Израел – Светата земја
Предизвикот да се престојува во Светата земја Израел, или како што некои ја викаат Јудеја, е голем и отвора голем број прашања. Што е тоа што трае минатите 20 векови и ги бранува цивилизациите, предизвикувајќи конфликти? Што е тоа што го прави овој регион да биде толку атрактивен?
Тие контрасти ме натераа да ја посетам и одблиску да се запознаам со карактеристиките на Светата земја. За подалечната историја и за луѓето кои ја населувале, има информации во Стариот Завет. Опишана е како “ветена”. Од преданијата на пророците кои ги предвиделе и местата каде се случиле, се открива што е актуелно денес и се согледува низ призмата на она што претходело низ вековите.
Израел е местото каде, според Библијата, е создаден првиот човек создаден од Бога, кој, заради гревот е избркан од Рајот и е соочен со спознанието и сите предизвици што ги носи овоземскиот материјален свет. Низ столетијата одбраниот народ од Бога се соочувал со прогони, казни и уништувања. И повторно, по Божја милост, бил оставен понатаму да живее и опстојува. Ова е видливо и до денешен ден. Сликата која ја имав за Израел доби поинаков карактер уште пред слегувањето од авионот на аеродромот Бен Гурион во Тел Авив. Од височината се гледа модерен град со облакодери што наликува на метропола од 22 век. При првата контрола станува јасно дека сме во земја каде безбедноста е на највисоко можно ниво. По низата прашања поставувани од безбедносните служби, конечно се добива дозвола за влез. Со однапред договорен превоз, се упатив кон Витлеем или, како што се нарекува, “Градот на лебот” или “Градот на царот”. Во овој град се гледа другата светлина на Израел, бидејќи уште се наоѓа на непризнаената автономна област, Палестина. Овде се соочувате со вистинското светло на слабиот просперитет, имате чувство дека сте се вратиле назад низ вековите. Луѓето живеат во сиромашни услови, целосно се одделени од т.н. еврејски делови на Израел, како територијално, така и физички, со ѕид висок десетина метри и долг околу 730 километри. При влез од една територија во друга има строги контроли на израелските војници. Постои основан страв од терористички напади од страна на радикалните групи. За туристите тоа не претставува никаков проблем, но 55 години низ разговорите со локалното население се добива информации дека за да се премине на другата страна од ѕидот е потребна посебна дозвола и тоа само во одредени денови од годината. Затоа голем дел од палестинското население не може да премине од другата страна на ѕидот во текот на целиот живот, иако Витлеем од Ерусалим е оддалечен едвај 10 километри. Палестински граѓани со христијанска вероисповед има приближно исто колку и со муслиманска. Црквата изградена врз пештерата на Христовото раѓање е поделена. Еден дел, кај јаслите припаѓа на Грчката православна црква, а од спротивната страна се наоѓа римокатоличката катедрала. Спротивно од двата храма се наоѓа џамија. Првичната љубопитност да се ѕирне и да се види што е тоа што опстојува повеќе од 20 векови, прераснува во блажено чувство на исполнетост, некаква сила која тера на покајување за неверувањето што сте го имале. Поклонувањето на колевката каде според преданието, преку девицата Марија дошол на свет синот Божји и Спасителот наш, е величествено. Нашиот Спасител дојде на свет од просторот каде бил сместен добитокот и овците, бидејќи немало место во гостилницата. Поуката која ја добиваме е јасна: “Не е важно од каде потекнуваме, туку е важно за што сме дојдени, за нашите намери, да придонесеме за подобар свет”. Од тој момент времето е поделено на две ери, пред нашата и во нашата ера. Тој е мигот на соочување со нас самите. Тој е моментот кој на секому кој дошол на патувањето, му се променува погледот на светот.
