. Витаминка денес, во деловниот свет, претставува многу ценета компанија со голем асортиман на производи, македонски производител што е познат и присутен во 40-тина странски пазари. Кои беа вашите најтешки години во Витаминка?
Неколку години во периодот на мојата 42 годишна работа беа најтешки. Првиот период, во траење од 2-3 години, беше од моментот кога влегов во Витаминка. Работев во фабрика за која ништо не знаев, што таа произведува и каква е состојбата. А дојдов од фабрика која многу повеќе значеше во јавноста во однос на Витаминка (“Пиперна”) и која веќе ја извлековме од силни финансиски тешкотии, а кои ги имаше многу години (фабриката Партизан). Дојдов во Витаминка на почетокот на новата сезона за преработка на сурова во сушена пиперка. Влегов во фабрика со големи загуби, тригодишна залиха на непродаден црвен пипер, огромни ангажирани кредити од локалната банка, а примарно за плаќање на личните доходи на 72 редовно ангажираните работници и со многу лоша состојба на меѓучовечките односи, создадени од високо-стручен и средно-стручен кадар, ангажиран за работа во фабриката. Директорот беше член на боречката организација, со средна наобразба. Пред пензионирањето, зад него стоеше дел од групата образовани кадри, а другиот дел во опозиција. Кавгите и навредите меѓу групите се рефлектираа со штети на фабриката. Расправиите беа поврзани за лицето кое требаше да го наследи стариот директор по неговото пензионирање. Само што влегов, извршив примопредавање со постојниот директор, со кој, во присуство на комисија, направивме писмен записник од една чукана страница. Следниот ден презедов да ја водам фабриката за која ништо не знаев, ни пак имав некој пријател, роднина, да ми понуди помош. Од вториот ден почна “голготата”, судирот со невидено крупни проблеми, работа во компанија во која владееше безизлез. Еден близок роднина, вујко, брат на мајка ми, кој живееше во Скопје и беше на висока позиција во Републиката, кога дозна за мојата одлука, на телефон во лутина ми рече: “Срам да ти е. Од врвен технолог во позната фабрика, замина без да ме консултираш, да работиш како бакал (водач на продавница), да продаваш црвен пипер”. Во наредните 2-3 години, само јас и сопругата, знаеме што преживеавме. Често, после работното време, скитав надвор од градот, размислувајќи што направив, што ми беше потребно, од каде да тргнам и како да ги решавам наталожените проблеми. Првите потези беа да ги научам технологијата и математиката во фабриката, да дознаам кој од кадрите на која страна е од двете поделени групи, каква е состојбата со залихите, каде се складирани, бидејќи количествата беа околу 720 тони, и тоа на почеток на новата сезона за берба и преработка на пиперки (откуп, преработка и сушење во сушилници). Колкави беа овие залихи, доволно е да се напомене дека во првото полугодие во 1974 година, на пазарот беше продадено сé на сé, 105 тони мелен црвен пипер. Според овој интензитет на продажба на резервите кои ги затекнав, би биле потребни околу три и повеќе години за исчистување на залихите од магацините. Следните потези беа да ангажирам три-четири нови високо-образовани соработници, да придобијам што поголем број од завојуваните страни, итно да тргнам низ Југославија во потрага по купувачи и да продадам што поголем дел од затекнатите залихи за да се избегнат поголеми загуби од пропаѓањето на квалитетот, а поради нивното долгогодишно складирање. Значи, што повеќе да ослободам финансиски средства врзани за кредити во залихи. Паралелно, барав нови производи за старт во ново производство заедно со црвениот пипер. Целта беше побрзо да се прошири асортиманот, користејќи ги постојните работници. Во продажбата на залихите ми помогнаа тогашниот генерален директор на ДИК Црн бор, познат на пазарот на поранешна Југославија, Милан Цакоски. Тој го стави на користење претставништвото во Белград, поточно нивниот тамошен директор, да ми помага во продажбата на залихите на пазарот во Белград и пошироко. Друга личност која ми помогна во продажбата и во одложувањето на отплатата на кредитите беше Ванде Вандески, “другар” на Цакоски, а заменик министер за индустрија во Извршниот совет на Македонија. Двајцата се починати. Ним им сум благодарен што при стартот во Витаминка несебично ми помагаа и ме поддржуваа. Втор најтежок период во долгогодишната работа во Витаминка е оној од 1992-1994 (95) г. кога се растури СФРЈ и Македонија стана самостојна држава. Одеднаш се најдовме на пазар од два милиони жители, во земја опкружена со затворени граници од три