ЗАМЕНИК – МИНИСТРИТЕ СЕ “ИЗМИШЉОТИНА”

ivce1Жестоки разговори во една телевизиска емисија. Тема – бројот на министрите во Владата. Дали се многу, дали се малку? Преовладува мислењето дека биле многу. Имало многу заменик – министри, многу министри без ресор и така натаму. За да биде потврдено ваквото размислување требало да се консултираат и разни експерти. Стручно и компетентно да го објаснат тоа. И еве, се разговара со таков експерт, универзитетски професор. Тој го застапува мислењето дека биле многу министри. Се задржува најмногу на заменик – министрите. Тој ги вика ЗАМЕНИЦИ, но тоа е погрешно. Ете, експертот, универзитетскиот професор, не е свесен дека ги навредува. ЗАМЕНИК – МИНИСТЕР е функција, звање. Тоа се избрани или назначени функционери. Налет што професорот, експертот, ги вика ЗАМЕНИЦИ, туку тој вели дека тие се сосема непотребни. Тие биле ИЗМИШЉОТИНА. Браво професоре! Кај го измисливте тој збор – ИЗМИШЉОТИНА? Зар не ви беше доволен нашион збор – ИЗМИСЛИЦА? Ете, од компетентни луѓе, високи интелектуалци, слушаме вакви “измишљотини”.

Еден друг експерт зборува надолго и нашироко за проблемите со економијата. Ја објаснува даночната политика, прави споредба со други држави. Во еден момент вели: “Данокот не е поскапен”. Како е можно тоа? Како може човек, експерт од областа на економијата, да зборува дека данокот не бил ПОСКАПЕН?! Не постои СКАП или ЕВТИН данок. Тој може да биде ВИСОК или НИЗОК, а не СКАП или ЕВТИН. Може да биде зголемен или намален, а не поскапен или поевтинет. Оваа грешка ја прават и други луѓе. Мнозина велат евтини цени, дури сме слушале да се вели и евтини пари. Цените можат да бидат високи или ниски, а парите да бидат многу или малку. Никако не – евтини.

Еве и трет ескперт. Тој e од областа на одбраната. Разговорот беше за состојбата на јужната граница, за проблемите со големиот број  мигранти. Имаше во разговорот и размислувања, определена бојазност за оградата која се инсталира на границата. Дали е тоа добро решение и како ќе биде протолкувано од ЕУ. Експертот вели: “Тоа не треба да не забринува”. А зошто не вели дека не треба да не ЗАГРИЖУВА?  Зар не знае дека нашата именка е ГРИЖА, а не БРИГА.

Ја споменавме оградата на јужната граница. Таа е од жица, нели? И од мрежа. Информирани бевме многупати и од многу телевизии и тоа не еднаш. Речиси сите новинари ја викаат ЖИЧАНА ограда. Можеби имаше некои мали исклучоци, но најголемиот број новинари и политичари велат ЖИЧАНА, наместо ЖИЧЕНА. Зар не им е јасно дека нашата придавка гласи токму така – ЖИЧЕНА?! Господа новинари, ѕирнувајте понекогаш и во речниците, тие се за тоа.

Да ѕирнеме малку и во печатeните медиуми. Во дневен весник гледаме фотографија на извесна пејачка. Доста опширен текст. Меѓу другото, во поднасловот, читаме една нејзина изјава: “Некои ми го сакаат гласот, а други стасот”. Не го коментираме нејзиниот “стас”, но и тоа лекторите од весникот треба да го знаат. Треба да знаат дека во македонскиот јазик не постои именка – СТАС. Кај нас тоа е СТАВА. Во колку песни е опеано – ТАНКА СТАВА? Дали тоа го напишале поради римата (глас – стас) или од незнаење, не е јасно. Повеќе ни оди умот на ова второво. Од незнаење. Често ја слушаме и придавката СТАСИТ, што е исто така погрешно.

Еве и еден обичен човек. Си купил кола. Ја одбрал токму таа зашто имала многу мала ПОТРОШНА. Оваа грешка ја слушаме не само од обичните луѓе. Многу луѓе нашата именка ПОТРОШУВАЧКА ја заменуваат со српската ПОТРОШЊА. Но, бидејќи малку е тешка за изговор и тие некако си ја приспособуваат и ја викаат ПОТРОШНА. Но, зошто така? Зошто, како што е погрешно и потешко? Зошто не нашата – ПОТРОШУВАЧКА?

Loading