Следниот ден се упативме кон Бет Џала, каде што, ја посетивме црквата посветена на Св. Никола. Во близината се наоѓа местото Бет Сахур или Домот на двението, каде што Маовитјанката се сретнала со Вооз и тука никнала династијата на идните цареви меѓу кои и царот Давид. Потоа доаѓа Полето на пастирите, местото каде на Божикната ноќ ангелите им ја соопштиле радосната вест на пастирите за раѓањето на Спасителот. Длабоко во палестинската територија, во градот Хеврон се наоѓа Маврискиот Даб, каде праотецот Аврам бил удостоен да ги пречека Светите Тројца. Местото се спомнува во Стариот Завет, каде богоугодниот Аврам ги угостил тројцата ангели кои, според преданието, биле испратени од Безвременскиот Бог. Тука е местото каде, по Божја промисла, му е соопштено на Аврам дека неговата жена Сара, која била во длабока старост, на возраст од 99 години, ќе роди син. Таа ги слушнала зборовите на ангелите, сокриена зад шаторот, и се насмевнала. По нејзината насмевка, нивниот син го нарекле Исак, што во превод значи Смешко. На ова место е решено да се уништат градовите Содома и Гомора, бидејќи луѓето живееле во неморал и големо расипништво. Тогаш Бог наредил да се уништат двата града и на нивното место никогаш повеќе нема да има живот. Денес таму е Мртвото Море, во кое нема живот. Потоа патот водеше низ Јудејската пустина. Околината беше каменеста и без трага од вегетација. Суровите услови во пустината го направиле своето. Но тукушто се мисли дека тука е крајот на светот, се појавува плантажа од урми, волшепство што може да се види само на овој дел од светот. Вредните и рационални Евреи успеале да ја направат пустината плодна. Со посветеност и упорност, во комбинација со наука, можат да се претворат во реалност и најневеројатните нешта.
Следна дестинација е Галилејското Море. Водичот информира дека Израел е голем извозник на земјоделски производи. Тука е воведен и унапреден системот за наводнување, “капка по капка”. Туберијас е модерен и современ туристички град на околу 400 метри под нивото на морето. Тибериското Море е всушност, езеро, единствено на светот со морска и езерска вода која не се меша меѓу себе. На дното тече реката Јордан, во средниот слој има солена, морска вода, а на површината слатка вода. Тоа е најголемиот резервоар на вода за пиење во Израел. Во езерото има 153 видови риби. Овде се навраќаме на преданието, кога после Воскресението, Исус отишол кај своите ученици и ги пронашол покрај Галилејското Море во местото Капернаум, во очаен обид да ловат риби. Покрај упорноста, не можеле ништо да уловат. Исус им рекол да запалат оган на едно големо плато и да очекуваат голем улов. Истовремено ги советувал да ги фрлат мрежите од десна страна и, по кратко време, уловот бил богат. Во нивните мрежи имало 153 риби, односно тоа е бројот на видовите риби кои научно е докажано дека до ден денес живеат во тоа море. Во близина се наоѓа Табаха, каде, Исус, според преданието, со пет леба и две риби нахранил 5000 мажи. Видливи се остатоците од природен амфитеатар со извонредна акустичност. Во поново време, со помош на научни методи, докажано е дека, без никакво озвучување, говор на човек може јасно да се слушне кај толпа со повеќе од 7.000 луѓе.
Се враќаме назад и продолжуваме кон Светиот град, Ерусалим. Се патува по модерен автопат низ непрегледни и сурови предели на Јудејската пустина. По патот среќававме бедуини, сиромашни жители на пустината. Се приближуваме кон Ерусалим. Градот е поделен на еврејски, палестински и муслимански дел. Според преданието, нагорнина е влегувањето во градот. Качувањето не е лесно, бидејќи е високо на планина, небаре се качува кон небото и сме поблиску до покајувањето, страдањето, воскреснувањето…. Тука е најсветото место за сите христијани, гробот на Исус Христос. Овде Тој ја победи смртта и доброволно се предаде на најтешки маки за спасение на другите. Овде Тој го измина патот на страдањето, носејќи го својот крст. Пред распнувањето на Голгота, што во превод значи костурница, има една порта наречена Пресудна порта. Таа била последната пречка каде осудените на смрт со распнување можеле да добијат помилување. Тоа е познато од Римското право што се применува и во нашето правосудство, односно правото на повторно судење. Според преданието, доколку некој од толпата народ рече дека осудениот човек не е виновен и дека тој има доказ, поворката се враќа назад во просторијата и почнува повторна постапка за судење. Тоа може да се случи до моментот кога осуденикот не ја помине портата. По пречекорувањето на прагот на Пресудната порта нема враќање.
Импресиите од Израел се силни. Невможно е целосно да се пренесат. Единствениот начин да се доживее Светата земја е да се појде таму и да се посетат сите места кои од историска, културна и религиозна перспектива, имаат огромно цивилизациско значење. Се надевам дека оваа репортажа ќе побуди интерес и ќе поттикне размислување за посета на Светата земја.
Зоран Велкоски