КУРСИСТИ

ivce1Госпоѓата претседател на Хрватска назначила мандатар кој требало да формира влада. Добро! Далеку од нас! Сепак, би имало и нешто заедничко. Ќе објасниме.

Да кажеме дека хрватскиот мандатар долго време живеел во Канада. И, еве ги сега злобниците. Веднаш му најдоа мана. Голема. Не го знаел човекот убаво хрватскиот јазик. И му препорачуваат прво да посетува курс по мајчин јазик. Еј, замислете! Кога би се вовела и кај нас таква практика би имало курсисти прст и плева. Не постои училница што ќе ги собере сите наши курсисти. Кој се не треба да го учи мајчиниот, македонскиот јазик! Кој не? Политичари, новинари, професори, доктори, академици, ТВ водители. Ние излеговме дури и поголеми манџии од Хрватите. Некои наши добронамерници му забележуваа на нашиот претседател дека на некој меѓународен собир зборувал на македонски, а не на англиски. Тие претпоставуваат, или можеби сакаат да наметнат мислење, дека претседателот не знаел англиски. Нормално, тој го демантира тоа. Ние лично, сметаме дека така треба, дека надвор од државава, на официјални собири, каде има и преведувачи, треба да се зборува на македонски јазик. Се разбира, на добар, коректен јазик. Не како овој што го слушаме редовно од нашите телевизии. Затоа велиме дека бројот на оние што треба да одат на курс по македонски јазик е мошне голем.

Но, ајде да споменеме и нешто конкретно. Ќе набележиме некои големи, недозволени јазични грешки од една контактна, забавна телевизиска емисија. Се јавуваат гледачи, одговараат на некои прашања, погодуваат некои бројки. На  еден таков среќник, водителот му соопштува дека ќе добие 4 комада цедиња. 4 КОМАДА, значи 4 ПАРЧИЊА. Но… Си тече емисијата, се јавуваат гледачите. Во еден момент, додека зборуваше водителот за четирите КОМАДА цедиња, се јави друг гледач. Водителот реагира: “Вие се убацивте некако, набрзина”. Сметаме дека нема потреба да го објаснуваме и да го коментираме глаголот СЕ УБАЦИВТЕ. Понатаму! Има некакво шише, со некаква течност. Пред употреба требало да се протресе, да се проклацка, за да се измеша. Водителот вели дека треба добро да ИЗМУЧКАМЕ.

Весела е атмосферата. Се јавуваат гледачите, радосни се за добиените награди. Водителот, за да ја потврди големата дарежливост, вели: “Гледате, ние даваме капом и шаком”. Сето тоа си тече мирно, спокојно. Никој не помислува на јазичните грешки. А имаме и ние, во нашиот јазик таков израз. Ние велиме дека даваме со капа и со грст. Ама ете, поубаво му звучи српскиот израз. А дека е тоа македонска телевизија, дека треба да се зборува на чист македонски јазик, кој ќе му мисли на тоа.

Сиве набележани грешки направени се само во една емисија. Само од една македонска телевизија. Но, да не помисли некој дека во печатните медиуми нема јазични недоследности. Се разбира помалку отколку во телевизиските емисии, сепак, ги има.

Ќе одбележиме една “ситна” грешка што ја сретнавме во едно наше списание. Препорачан ни е определен лек кој ќе бидел како превенција од настинка и кијавица. Велиме ситна грешка, во прашање е само една буква. Сепак, нашиот глагол е КИВА, а именката ќе биде КИВАВИЦА, а не КИЈАВИЦА.

Еве една покрупна грешка. Направена од новинар во својата колумна во еден наш дневен весник. Таму прочитавме реченица: “Како може некој слободно да се кочопери”. Ретко сме го среќавале овој српски збор. Тоа значи дека некој се прави важен, се дуе, се крева на големо. Најкраткиот и најточниот превод на тој српски збор кај нас би гласел – СЕ ПЕТЕЛИ.

Постојат многу луѓе кои се прават важни, кои се креваат на големо. Малку се оние кои се петелат со познавањето на македонскиот јазик.

Сите сме за на курс!

Loading