КАЛЕШО ЏУНЏУЛЕ

ivce1Позната е приказната за нескротливиот Букефал. Никој не можел да го јава. Александар забележал дека коњот се плаши од својата сенка. Постојано му ја вртел главата на обратната страна од сенката. Го јавнал, го боднал и се вратил најспокојно, за чудо на сите присутни. Тогаш, татко му Филип му рекол: “Синко, Македонија ти е мала. Барај си земја”. Денешнава наша Македонија е уште помала. Не може да ги собере сите јазични грешки па тие ги пробиваат и нашите граници. Каде ли не стигнуваат! Каде ли не ќе ги сретнеме! Но, да не должиме.

Купивме семиња од разни цвеќиња. Ќе сееме расад. Меѓу неколкуте пакетчиња е едно пакетче со семе од ЏУНЏУЛЕ. Не знаеме како го добило името, но е мошне познато кај љубителите на цвеќиња и воопшто, кај љубителите на градинарството. Речиси и да не постои цветна градина, а да не е застапено ЏУНЏУЛЕТО. Некои го викаат КАЛЕШО ЏУНЏУЛЕ. Цветањето е долготрајно, цветот убав, затоа луѓето го сакаат. Го има со жолти цветови, а и со темноцрвени кои прекрасно се прелеваат во кафеавожолти нијанси.    Толку за џунџулето.

Семето произведено во Словенија. Производителот, мошне внимателен. Упатството и другите објасненија ги напишал на повеќе јазици, односно на јазиците од земјите каде што ќе се продава семето. Освен на словенечки, текстот е напишан на хрватски, српски и на македонски јазик. Македонскиот текст е напишан со кирилско писмо. Одлично!

Арно ама, Словенците не знаат македонски. Веројатно, консултирале некој наш човек за кој мислеле дека го знае јазикот. Нашиов човек им кажал. Им кажал дека ние тоа цвеќе си го викаме ЃУНЃУЛЕ. Така мислел. Толку знаел. Словенците, без колебање така и го напишале на пакетчето – ЃУНЃУЛЕ. Тешко дека ќе се најде некој човек кој вака би го изговорил името на тоа цвеќе, но ете, нашинецот мислел дека така треба да се пишува и им “помогнал” на Словенците. На долниот дел од пакетчето, пак на повеќе јазици, напишана е намената на семето. Ќе ги приведеме сите текстови. На словенечки пишува – Seme je namenjeno ljubiteljskemu vrtnarjenju; на хрватски – sjeme je namjenjeno hobi vrtlarstvu; на српски – seme je namenjeno hobi vrtlarstvu. Е сега, еве го и македонскиот текст – “Семето е наменето за мераклиско градинарство”. Превод, за мерак! Зар не?

Постојат професии, постојат занимања, кои луѓето ги извршуваат како професионалци. А постојат и многу нешта кои се прават онака, од љубов, аматерски. Токму за такво нешто овде станува збор. Токму тоа сакал да каже и производителот, дека ова мало пакување не е за некакво професионално одгледување на цвеќе, туку за оние љубители, пасионирани одгледувачи на цвеќе во своите градини. Зборот ЉУБИТЕЛИ во определени случаи значи и АМАТЕРИ. Луѓето кои извршуваат некоја работа онака, од љубов, аматерски, а тоа не им е професија. Токму таму некаде треба да се бара вистинскиот израз за намената на односното семе. Архаичен е изразот “мераклиско градинарство”, а и не е доволно точен.

Семето е наменето за аматерско градинарство. Може да биде – ХОБИ ГРАДИНАРСТВО. Може да се рече дека семето е наменето за ЉУБИТЕЛИТЕ НА ЦВЕТНИ ГРАДИНИ. Може да се рече за ПАСИОНИРАНИ ОДГЛЕДУВАЧИ НА ЦВЕЌЕ. Може да се бараат и други изрази. Не е неопходно да се оди на буквален превод, па уште и со архаична придавка (турска) МЕРАКЛИСКО.

Вакви грешки (во преводот) среќаваме и во упатствата од многу лекови. Голем дел од нив се увезуваат од Словенија, од Хрватска и од Србија. И во нив упатствата се и на македонски јазик, но се разбира, со многу грешки. Така им се доставени од наши луѓе. Одамна сме размислувале да набележиме повеќе такви грешки од упатствата на лековите. И ќе го направиме тоа. Во моментов, пред очи имаме едно такво упатство. Меѓу другото, се објаснува и формата на таблетите. Вели дека тие биле ОКРУГЛИ. Се разбира дека треба ТРКАЛЕЗНИ, а не ОКРУГЛИ. Пишува дека лекот може да се зема со храна и ПИЈАЛОЦИ. ПИЈАЛАЦИ е правилното, а не ПИЈАЛОЦИ. Честа грешка и на други места.

За повеќе грешки од упатствата на лековите, другпат.                                                                              

Loading