За и против „машки 8ми март“?
Неколку дена пред женскиот празник, ги прашавме прилепчани што би било ако и мажите имаат свој „8-ми Март“?! Не дека воопшто не постои таа идеја, туку е присутна во 50 земји во светот и се слави на 19 ноември како Светски ден на мажите. Жените се избориле за рамноправност и во економска, и во политичка, и во социјална смисла, и биле наградени со “Меѓународен ден на жената”. Да не бидат покусо, и мажите на светско ниво имаат свој празник. И тие, на некој начин извојувале рамноправност со жената, но не економска, политичка и социјална, туку во животниот век. Машкиот празник е посветен на подигање на свеста за грижата за здравјето, со оглед дека статистички нивниот животен век е седум години покус од жените.
И што ќе се случи? Не дека сме далеку од прифаќање на меѓународните празници, но го скокотнавме главно понежниот пол, што би било кога, во еден ден во центарот на внимание би биле мажите. Кога и тие би оделе на чајанки, а сопругите, мајките, децата би ги наградувале со подароци, би им посветувале особено внимание… Добивме разни одговори. Пореално изгледа куп жени да се соберат на едно место, а чудно на куп да бидат мажи. Едни се смилуваа мажите да имаат посебен празник, други мислат дека тоа е фикција, оти и така секој ден е нивни посебен ден. Трети мислеа дека ќе се намали значењето на Меѓународниот празник за правата на жената, четврти се надоврзуваа дека заслужуваат, да бидат токму рамноправни, нудејќи можност за одбележување на улогата на машкиот пол во заедницата и семејството.
Гордана: Заслужуваат и мажите, ама повеќе право на посебен ден имаат жените. Тие се избориле, оти им биле нарушени правата од мажите. Вака повторно ќе им се даде “власт”.
Добрина: Може да се слави и Ден на мажите, оти човечно е. Не се работи за попуштање, туку секој човек заслужува да му се обрне внимание, да добива подароци, да слави во одбрано друштво. Тоа ќе биде шанса да се прослават нивните постигнувања во заедницата, во семејството, грижата како сопруг, како татко.
Марија Качакоска: Потполно се согласувам и посилниот пол да има свој посебен ден, како што жените го имаат 8-ми Март. Празник за да си посветат повеќе внимание на себе си.
Силвана Басароска: Секој ден е на мажите. Цела година се главни, а жената го има само Осми март. Не би требало да се слави Ден на мажите, оти така ќе слават секој ден. Жените пак ќе бидат во сенка, “запоставени”.
Георгина Василкова: Право за свој празник треба да имаат и мажите да бидеме рамноправни. Секој пол барем еднаш годишно да се одбележува.
Симона Пејоска: Не сум сигурна дали заслужуваат да имаат Ден. Можеби да, за да се почувствуваат посебни, поинакви, да се третираат поразлично од обично.
Панда: И мажот има свои потреби. И тој треба да слави. Што е разликата меѓу маж и жена. Секој бара внимание, кога во фокусот ќе биде само тој или само таа, како сé друго да е небитно. Златко Кебакоски: Сакам и треба да имаме свој празник. Секој има свои потреби и желби. Ако не повеќе, барем еднаш неделно мажот да слави.
Стојанка: Постара и поискусна сум. Не би рекла дека и мажите треба да имаат празник. И жените да го исклучат овој празник, оти се губи смислата.
Ајрија Бајрамоска: Има празник и за таткото во Америка. Нека има и кај нас. Немам ништо против. Како жената, така и мажот. Нека има право да одмора, да слави, да добива подароци. Во брак сум 38 години и исти права имаме. Нема разлика дали тој или јас ќе направам кафе, кој ќе ја раскрени трпезата, кој на кого ќе даде прв подарок.
Суза Димеска: Како жените, така мажите. Да нема разлика. Нели сме рамноправни. Тоа е одлична идеја, која ќе придонесе за поголема родова рамнотежа.
Олга Јорданоска Грујоска: Сé повеќе внимание се дава на жената. Нејзините права се зголемија и, на некој начин, се изедначи улогата со онаа на мажите. Би требало и мажите да имаат посебен празник, со кој ќе се слави и нивната улога во семејството. Стеванчо Јорданоски: Жената секогаш е посебна во нашите животи. Затоа добива свој празник. Ако не друго, барем тогаш да им понудиме повеќе љубов, да ги израдуваме, да ги усреќиме. И ние треба да имаме посебен ден. Ако не ни го дадат, сами ќе си го дадеме.
Џусте Бошкоска: Треба да има и празник на мажите, оти се дел од животот, заслужни како жените. И тие се психички и физички прилично оптоварени, затоа би требало да имаат и свој ден. Енчо Бошкоски: Заслужуваме. Зошто не? Дали ќе славиме во машко друштво, дали со подарување, важно е да има нешто посебно за нас.
Сузана Огненес: Во петте години откако живеам во Перт, Австралија, научив дека таму имаат Ден на мажот, на таткото. Би требало и овде да се прими нешто од меѓународната култура.