ДОНКА ДА МЕ НАДЖИВЕЕ

Томислав Трајкоски од Охрид дошол во родното Дебреште да ја одгледува 40 годишната крава

Говедото со мили очи да не се коли е аманет од татко му од смртната постела

Го напуштил Охрид и се карал со сопругата заради миленичката

nosecka Tatkov amanet ne se rastura - Tomislav TraskokiИ сјае кожата и бледокафеавите влакна на крзното на кравата Донка во селото Дебреште. Не е ортомисана во чистата просторија без трошка ѓубре. Туку е слободна. Секогаш е нахранета со “здрава храна”, јаболка од ресенско, грозје од кавадаречко, варени компири и мелена пченка, ‘рж, пченица и јачмен од производството на сопственикот. Томислав Трајкоски дошол од Охрид на татковиот имот во Дебреште да го одржи аманетот и да ја одгледува кравата до смрт. Вели дека неговата миленичка ја живее петтата деценија и минала животен век од 42 години. Комшиите и соселаните во години потврдуваат дека кравата која ја одгледува семејството Трајкоски е стара најмалку 30 години. Томе памети кога нејзината мајка ја отелила во 1974 година. Кравата е завет што не може да го откаже. Татко му оставил аманет на својот наследник говедото да не заврши под нож, туку да се храни најдобро и да калдиса природно во домашната штала.

Ветеринарите велат, а и во енциклопедијата Британика стои дека најдолгиот животен век на кравите е 20 години. Сегашните, од фармите, се носат на кланица по пет-шест години, или откако ќе се намали млечноста и кравата ќе стане јалова.

Кроткото говедо го препознава својот стопан. Се радува кога ќе ја погали и í сјаат очите. Излегува да се стопли на сончевите зраци во дворот само со допир на роговите на 66 годишниот сопственик. Газдата ја покрива зиме со ќебе да не í е студено. Посветен е Томе на добитокот десетина години, откако заминал од овој свет татко му. Добил инвалидска пензија по работата во фабриката “Херој Тоза Драговиќ” во Охрид и се вратил во родното село.

– До ден денеска ја одгледувам како дете. Татко ми ја сакаше, оти беше мирна и не правеше пакост по нивите. Сама одеше на пасење и се враќаше. Отскокнуваше од другите. Уште ја одгледувам, иако е стара, одвај стои, не дава млеко, а последното теле го имаше пред седум-осум години. Татко ми сакаше да не се продава оваа сермија и да умре дома. Ја прифатив неговата последна желба и дојдов да ја хранам со лубеници, краставици, јаболка, грозје и слаб концентрат, оти í е ослабен желудникот од годините – ја кажува грижата за кравата Трајкоски.

Ноќе во зима ја надгледува по три-четирипати.

– Ü фрлам ќебе, ако е многу студено. Гревота е животинчето да ѕемни. Милите очи í се како драгоцени камења. За неа се расправам со сопругата, која живее во Охрид. Не можам да ја оставам на никого, иако дома ми е како рај. Сопругата доаѓа понекогаш една недела и заминува. Сега и таа ќе се пензионира, а јас живеам во родниот дом со кравата, кокошките, петлите, ќе продолжам да работам тутун, со тракторот во земјоделското производство на пченица, ‘рж…, додека ме држат нозете. Не го заборавам Охрид. Понекогаш ја напуштам кравата неколку дена да го видам Езерото – вели Трајкоски.

Миленичката одамна ја напуштила природната способност за лактација, не да дава млеко. Ниту пак се “води”, се чивти. Ветеринарите му забраниле на сопственикот да ја “тера” со волови или пак да прават вештачко оплодување, зашто постои опасност, како што вели стопанот, да скордепса.

– Животот е мил и за луѓето, и за животните. Не ѝ е доста, иако се измолзија илјадници литри млеко од вимето, иако на свет донела најмалку дваесетина телиња. Не е корисна, а сепак ја одгледувам. Нема да ја продадам или да ја заколам. Ќе го почитувам аманетот на татко ми, оти ми е шубе. Страв ме фаќа да не ме демне и да ме зафати некое проклетство. Сакам кравата да ме надживее. И не е товар. Не прави бели, не е врзана, сама излегува низ дворот да попаси малку трева или сено. И толку. Не е потребен којзнае колкав труд – вели Трајкоски, додавајќи дека само човек без душа не би сакал вакво чудесно животно.

Татко му не ја даваше за милиони

Соселаните на Томислав ги држи умот и велат дека кравата е многу стара.

Mefail HajroМефаил Хајро се сеќава дека заедно ги паселе кравите со татко му на Томе, Димко.

– Кравата му беше најубава на татко му. Велеше дека ќе ја гледа како очите додека е жив, оти е мирна, кротка и давала најмногу млеко. Не сакаше да слушне за продажба. Велеше, и милиони да ми даваат, не ја давам. Според Димко, таа може да замине, само ако пцовиса. Сигурно има над 30 години. Гледана е како бубрег во лој. И наследникот ја храни само со исправна храна. Нема фалсификат. Ü дава јаболка. И точка да е оштетено овошјето, не í го дава. Ја храни со излупени, варени компири, и тоа неоштетени. Летоска í купи осум гајби бело грозје и í ги стави на “трпезата” – тврди Хајро.

Amdija AjdaroskiАмдија Ајдароски со 86 години памети дека кравата има над 40 години.

– Сопственикот Димко го одгледуваше нејзиниот сој, оти била родена во неговата штала. И нему му беше наследство од татко му, дедото на Томе. На Димко му беше ептен на мерак. Ја сметаше за чудо, божество. Соселаните му бараа телиња, а тој ретко се смилуваше да продаде потомок на оваа крава – вели Ајдароски.

 

 

 

 

Isein MetoskiИсеин Метоски гарантира дека кравата има живот над 30 години.

– Имавме живеачка со татко му на Томе. Ми велеше дека кравата ќе ја оставел во наследство на син му, со даден збор да не ја коли и да не ја продава. Леблебии да ја храни додека сама не заврши. Имаше повеќе крави, ама оваа му беше на срце. Многу ја тинтраше и не му се даваше ниту на смртната постела – кажува Метоски.  

Loading