страни, а само еден отворен пат за излез на нашите камиони и влез на странски со суровини, оној преку Софија, Русе (на Дунав кај Букурешт), а оттаму на запад покрај Дунав на Темишвар, Унгарија и Европа. Телефонските и телеграфските врски со светот беа прекинати пред Белград. Контактите со светот одеа исклучиво на факс и телефакс, преку нашето претставништво во Сараево. На еден шлепер со наша стока кој ја превезуваше за Европа и се враќаше назад со суровините му беа потребни околу 25 дена. Во 1992 година, 1993, и дел од 1994 г., продажбата во Витаминка падна за околу 4,5 пати во однос на 1991 г. Ги задржавме сите работници, без ниту еден да замине дома. Благодарение на огромните нето добивки остварени во 1991 г., и чувајќи ги како резерва, успеавме да преживееме од незапаметените тешкотии. Тоа е втор најтежок период во постоењето за Витаминка. Да се одржиме помагаше широката програма од 1991 г. Од остварениот околу 67 милиони германски марки вкупен приход во 1991 г., во 1992 година паднавме на помалку од 15 милиони марки. Во 1991 г. Витаминка имаше четири фирми во странство, во Диселдорф, Братислава, Софија и во Ниш, претставништва во Белград и Сараево. Поради лошите комуникациски можности во 92, 93 и 94 г. очекувано влегоа во загуби, поради неможностите за испорака на стоката, поради неможностите за контрола, но и поради криминалните постапки на раководителите кои беа граѓани на Македонија и на Србија. Покрај тешкотиите, ниту еден од раководните кадри не ја напушти компанијата. Од 1994 г. дел од раководниот тим, тргна интензивно на саемите во Европа и кај произведителите на опрема (нова и половна) да се најде нов зафат, за нова инвестиција од помал обем за да влеземе во реализација и тоа без поголеми потешкотии во тековната работа. Пронајдовме програма за производство на чоколада во форма на морски школки. Храбро влеговме во реализација во 1994-95 г. И не згрешивме. Третиот тежок период е од 2007-2008 година, кога го направиме пропустот со купената технологија за производство на јафа кекси. Толку се згреши, пред сé, од доставувачот на опремата, што ако Витаминка не беше моќна, финансиски и пазарно, сигурно ќе влезеше во многу тешка финансиска состојба најмалку 3-4 години. Благодарение на големината на Витаминка и остварувањето добри профити од другите производи, останавме стабилни, но и со последица на одложување за 2-3 години на темпото на развој. Тој кризен период сепак беше поднослив, во однос на претходните два. Сите останати години беа одлични. Потврда е дека компанијата немаше ниту еден ден блокирана сметка, редовно ги подмируваше сите финансиски обврски, повеќе од 30 години.
Кои функции ги имавте во работниот век?
Како инженер, и тоа доста успешен, во мојот 50 годишен работен век, бев Претседател на ОК на СК за Прилеп, член на Реформската сила на СФРЈ во времето на Анте Марковиќ, два мандата пратеник во македонскиот парламент (од 1990-1998 г.), избран по мнозинскиот изборен модел, член на делегацијата на Македонија во Соборот на републиките и покраините во Собранието на СФРЈ, во 1991 г., член на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија повеќе од 10 години, повеќегодишен претседател на УО на Регионалната стопанска комора за Прилеп, повеќегодишен член на Управниот и Надзорниот одбор на најмоќната банка во Македонија – Комерцијална банка, претседател на УО и на Собранието ГС1 Македонија. Добитник сум во 1999 година на Наградата за животно дело, “11 Октомври”, на ниво на Македонија, која еднаш во животот се добива како успешен менаџер, и сл… Задоволен сум од постигнатото. Ако сега ја почнувам кариерата, нема да го променам патот што го минав на животен и професионален план.
Витаминка денес…?
Витаминка е прехранбена индустрија, најголема или една од двете најголеми во Македонија со 15 производствени линии. Вработени се околу 620 работници (само во Македонија). Остварен е вкупен приход од околку 28 милиони евра во 2015 г. со бруто профит од 900 илјади евра. Остварениот вкупен приход и во 2015 г. не е на нивото од 1991 г. (околу 33,5 милиони евра). Очекуваме за 2-3 години, овој износ да се достигне и надмине. Во 2016 г. стартувавме, во првите четири месеци во однос на истиот период лани, со подобри резултати по сите елементи. Се надеваме дека овој тренд ќе трае цела година, ако политичките прилики во земјава и пошироко не се искомплицираат за што постојат можности. Витаминка, денес, во секој поглед, е комплетно спремна за остварување многу подобри резултати од остварените во минатите 2-3 години.
