ИСТРАЖУВАЊА НА ТРЕСКАВЕЦ И МАЛ СУРУН

Se istrazuva okolinata na Treskavec

Интензивирани се археолошките истражувања на локалитетот Трескавец. Примарни цели се изјаснување на планиметријата и детерминирање  на основните етапи во развитокот на античката населба Колобаиса, дооткривање и културно-хронолошко детерминирање на архитектонските остатоци на манастирскиот комплекс со црквата Успение на Пресвета Богородица.

– Ископувањата се дел од капиталниот археолошки проект за систематско истражување – вели советникот археолог, д-р. Бранислав Ристески.

Инаку, изведувачот на реставрацијата на Трескавец ги стартуваше  работите на западниот, северниот и источниот конак и параклисот, што треба да завршат до 2018 г., за што државата оддели околу 120 милиони денари.

Екипа од Завод и Музеј, со поддршка од 300 илјади денари од Министерството за култура, првпат врши истражувања на локалитетот Мал Сурун кај селото Дупјачани, каде се евидентирани остатоци од градби од предисторија и од античко-македонскиот период.

– Планираме да поставиме сонди на три пункта за да се добијат поконкретни сознанија. Во почетната фаза документираа две гробници издлабени во карпи, хронолошки датирани во доцномакедонскиот период, односно во вториот век п.н.е. Погребувани се богати лица со повисок општествен статус. Едната е на локацијата Вирила, другата на Големи камења – вели археологот Душко Темелкоски, раководител на проектот.

Се претпоставува дека во атарите на селата Дупјачани и Горно село егзистирала античката населба Колобаиса. Името е испишано на мермерна плоча која денес е вградена во покривот на манастирот.

Loading