ГЛАСОТ Е ЖИВ ИНСТРУМЕНТ

Билјана Стојкоска, соло пејач

Na scenata s evracaat emociite - Biljana StojkoskaБилјана Стојкоска е соло пејач која првиот солистички концерт во пијано придружба на Христина Никоска го одржа пред новогодишните празници, на кој блесна во полн сјај.

Зошто сакавте да станете соло пејач?

Спонтана одлука. Тоа е патека која веројатно ја одбираш со тек на времето, откако вршиш внимателен избор. Времето ме научи да се пронајдам, да живеам со она што го имам и да го понудам како квалитет, кој најдобро ме опишува, а кој полека станува синоним за мене. Открив дека ако не запеам кога ќе се разбудам, не ја споделам љубовта што ја чувствувам преку мелодијата и ако не го продолжам денот со песна. Тој ми е празен, нецелосен.

Што те влечеше кон музиката?

Емоцијата, прво и единствено. Музиката е чувство, ние сме сите преполни со емоции. Таа е место кадешто можам без размислување да се предадам, без да барам ништо за возврат.

Почна со инструмент, продолжи со пеење. Што пресуди за соло пеење?

На шестгодишна возраст првин свирев на флејта. Бев многу мала точно да определам кон која насока да се движам. Флејтата ми беше првиот контакт со музиката на едно посериозно ниво. Како мала, дома, пред моите сум потпевнувала и сум покажувала интерес за музиката. Подоцна кога веќе открив и каде најсигурно се чувствувам, се себенајдов во пеењето. Гласот е жив инструмент. Тој е секогаш предизвик да ги истражувам можностите и емоциите што можам да ги пренесам. Мислам дека е незаменлив. Тука се пронаоѓам и се чувствувам стабилно.

Што сакаш да пренесеш на сцената?

Најчесто изведувам дела од автори, поретко авторски. Настојувам да сум најблиску до она што авторот сакал да биде пренесено. Кога изведувам арија на конкретен лик, истражувам за ликот, односно на тој лик кон другите во делото, самата опера, времето во кое е создадена, за да го пренесам сега и овде, со она што го поседувам како изведувач. Кога станува збор за соло песна во одреден период, тука се трудам да го пренесам карактеристичното за периодот во кој  е напишана.

Имаш ли омилени автори?

Најтешко прашање. Долг список. Би ги издвоила Моцарт, Чајковски, Дебиси, а на посебна листа се Пендерецки, Горецки и др.

Што чувствуваш на сцената?

Прегратка полна со љубов. Како исклучително темпераментна личност на сцената постигнувам смирување. Тоа е таа нирвана која ме тера да продолжам без двоумење. Сцената е место каде како бумеранг се враќаат сите дадени емоции.

Следни планови?

Дел ги завршив. Имав две резиденции во Италија и во Фиренца лани каде делумно го постигнав саканото. Никогаш нема да замре потребата да се надградувам, како технички, така и духовно. Плановите генерално се поврзани со тоа.

Loading