Каква е квалификационата структура?
Задоволен сум од квалификуваната структура. Од порано се подготвуваме за обезбедување нови кадри, пред сé, од профилот технолог. Стипендираме студенти и првата група доаѓаат на работа од почетокот на 2017 г. Следната група е од 2019 г. Во државава, моментно најтежок проблем е недостигот на кадри од средните стручни училишта (машински, електро-техничар, хемичари). Образуваните, според квалитет, не се на потребното ниво диктирано од новите машини во производството. Витаминка денес ја води раководен тим од 20 врвни стручнаци. Осум се секторски директори, осум раководители на работни единици од кои некои водат по една, а некои по две и три единици, потоа раководител на претставништвото во Скопје, директор на нашата фирма во Белград, генерален извршен директор и претседател на Бордот. Во Бордот, двајца директори се вработени во Витаминка, двајца се познати раководители на компании и установи во Прилеп, и еден е д-р. проф. за маркетинг и менаџмент на Економскиот факултет во Скопје. Раководниот тим е потполно нов, тим – втора генерација што ја води компанијата веќе три-четири години. Од старата генерација, од првиот состав во редовен работен однос останав единствен како Претседател на Одборот на директори.
Каков е извозот?
Витаминка извезува во 40-тина земји во светот. Од извозот остварува околу 45 отсто од остварениот вкупен приход. Ги извезува речиси сите производи со доминација на чоколадата (бонбониери “Атлантис” – чоколадни школки), “Стоби флипс”-от, “Чоко Стоби флипс”-от, “Цевитана”-та, мајонез “Витанез”, “Фрути” мекиот кекс, интегрален кекс “Деспина” и сл. Последен извозен успех е потпишаниот договор со партнер во Иран, кој по обем, е многу интересен за компанијата. Стратегијата е да се зголеми обемот на извозот наредните две-три години и да имаме 60-65 отсто учество во создавањето на вкупниот приход. Паралелно се претендира на раст на продажбата и на домашниот пазар. Оптимисти сме и веруваме дека ќе ја оствариме и оваа цел, но и ќе ги зголемиме профитот и продуктивноста.
Кои се доблестите на компанијата?
Најголеми брендови на компанијата, најголеми доблести, се производство на сопствени производи секогаш, редовно, со стабилен и препознатлив висок квалитет, редовна испорака до купувачите од било која земја да се, производите да имаат релативно прифатлива цена на било кој пазар да се нудат во светот. Никогаш не е дозволено, наш вработен да им создава проблеми на купувачите. За вработените во продажните служби и за целокупниот раководен кадар важи правилото дека купувачите секогаш и во сé, се во право. Никој во фирмата нема дозвола и право да се конфронтира со било кој купувач во светот. Никој нема право и дозвола да испорача различни квалитети без разлика дали купувачот е од Њујорк, Нов Зеланд, Африка или од некое запоставено место во Македонија.
Колку и во што се вложува за модернизација?
Во изминативе две-двеипол години, што од кредити, што од своите средства, и од средствата во фондот за амортизација, вложени се во опрема околу 8-8,5 милиони евра. Најголем обем на средствата се вложени за краток период во 60 годишната работа на компанијата. Купена е, монтирана и пуштена во работа, нова компјутеризирана линија за подготовка на чоколадни маси од разни квалитети. Потоа, купена е нова, најмодерна линија за производство и пакување на “Стоби флипс” и други слични производи со 2,5 пати зголемен капацитет од старите линии. Синхронизирана е таа нова линија и е ставена во нормална работа. Комплетно е оспособена линијата со зголемен капацитет за производство на чоколадирани производи, а пред сé за новиот познат бренд од оваа група, многу попознати на странските пазари, под комерцијалното име “Чоко Стоби флипс”. Модернизирани се и други делови во производството. Денес Витаминка е скоро 95 отсто оспособена со производни погони со машини за непречен влез на било кој пазар во светот. Сите светски системи за контрола на квалитетот, освен КОСХЕР-от се воведени и функционираат во фирмата без проблем. Интензивно се работи и на имплементацијата на КОСХЕР-от.
Кој е ваш најголем подвиг годинава?
Најголем подвиг оваа и 2015 година е обемот на вложувањата во модернизацијата на компанијата.
Идни инвестиции?
