СТУДЕНСКА ИНОВАЦИЈА ЗА „СО ЛЕСНО“ НА МАРС

Горан Јованоски и Филип Тркалески се дел од победничкиот тим за НАСА предизвикот

– Пред можноста да присуствуваат на лансирање на ракета во НАСА и да го посетат Kennedy Space Center

Pobednickiot tim na NASSA predizvikotПрилепчаните Горан Јованоски и Филип Тркалески се дел од петчлениот тим студенти од ФИНКИ, кои неодамна ја воодушевија НАСА со проектот Solar Jump Jet, изработен за 48 часа, за астронаутот кога ќе биде на Марс полесно да ги совлада сите пречки на кои ќе наиде. Студенти се во втора година на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, оломнански матуранти од Гимназијата “Мирче Ацев”, кои ја избрале насоката за примена на е-технологии, оти се љубители на компјутерите. Заинтересирани се за сите технички и технолошки случувања, а изработија иновација, која, според нивните пресметки, би можела да биде целосно реализирана и употреблива на Марс, но и овде на Земјата. Победија меѓу 119 кандидати од државава на натпреварот NASSA Space Apps Challenge, што се одржуваше на повеќе од 160 локации низ целиот свет. Доколку победат и на глобално ниво, меѓу 160 странски компјутерџии и иноватори, имаат несекојдневна можност, нивното решение да го развијат да стане реалност, како и да присуствуваат на лансирање на ракета во НАСА и да го посетат Kennedy Space Center.

– Се пријавивме на натпреварот, пред сé, поради дружбата во тие 48 часа и запознавањето нови пријатели, стекнување ново искуство и добивање нови знаења. Присуството на било каков натпревар секако дека е предизвик и искуство за било кој, но самото тоа што овој е организиран од НАСА има особено значење. Како студенти и почетници на вакви настани имаме големи придобивки. Пред сé, тука се големото искуство, новите пријателства и многу нови работи кои ги научивме од сите присутни ментори во двете деноноќија и кои потоа ни помагаа да го усовршиме нашиот проект. После победата на регионалниот натпревар сме помотивирани да ја исполниме главната цел, да направиме што подобар проект. Се надеваме на победа на глобалниот натпревар и реализација на нашиот проект, а можеби и употреба од страна на НАСА – велат Горан Јованоски и Филип Тркалески.

Тие одговорија на НАСА предизвикот со иновативен Jet Pack, доста поразличен од другите 119 доставени решенија, кој ќе му помогне на астронаутот кога ќе биде на Марс полесно да ги совлада сите препреки на кои што ќе наиде.

Goran Jovanoski– Наместо стандардниот Jet Pack, што користи гориво да го придвижува астронаутот и не е толку сигурен по неговиот живот и е тежок за реализирање на Марс, нашиот Solar Jump Jet користи пропелери придвижувани од графенски батерии кои се нови, не толку познати батерии, но многу подобри од сите кои до сега се користат. За целосната изработка планираме да се користи графен, најцврстиот и најлесниот наноматеријал што постои – објаснува Горан.

 

 

 

 

 

 

Filip TrkaleskiИновацијата, која според нивните пресметки би можела да биде целосно реализирана и употреблива на Марс, но и овде на Земјата во иднина, ја изработија само за 48 часа, по што ги освоија симпатиите на жирито, составено од членови од различни сфери на наука.

– Направивме целосен 3Д модел како би изгледало нашето решение. Изработивме и реален функционален модел во минимални димензии да ја претставиме идејата и да презентираме дека тоа може апсолутно да се реализира. Како целосно би изгледало управувањето и користењето од страна на астронаутот, изработивме и симулација во вид на видеоигра – додава Филип.

Одлучувачки критерум за нивната победа била презентацијата на проектот, односно начинот на кој го “продале”, при што во предвид биле земени иновативноста на решението и можноста да се реализира во иднина.

– Не се потребни знаења од некоја одредена област, не е потребно да сте професионалец во тоа што го работите. Може да се прочитаат темите кои се дадени пред да се оди на натпреварот и да се договори тимот на која тема ќе работи и да направи некаков концепт на работа. Најбитно е да се има идеја без разлика дали знаете како ќе ја реализирате или не, за тоа тука се менторите да ви помогнат. И едно од најважните нешта е да се направи добра презентација – вели Јованоски.

Сега, како победнички тим од Македонија меѓу победниците од други 160 земји беа поставени пред предизвикот во рок од 5 дена да го доусовршат проектот и да направат презентација од 30 секунди која се праќа на глобалниот натпревар. Во следните неколку недели стручно жири од НАСА ќе го избере глобалниот победник.

– Подготовките завршија. Го доусовршивме проектот и го снимивме видеото од 30 секунди. Во консултации со менторите одлучивме да аплициравме во категоријата Most Inspirational, оти мислиме дека она што го направивме е прикладно за таа категорија, и се надеваме на победа – вели Тркалески.

Се сложуваат дека е прекрасно победничкото чувство и додаваат дека триумфот е награда за добро завршената работа. Натпреварот ќе ги мотивира на понатамошно усовршување во примената на е-технологии.

Кој знае што следно “ќе смислат”?!!

Loading