СО БАКШИШ ОД ДРЖАВАТА, ДО РАБОТНО МЕСТО

Во тек јавниот оглас за самовработување

samovrabotuvanjeДо 30 април, евидентираните невработени кои активно бараат работа, своето вработување може да го решат со поднесување барање за финансиска поддршка од државата според Програмата за самовработување. Помошта предвидува експертска поддршка во форма на обука за претприемништво и водење бизнис, ваучер систем за изработка на бизнис план и поддршка при регистрирање на бизнисите во висина од 16.600 ден., потоа финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали од 185.000 ден. и финансиска и советодавна поддршка за набавка на опрема и/или репроматеријали во висина од 257.000 ден. за најуспешните   кандидати кои ќе презентираат одржливи и иновативни бизнис-планови и согласно критериумите за евалуација се оценети за бизниси кои имаат најголем потенцијал за раст. Финансиската поддршка, пак за дополнително вработено лице во вид на опрема и/или материјали во износ од 92.000 ден. е за кандидати кои ќе презентираат одржлив бизнис план, кој јасно укажува на потреба од вработување на уште едно лице за успешно функционирање на бизнисот, но и преку економски и финансиски параметри ја потврдува одржливоста на дополнителното вработување на лицето кое исто така е активен  барател на работа.

Доколку некој од најуспешните кандидати со иновативни бизнис планови предвидуваат дополнителни вработување и при тоа, од комисијата, нивниот бизнис план е селектиран меѓу најуспешните, на овие корисници ќе им се одобри и дополнителен грант од 92.000 денари. Во тој случај, вкупната поддршка за набавка на опрема и/или материјали ќе изнесува 349.000 денари.

Приоритет за вклучување во Програмата ќе имаат невработените кои првпат аплицираат за користење на грант.

Во евиденцијата на невработени, не може да се вратат лицата кои користеле грант, до истекот на рокот на договорот или додека не го вратат долгот произлезен од непочитување на договорот. Ако фирмата основана со грант за самовработување престане со својата дејност, основачот е должен да врати 80 проценти од грантот, доколку дејноста престане во рок од една година од регистрацијата на фирмата или 60 проценти од грантот, доколку дејноста престане по две години од регистрацијата на фирмата.

Инаку, програмата самовработување не поддржува основање на бизнис во земјоделската дејност, лов, трговија на големо, производство и дистрибуција на оружје, осигурителни бизниси, игри на среќа, такси превоз, активности со недвижнини и консултантски услуги.

Другите активни мерки за намалување на невработеноста се обука од областа на туризмот, за возачи за Ц и Е категорија, обука од областа на обезбедувањето, програма за самовработување на лицата со инвалидност и обука за основни вештини за вработување на млади лица до 29 години за компјутери и странски јазици. 

Loading