Фрескоживопис на камен
– Околу Прилеп, забележани се десетина вакви камени сведоштва
– Бројката е сигурно поголема со оние во Мариовските села и пошироката прилепска околина

Минатото оставило траги на површината на карпите. Фрескоживописот на карпи е интересна појава карактеристична за прилепското. Околината е богата со втистнати остатоци од фрески. Се забележуваат десетици, а бројката е многу поголема со оние во Мариовските села.
Има наши луѓе и странци кои им се воодушевуваат, прашувајќи се дали се прогласени за споменици на културата и ако не се, зошто не се. Карпите со фрескоживопис се ретка и податлива појава. Доколку се чепне подлабоко во нивната историја и се истражи времето кога тие се создавани, ќе се открие причината за нивното заживување, какви биле луѓето тогаш, каков им бил животот и уште бројни прашања кои расветлуваат еден сегмент од историјата на градот.
– Најчесто насликан е светецот на црквата што го носи името или името на манастирскиот комплекс. Немаат некоја посебна уметничка вредност зашто се подложни на атмосферски влијанија. Оставени се на милост и немилост на времето, без соодветна заштита и внимание. Институциите не се зазеле да ги обележат, заштитат и реставрираат – велат стручнаците.
Фреската „црква“ кај Дабница со предание

Најблиску е фреската која се наоѓа на 50 – 60 метри под манастирот „Архангел Михаил“. Траги од христијански фрескоживопис има во близина на Слонот. Фреската на Богородица со Исус “зборува” од карпата која се наоѓа под Бела чешма на патот за Трескавец. На 150-160 метри од манастирот од лева страна доминира карпа со остатоци од фрескоживопис.
Од лева страна пред Дабница се издигнала пет шест метри нагоре и се раширила околу седум метри карпа наречена црква, која дабничани ја нарекуваат Свети Архангел, по светецот кој е насликан на карпата. Постарите се сеќаваат дека пред комунизмот се собирале селаните. Палеле свеќи, разговарале, правеле помен за мртвите, ги правеле сите обичаи кои се правеле в црква.
Тренчо Димитриоски во книгата “Древна цивилизација” раскажува приказна дека во комунизмот некој човек, кој бил неверник, пукал во насликаниот живопис на карпата. Потоа ослепел и умрел. Покрај карпата т.н црква, имало остатоци од гробови од древни времиња при што карпата се третирала како црковен објект од античкиот период.
Од другата страна на градот, под селото Селце се наоѓа сакрален објект, карпа третирана како христијанско светилиште. На неа во посебни природни длабнатини насликани се два фрескоживописа на “Свети Димитрија” и на “Свети Никола”. Овој објект е ограден со камена ограда. Култен објект кој асоцира на пештерски, кои се правеле со длабење простории во карпа. Во близина има и неколку гробови. Познавачите велат дека тука е можно да имало некропола.
Камените фрески открија богат монашки Живот
Вакви фрескоживописи забележани се и под манастирот во Зрзе. На карпите имало значајни фрески од некогашните монашки ќелии. А во Мариово забележани се во околината на селото Зовиќ. Се претпоставува дека и кај Црна Река во Мариово, кај месноста Светецот каде сега има икона од Богородица со Исус, порано била фрескоживопис. Не се знае со сигурност дали тука била насликана Мајката Божја или нешто поврзано со блискиот Расимбегов мост.
Насликаните фрески, ликовите кои зборуваат од карпите уште се свежи и не умираат. Времето можеби ќе ги “расплачи” или ќе им ја “уништи облеката” и ликот, но тие не се предаваат. Обично се со религиозна содржина, “ѕиркаат”, и сé уште цврсто се “држат” за камените подлоги.
На карпите има насликани крстови со вар или бела боја. Такви најмногу се забележани околу Дабница.
![]()

