КАРПА – ЦРКВА КАЈ ДАБНИЦА

Од антиката, до 12 и 13 век се претпоставува култноста на карпата – храм

Фреска на Свети Архангел на карпа

Karpata- crkva

Од Прилеп кон Дабница е преполно со археологија. Лево, на километар-два од Прилеп, се наоѓа локалитетот Караташ, со гробови цисти (градени од камени плочи), но и гробница од македонски тип од 3-2 век п.н.е, која укажува на постоењето антички населби од времето на Македонската империја.

Пред Дабница, на пат за манастирот Трескавец, на помали карпи има бројни мали кружни вдлабнатини. Погоре, во карпи како тумба, се среќаваат остатоци од керамика. Кај првите лозја има стари винарници како големи дводелни корита во карпа. Се издвојува винарник со корито и со помало корито се специјален отвор преку кој се цедел сокот од грозјето. Помала карпа со мазнети делови и специфична “раскрилена” форма паѓа в очи.

Фреска на Архангел Михаил на карпа близу Дабница

Поголема карпа висока пет-шест метри, широка околу седум метри, со специфична површина од назад, а со култни содржини го привлекува вниманието. Жителите карпата ја нарекуваат Свети Архангел. Насликан е светецот на постара фреска посветена на истиот христијански лик. Новата фреска е од 1992 година. Голема е околу половина метар. Траги од стариот живопис се забележуваат под малтерот на кој е насликана новата фреска.

Местото со карпата со светец било посетувано на празникот. Се негувале христијански обичаи, прекинати во комунистичкиот период. Неверник од селото пукал во насликаниот живопис на карпата. Набргу ослепел и умрел. Слична е приказната со некои стари крстови насликани со вар или бела боја кај Дабница, за кои бугарите сметале дека се знаци од партизаните и ги малтертирале жителите да ги бришат, а тие и денес стојат.

Карпа – Бог на древно време или?

Карпата – црква напред има крст од вар или бела боја, а назад таа е полна со дупки, така што површината потсетува на пчелно саќе. Содржините околу упатуваат на древната култност на оваа природно гранитна форма. Може да потекнува од  антиката и порано, зависно од потеклото на гробовите во нејзина близина. На околните ниски стени  има гробови длабени во карпа во форма на корита. Едно поголемо корито на закосена карпа, веројатно е објект за гмечење на грозје.

Ако се знае дека гробови длабени во карпа, според археолозите, има од антиката до 12 и 13 век на н.е. можеме да претпоставуваме во еден подолг период за култноста на споменатата карпа-црква. И винарниците датираат од антиката. Има и една помала рамнина која може да претставува помала некропола од гробови цисти, градени со плочи. Тоа укажува на постоење на комплексна некропола.

Култната традиција е долговековна, но прашање е дали оваа карпа вниманието на древните жители го привлекла со својата специфична форма? Како карпа на божјо присуство од најстари времиња или едноставно како карпа – бог во некое древно време.

Во близина на карпата има винарник, а знаејќи дека бог на виното во антиката бил Дионис, местото може да било светилиште.  Тајната можеби лежи во неоткриените и нерскопаните гробови, изложени на уништување од дивите трагачи.

Пред карпата минува калдрмен пат до Трескавец. На почетокот на селото се наоѓа голема зграда со впечатливи камени сводови на вратите. Таа е  во сопственост на манастирот, но е напуштена и се распаѓа. Има и остатоци од стари градби. Сето ова е богатство од стара култура околу Дабница.

Во околината  има мермерни споменици на кои се споменувало името Асклепијад кое има митолошко значење и е поврзано со првиот лекар од Балканот, познат од митологијата. Зад него останале медицински знаења и магии.

Извадок од книгата “Древна цивилизација” од Тренчо Димитриоски

Loading