ДИВИТЕ СЕЧАЧИ И БОРОВИОТ ЧЕТНИК НА МЕТА

Координативен состанок за заштита на шумите

So aviotretman spas od boroviot cetnik

За бесправните сечи, состојбата со боровиот четник и подготвеноста за справување со шумските пожари, поизразени во Прилеп и Крушево, се дискутираше на координативниот состанок во Прилеп во присуство на претставници од ЈП “Македонски Шуми”, како и институции и субјекти надлежни за заштита на шумите. Целта беше остварување поблиска соработка и координација на институциите и договарање на мерките за справување со бесправната сеча.

Горан Стојковски, помошник директор во ЈП “Македонски шуми”  за заштита, надзор и внатрешна контрола, изрази загриженост поради тоа што лани од 2800 м3 одземена дрвна маса во земјава, во Прилеп се 198 м30. Соработката со судот е оценета како добра, бидејќи се завршени постапките за половина од над 30 пријави. Останатите се во тек на одлучување.

– Се бележи зголемена активност на шумочуварската служба, оти анализите покажуваат дека во првите четири месеци веќе се одземени 120 м3 дрвна маса. Огромното намалување на бесправна сеча од јули 2014 г. се должи на акцијата “Гора” и меѓусебната соработка на ЈП “Македонски шуми”, МВР, шумската полиција и инспекторатот. Тоа се забележа лани кога имавме недостиг на пазарот за огревно дрво, што е директна последица од намалениот број на нелегално дрво достапно за снабдување на населението – објасни Стојковски.

Но  не е мала и директната загрозеност на безбедност на шумската полиција, поради омасовувањето на бесправната сеча.     

– Припадниците на шумската полиција, на шумочуварската служба на ЈП “Македонски шуми” се оневозможени во постапувањето. Затоа претендираме на тесна соработка во рамките на акцијата “Гора” со претставници на МВР, посебно со Алфите. Искуствата покажуваат дека соработката раѓа плодови и се евидентира пад на дивата незаконска сеча. Во некои региони беше апсолутно небезбедно да се влезе и одземе бесправно пресечена дрвна маса. Со координацијата постигнавме ефект ЈП да ја ослабува бесправната сеча – оцени Стојковски.

Бидејќи состојбата со инсектот боров четник, што ги напаѓа шумите, е алармантна, ЈП најави и авиосузбивање во септември. Инсектот е утврден на 13 илјади хектари, од кои во Прилеп е на шума од 356 хектари со среден интензитет. Развојот се должи на благите зими, што е погодно време за одржување и размножување.

– Состојбата со боровиот четник е прашање кое се јавува во последните 20 години. Последица е на условите кои одговараат за негов развој. Инсектот го ослабува растението, му ја намалува  природната одбранбена моќ, и го прави растението лесна мета за напад и уништување од другите инсекти. ЈП има обврска да пријави кај државниот инспекторат за шумарство и по проценка на соодветната служба, Министерството за земојделие да организира третирање. Се планира авионско прскање со пестициди во септември, кога е поисплатливо и поефикасно, односно до 99  проценти – вели Стојковски.

Инаку, ЈП подготвува проектна документација за биолошка борба со боровиот четник, за единките кои остануваат неуништени со третирањето.

Loading