ЦРВЕНИ ПАНДЕЛКИ ЗА НУЛА НОВИ СЛУЧАИ НА ХИВ ИНФИЦИРАНИ

Tretmanot e prevencija vo borbata protiv sidataЗа подигнување на свеста кај младите и ризичните групи за личната, фамилијарната и општествената важност при заболување од Хепатит Б и Ц, како и инфицирање од ХИВ – вирусот, Центарот за јавно здравје од 1 декември, на Светскиот ден на борба против сидата, започна кампања. Стартуваа со екипите на Црвениот крст, делејќи  им на граѓаните флаери и брошури за запознавање со ризиците и превенцијата од сидата за поголема информираност, за нула нови случаи на инфицирани со вирусот ХИВ. На минувачите им ставаа и црвени панделки, како симбол за солидарност кон оние кои ја носат сидата.

Преку анкетните прашалници, ќе се испитува информираноста кај средношколците за начинот на пренесување и заштита од ХИВ, како насока за креирање понатамошна стратегија и подобро информирање на младите, кои се највулнерабилна група.

– Што порано се дијагностицира ХИВ инфекција и се започне со лекување, поголеми се можностите за долг и квалитетен живот. Тестирањето на ХИВ треба да биде  дел од одговорното однесување на секој поединец, бидејќи со откривањето на ХИВ инфекцијата и лекувањето, се намалува можноста за трансмисија на други. Тестирањето е доброволно, доверливо и бесплатно. Иако ХИВ-СИДА-та е присутна 30 години, се проценува дека 30-50 отсто од инфицираните не го знаат својот ХИВ статус, не знаат дека се заразени. Кај половина од оние кои знаат дека се позитивни, инфекцијата се дијагностицира доцна, кога имунолошкиот систем е значајно нарушен, иако сé уште немаат знаци и симптоми на болест и кога е значително поголем ризикот од заболување и умирање од СИДА – објаснува Гоце Ингилизов, директор на Центарот за јавно здравје.

Во Центарот за јавно здравје функционира советувалиште за ХИВ/Сида, отворено од 8 до 13.30 ч. во кое, покрај информирање, може да се изврши и бесплатно анонимно тестирање. 

ТРИ НОВИ ХИВ ПОЗИТИВНИ ЛИЦА

Откриени се три случаи на ХИВ инфицирани. Лани има два и годинава еден нов случај на пациент инфициран со ХИВ. Тие се од машки пол, на возраст од 20 до 29 години. Во Прилеп од 1987 г. до денес се регистрирани 11 случаи на ХИВ-СИДА. Според статистиките, најчест начин на пренесување на вирусот е преку хетеросексуален, како и хомосексуален однос, а најмал процент на инфицирани е од мајка на дете.

ЗАРАЗУВАЊЕ ПРЕКУ КРВ

Инфекцијата со ХИВ може да се пренесе преку употреба на заеднички игли и со сексуален контакт (анален, орален или вагинален) ако при тоа не се преземат мерки на заштита.

Жените кои се ХИВ позитивни може да го пренесат вирусот на нивните бебиња во текот на бременоста, породувањето или во тек на доењето.

Вирусниот хепатит може да се спречи и излечи

Во Европа околу 10 милиони луѓе се хронично инфицирани со хепатит Б и Ц, но повеќето не го знаат тоа. Вирусниот хепатит може да се спречи и да се излечи. Акутната фаза најчесто минува субклинички и не е препозната. Кај инфицирани од хепатит Ц се опоравуваат само 15-25 проценти, а останатите развиваат хроничен хепатит Ц. Кај 20 отсто од луѓето со хроничен хепатит Ц во период од 10-20 г. се развива цироза, а кај голем дел од нив карцином. Кај хепатит Б, преминување на акутен во хроничен се случува кај 5-10 отсто од инфицираните.

Бројот на инфицирани е драстично зголемен по 2013 г., откако е започнат задолжителен скрининг кај бремени жени.

Loading