ГОЛМАН САМО РЕКРЕАТИВНО

Христијан Сркески се повлекува

hristija srkeskiГолманите, во споредба со играчите, имаат подолг век на кариерата, дури и до четвртата деценија од животот, но тоа не е случај со Христијан Сркески. Тој се одлучи да му каже збогум на професионалниот фудбал веќе на 24 години. Одлуката ја донесе после второлигашката сезона мината во Кожуф од Гевгелија.

– Фудбалот е прва љубов, но кога нема пари, услови, мораш да се откажеш. Сé полошо и полошо е. Работам во супермаркет, каде се знае кој е редот за обврски, плата, стаж. Тука се посветив – вели голманот.

Гледачите го забележаа неговиот талент уште во 2009 година, кога застана меѓу стативите како младинец. Очекуваше брз исчекор во кариерата.

– Стигна казната од УЕФА токму во најлош момент. Докажаните првотимци заминаа на сите страни, а младите, неафирмирани, немавме излез. Одев наваму-натаму, надевајќи се на подобро. Затоа ќе бранам само рекреативно, во мал фудбал, евентуално во третолигаш – најавува Сркески.

Беше меѓу подобрите голмани што излегоа од градов во последниве шест-седум години. Во Кожуф бранеше и пред неколку сезони кога клубот се викаше Миравци. Малку се задржа и во прволигашот Силекс. Дресот го носеше и на матичниот клуб Победа.

Loading