ЈАЗЛЕСТА (ЈАЗЛИВА, ЈАЗЛОВИТА) КОЖА

ivce1Се појавила болест кај говедата. За луѓето не била опасна, но кај добиците можела да се развие во епидемични размери. Заедно со болеста се појави и јазичната грешка и се шири со поголема брзина од секоја епидемија. Бевме информирани дека се појавила болест која се вика – ЧВОРЕСТА кожа. Сите како договорени – ЧВОРЕСТА па ЧВОРЕСТА. Не знаеме од каде ја имаат преземено информацијата и како стигнале до името ЧВОРЕСТА кожа. Веднаш да кажеме дека во македонскиот јазик именката гласи ЈАЗОЛ, а не ЧВОР. Се покажа на екранот и едно заразено јунче. На кожата му се препознаваат многу бабнатини што прилегаат на јазли. Оттука е добиено и името, кое треба да гласи, ЈАЗЛЕСТА кожа, а не ЧВОРЕСТА. Зборот ЈАЗЛЕСТ е придавка добиена од именка. Од именката ЈАЗОЛ. Во ваквите случаи придавките со наставка “ест” означуваат сличност со предметот што го објаснуваат. Значи тие бабнатинки личат на јазли. Нашиве лектори од телевизиите не се сетиле веднаш на македонскиот израз, туку го употребиле како основа српскиот збор – ЧВОР. За волја на вистината, на МТВ беше употребено – ЈАЗЛЕСТА кожа. Но, само првиот ден. Потоа и таму се велеше ЧВОРЕСТА кожа.

Односната болест може да добие и поинакво име. Може да се вика и ЈАЗЛИВА кожа. Со наставката “лив”. Таа наставка е една од најпродуктивните. Се среќава кај придавки со апстрактно и со конкретно значење: СРАМЕЖЛИВ, СОНЛИВ, КАМЕНЛИВ, ЧАДЛИВ и многу други. Така би се викала кожата, да речеме, ако е опфатена од некакви струпје – СТРУПЛИВА кожа.

Ако сакаме да изразиме некое својство во засилена мера, можеме да ја употребиме придавката со суфиксот “ит” или проширено “овит”. Има такви придавки: ВИСТИНИТ, БЕЛЕЖИТ, КАМЕНИТ. Да речеме, ако некој предел е главно од камен, ќе речеме дека е КАМЕНИТ. Имаме и придавка ГЛАСОВИТ. Така можеме да речеме и за кожата од говедото дека е ЈАЗЛОВИТА.

Како што гледаме, односната болест може да се нарече на повеќе начини. Во прашање би била само определена разлика во нијансите. Значи, може да биде ЈАЗЛЕСТА кожа, може да биде ЈАЗЛИВА, а може и ЈАЗЛОВИТА. Ете, може да биде и вака и така и онака, ама нашиве лектори го одбрале зборот што не може и не смее никако. Од каде и зошто постапиле така, чудно е!

Во врска со јазичните грешки ние сме необично доследни. Секаде, на сите места, во сите области. Еве, дојде време на зачестени демонстрации, протести. Гледаме разни пароли, транспаренти. Голема група луѓе. Во првите редови огромен транспарент – “Затвор за криминалци”. Што се сакало да се каже со оваа парола? Кога следиме разни слетови или некакво дефиле, обично, луѓето од предните редови носат транспаренти со кои се означува кои се и кого претставуваат. Да земеме на пример дека се тоа смотри на основни училишта. Да претпоставиме дека учествува и некое училиште кое се вика “Климент Охридски”. Децата од првите редови би носеле транспарент на кој би пишувало – УЧИЛИШТЕ “КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ”. Значи тоа се ученици од тоа училиште. Тие него го претставуваат. Сега да се вратиме на транспарентот – “Затвор за криминалци”. Што треба да разбереме? Од ваквиот натпис излегува дека тие луѓе се претставници на некој затвор за криминалци. Но, тие сакале да кажат нешто друго. Сакале да кажат дека криминалците треба да одат в затвор. Но, од односниот напис не се подразбира тоа. Можеле да напишат, на пример – “Криминалците в затвор”. Или само барем да ја членувале именката КРИМИНАЛЦИ па да напишеле “Затвор за криминалците”. И тоа не е доволно, но ајде да речеме дека е појасно. Вака, излегува дека тие што протестираат претставуваат некоја институција која се вика “Затвор за криминалци”, како што би било, на пример, “Затвор за малолетници”.

Рековме, во сите области, насекаде, грешка до грешка. А на сите, па и на оние што протестираат устата им е полна со – МАКЕДОНИЈА. Сите го бранат јазикот и идентитетот. Никој не протестира за јазични грешки. А секоја и секаква грешка треба да се казнува. Грешките во јазикот не се појава преку која лесно треба да се поминува. Но кај нас, во нашава Македонија, не е така. Кога би се казнувало за јазичните грешки, не ќе се најде затвор кој ќе може да не собере.

Loading