НЕДОСЛЕДНОСТИ

ivce1Според граматичките правила, постојат посебна група зборови кои се викаат ЗАМЕНСКИ ПРИДАВКИ. Колку што не држи сеќавањето, сме се изјаснувале за ова и порано. Во последно време мошне честа е погрешната употреба на овие зборови, па тоа не натера да се навратиме уште еднаш. Ќе настојуваме да одиме директно на грешките. Ќе набележиме само неколку заменски придавки: ОЛКАВ, ТАКОВ, СИОТ, ИСТИ (ист). Во зависност од именката, тие добиваат род, број и член – (ТАКОВ, ТАКВА, ТАКВО, ТАКВАТА, ТАКВОТО, ТАКВИОТ, мн. ТАКВИТЕ). Значи, тие, зависно од именката можат да бидат вакви или такви, во множина или во еднина, со ваков или со таков член. Ги добиваат тие карактеристики од именката, но не можат да ја заменат неа. Ниту именката ниту заменката. А многу често ја слушаме таа грешка. Ќе набележиме еден пример. Извесен граѓанин поднесол до Органот на управата некакво барање за да добие определен документ. Барањето не било комплетирано и тој добива допис во кој му го соопштуваат тоа. Но, не велат дека БАРАЊЕТО е некомплетно, туку велат – ИСТОТО е некомплетно. И продолжуваат, “За да може да се реализира ИСТОТО, треба да се достави тоа и тоа”. Тука е грешката. На заменската придавка не и е овде местото. Треба да се каже дека БАРАЊЕТО е некомплетно или ТОА е некомплетно, а не ИСТОТО. Сме слушале и ваква реченица: “Се донесе нов Закон. Истиот содржи одредби”… Не може ИСТИОТ содржи, туку ТОЈ содржи или ЗАКОНОТ содржи. Заменската придавка ИСТИОТ може да се употреби на пример, ако се рече: ИСТИОТ закон или ТОЈ закон беше донесен со мнозинство гласови. Значи, заменската придавка оди заедно со именката или со заменката односно со подметот. Има атрибутска функција. Во таквите случаи може, но во претходните што ги набележавме тоа не може и не смее. Заменската придавка ИСТИОТ (истото, истата ) не може да се употребува наместо именка или наместо заменка. За да биде појасно, еве уште еден пример. Ќе ја земеме сега заменската придавка ТАКОВ (таква, такво). Еве вака: “Зелената шума го прочистува воздухот, таквата шума треба да се чува”. Но дали ќе можеме да речеме: “Пожарот ја уништи ТАКВАТА”? Се разбира дека не. Ќе речеме: “Пожарот ја уништи ТАКВАТА ШУМА” (заедно со именка) или “Пожарот ја уништи НЕА”. Можеби малку е заплеткано ова прашање, но се надеваме дека ќе биде разбрано. Еве, штотуку помисливме дека завршивме со овој коментар слушаме на телевизија слична грешка. Некаква легенда. Двајца браќа биле вљубени во иста девојка. Девојката се удавила во некое езеро. И слушаме: “За да не се навредат браќата меѓу себе, истите се самоубиле”. Ете ја пак грешката. ИСТИТЕ се самоубиле! Во овој случај може да се каже едноставно само дека БРАЌАТА се самоубиле. Но може и ТИЕ се самоубиле. А никако не – ИСТИТЕ се самоубиле. Ете, можеби сега ќе биде појасно.

Актуелно станува прашањето на новооткриениот вирус – ЗИКА. Слушаме коментари за опасноста од овој вирус. Комарците го пренесувале. Здравствените работници се подготвуваат за борба против оваа опасност која сега е најактуелна во Јужна Америка. Новинарот не известува: “Вирусот ЗИКА ХАРА во Јужна Америка”. Вирусот – ХАРА! Што да правиме со вирусот кој “хара” кај нас, во нашите јазични норми? Каде ли го најде глаголот ХАРА?! Го нема тој збор во нашиот јазик. Во српско – македонскиот речник е објаснето дека зборот ХАРАЊЕ значи грабање, пљачкосување. Значи, станува збор за некакво насилничко, застрашувачко, нерегуларно дејство. Во конкретниов случај, можеби најточно е ако се рече – РАСТУРА, БЕСНЕЕ, ПУСТОШИ! Можеби може и некако поинаку, но ХАРА не е наш збор и не треба да се употребува.

Чудно е, зошто глаголот ПОЖЕЛУВАМ речиси го исфрливме од употреба. Наместо него, редовно слушаме – ви ПОСАКУВАМЕ добра ноќ, ви ПОСАКУВАМЕ среќна Нова година итн. Забележавме една, речиси, смешна, несмасна реченица. Водителката на една ТВ емисија вели: “Вечерва сакаме да им посакаме на сите среќна Нова година”. Замислете – САКАМЕ да им ПОСАКАМЕ. Глаголот САКАМ може да има и поинакво значење. Еве една реченица од роман на Стале Попов: “Ајде сега кажувајте што сака да се прави”. Што сака! Значи, ШТО ТРЕБА! Може да се рече: “Ќе ти посакам пари на заем”. Ќе ти ПОСАКАМ! Значи – ќе ти ПОБАРАМ.

Затоа при поздравувањето треба да се вели ПОЖЕЛУВАМ, а не ПОСАКУВАМ. За жал, ова останува само пуста желба. Никој не мисли на тоа.                                

Loading