ТАПАНИТЕ И ЏУДОТО МУ СЕ ВО СРЦЕТО

Диме Џагадуроски – Џагата

Tapanite bolest na DzagataТапаните и татамите, четирисет иеденгодишниот Диме Џагадуроски, познат како Џагата, ги споил во едно. Страста кон музиката и џудото го исполниле неговиот дух до таа мера, што подеднакво им се предава на звуците од ударните инструменти како и на техниките во боречката вештина спортот.

Заробеник е на мелосот кој излегува од тарабуката, селскиот тапан направен од природна кожа, или пак од можностите кои ги даваат електронските ударни инструменти. Го маѓепсал и спортот. Неброени се часовите додека се потел на татамите во џудо борбите. Небаре борбите се под тактот на тапаните кои му го исполнуваат срцето.

– Музиката годи. Спојот на џудото и тапаните го гледам во тоа дека мора да се биде активен. Нон-стоп да бидеш како машина – вели Диме Џагадуроски, познат како Џагата.

Вешт е со тапаните, се снајдува и со рацете и со нозете, произведувајќи звук без грешка со ритамот. Дружбата со тапаните активно ја почнал на 14 години, настапувајќи со постари музичари по кафеаните, што му помогнало да стекне искуство од мајстори, додека го криеле од полицијата дека бил малолетен, а дома пак се чуделе од каде носи толку пари од свирки. Идоли му се Buddy Rich, Steve Gate, Dave Weckle. Нема што не знае да затропа на тапаните, било латино, џез, рок, блуз… Ја сака класиката.

– Тропањето на тапани е исто како возење автомобил. Во исто време вртиш на воланот, се пулиш право, менуваш брзини, со нозете додаваш гас или сопираш. Мозокот мора да ти биде поделен на 4 дела, колку што имаш и екстремитети – две раце и две нозе. Цела наука е тропањето. Од седење, поставување на раце, кичма, на нозе. Сето е пресметано. Не е само седни и тропај. Добар тапанар е оној кој успева да го држи тактот – објаснува Џагата.

Свирел 8 години во Загреб, Хрватска, претежно народна музика по тамошните кафеани, ресторани, дури и ноќни клубови пред 800-1000 гости. Настапувал и со тапанарот Борис Лајнер, поранешен член на групата Азра. Добил понуда да биде во бендот и на Дино Дворник, се “мешал” со сите фолк ѕвезди од Пинк, како Кеба, Луис…

– Во Загреб имаше често рации. Нема мрдање, стоиш како што те начекале. Влегоа специјалци. Еден ме викна надвор. Се уплашив. На крај се најдовме пријатели, оти финтата беше дека со него сме се бореле во финале на државно во Требиње, Босна Херцеговина и ме запамтил, оти изгубил – раскажува Џагадуроски.

Во спортот почнал со гимнастика која е основа за секоја дисциплина. Има црн појас во џудо. Како натпреварувач бил низ цела Југославија. Освоил медали, што не се добројуваат. Бил и вице шампион на Југославија во 1989 г. Меѓу најдобрите 10 спортисти на Прилеп во 1990/91 г. Седумпати со ред бил шампион на Македонија. Речиси две години е тренер во Сеишин.

– Додека татко ми пишуваше документи, оти беше трговец, си играше потбишега со мене дека сум како комарец, каков џудиста. И го “решив”. Го фрлив така лошо што му ја скршив раката, а имав само 12 години. Не смеев долго да се појавам пред него додека пишуваше со скршена рака – вели Џагадуроски.

Со искуството стекнато во кимоното, ги подучува младите. Им ги открива тајните на боречката вештина.

Никогаш нема да го заборави денот кога како дете првпат го слушнал звукот на тапаните од кај соседите. Не знаел како се прави тој звук. Љубопитен, обуен со влечките од мајка му, се стрчал кај музичарите додека вежбале. Му дозволиле да проба. Од возбуда ги заборавил влечките, а од тој момент неговото срце го “оковале” тапаните.

Како тапанар гостувал во Австралија. Учел од Мече од Кода групата. Неполна година е со бендот Марифет. Настапува и со Октетот Прилеп. Нема каде не бил со тапаните низ Европа.

Осумгодишниот син Борис веќе тргнал по стапките на татко си, а од в година и петгодишниот Немања. Оди на музичко, а тренира и џудо опремен со жолт појас. Се надева дека барем еден ќе биде добар спортист и ќе го наследат во музиката. Пред сé, е спортист, а музиката од хоби сé повеќе му станува начин на живот и опстанок.    

Loading