И во наредниот период продолжуваат новите инвестициски зафати. Можеби не по обем како претходните две-три години, но се продолжува со нови вложувања кај чоколадираните производи, во нова група снекс производи. Во почетна фаза е подготовката за купување нови мулдинг линии. Во план е градба на нов централен магацин за готови производи со многу поголем капацитет од досегашниот. Клучната стратешка цел е што поголемо присуство на странските пазари, паралелно со зголемен број на земји каде ќе бидат присутни производите и со зголемен обем на продажбата од година во година, во секоја земја во светот во која и денес се присутни производите. Внатре, во фабриката, предвидени се зафати, кои се во тек на реализација, на планот на континуираното зголемување на продуктивноста во секој сектор, работните единици, одделенијата, услужните единици и сл. Во план е континуиран раст на просечно исплатените месечни плати по работник. Зголемувањето е цврсто поврзано со растот и на продуктивноста. Во план е во наредните неколку години, во некои од земјите од составот на поранешна ЈУ, да купиме некој производствен објект, со производна програма слична на нашата, а кој е во финансиски потешкотии. Ќе настојуваме да го санираме и да го користиме за проширување на производствената програма, да го прошириме учеството на пазарите на државите излезени од составот на поранешната СФРЈ. Имаме понуди од Србија, а очекуваме и од другите земји од составот на бивша ЈУ.
Што значат признанијата?
Секоја добиена награда за својата работа е посебно драга, без разлика во кој период од животот се наоѓа човекот. И на младиот човек и на постариот (во поодминати години), наградата му е мила, дава нов елан, поттикнува на работа и ново докажување, потврдува дека во изминатиот животен век се работело добро.
Кој ви е најголема поддршка?
Секогаш имам најголема поддршка од сопругата. Половина од 42 години во Витаминка бев надвор од градот, од државата, барајќи купувачи за зголемен пласман, барајќи нови машини, нови производни линии, нови идеи, откривајќи нови развојни правци. Покрај синот, имам и ќерка, која, работи во Витаминка. Практично немам слободно време за лични активности надвор од работното време. Редовно работам по 11-12 часа во денот, а некогаш и повеќе. Само сабота ми е ден за средби, за дружење, со другарите, пријателите. Често работам и во лето на викендичката, која ни е заедничка со синот.
Врвна награда за Витаминка и Наумоски од БиХ
Витаминка е избрана за најкомпанија за 2016, а Симон Наумоски за најменаџер од назависното регионално европско жири на Европското здружение на менаџери од Зеница. Признанијата ќе бидат доделени на гала свеченост на 7 јули во Сараево?
– Наградите не ги очекувавме и пријатно нé изненадија. Признанието за мене, особено за фабриката, во која поминав 42 години, значи многу. Голема помош е за натамошното пробивање на странските пазари. Признанието е потврда за долгодишната успешна работа и развој. Возбудата и радоста се поголеми, бидејќи доаѓаат од Европското здружение на менаџери од Зеница, од БИХ, од Републиката, во која заеднички живеевме 55 и повеќе години, каде соработувавме одлично за обостран интерес. И ден денес го чуваме пријателството со деловните партнери од тоа време.
ПОЛОВИНА ВЕК РАБОТЕН СТАЖ ВО ЕКОНОМИЈАТА
Симон Наумоски е роден во Прилеп во 1941 г. во сиромашно семејство од татко поштенски службеник и мајка тутунопроизводител. Основно и средно образование (гимназија) завршил во родното место, а Технолошки факултет во Скопје, како прва генерација во 1964 година. Се вработил прво во Партизан, фабрика за термоизолациони производи од дијатомејска земја, фелспад (употребуван во производството на глазури за порцелански производи) за калцирана дијаметриска земја за филтрација на пиво и лекови, каде почнал и работел околу 7 години. Еднаипол година работел во средното хемиско училиште во Прилеп, а половина година во фабриката за градежен материјал во Неготино. Од летото 1974 година (јули-август) по налог на општинскиот комититет С.К. – Прилеп станал директор на фабриката за производство исклучиво на црвен пипер. Во Витаминка (со своевременото популарно име “Пиперна”), работи и денес, приближно 42 години. Фабриката денес не произведува црвен пипер. Одамна го напушти и е прехранбена индустрија со 15 производни линии, најголема, или една од двете најголеми компании во Македонија.
Оженет е со сопругата Марија, пензиониран хемиски лаборант, со која има син и ќерка, четири внуци и веќе снаа за најстариот внук, син на неговата ќерка.
Со семејството живее во Прилеп.
Работниот стаж главно во економијата му е околу 51 година.
Се пензионирал навреме, но продолжил да работи до ден денешен. Сега е претседател на Одборот на директори на Витаминка.