– Извесно е вложување на австралиски бизнисмени во земјоделието, градежништвото и други дејности
Во организација на Регионалната стопанска комора, делегацијата на бизнисмени од Прилеп со заменик претседателот на комората Сашко Самарџиоски и со градоначалникот Марјан Ристески имаше работна посета во Сиднеј и Мелбурн, Австралија. Делегацијата ги оствари планираните средби според програмата на амбасадорот Веле Трпевски и конзулот во Мелбурн, Бети Коруновска. Според извршниот директор на регионалната стопанска комора, Ристо Најдоски, средбите биле директни со посета на компаниите, што претставува поефикасен начин на договарање и подобри резултати. Разговорите меѓу стопанствениците од двете страни, на увозници на македонски производи и прилепските извозници донесле двојно зголемен извоз и продлабочување на деловните комуникации преку зголемување на количествата и проширување на асортиманите, особено од областа на прехранбената индустрија.
Најдоски вели дека фирмите од Прилеп, Витаминка, Прилепската пиварница, Дониа и Кривогаштани промет соработуваат со повеќе австралиски компании. Прилепските производи се наоѓаат во големопродажните магацини и во синџирите супермаркети низ Австралија.
Во областа на неметалите, некои компании покажале интерес за прилепскиот бел мермер „Сивец“ и за украсниот камен – травертин. Договорено е нашите компании да испратат понуди до бизнисмените од Петтиот континент во најкус рок.
Бизнисмените и првиот човек на Прилеп остварија средби со раководството на компанијата Бенино Фаин Фудс на нашинецот Крис Трајчески. Стопанствениците ги разгледаа можностите за продлабочување на соработката со раководството на фирмата Марко Поло Фудс на менаџерите Крсте Георгиевски, Луи Јанкуловски и Сандра Ќосиќ. Првиот човек на компанијата Спироски Фудс, Луи Спироски им беше домаќин на прилепските стопанственици. И сопственикот на Медитераниан марбл од грчко потекло се сретна со прилепските претприемачи за обработка на камен Империјал. Во Сиднеј, нашите бизнисмени разговараа со раководството на Хаиват витамин, Ѓорѓи и Станка Јованови. Бизнисмените беа гости и на Никола Неделковски од компанијата Роса Дора. Во политичкиот дел, домаќин на прилепската делегација беше пратеникот во парламентот на Нов Јужен Велс, Крег Килс со претставници на нашата дијаспора во Сиднеј.
Во македонскиот конзулат во Мелбурн, каде македонската заедница е една од најбројните, компанијата ЦКИ Груп од Џим Илиевски беше домаќин на прилепчаните. Нашите бизнисмени остварија контакти и со Стеве Петровски од Ројал кирс интернешнл фудс. Дел од престојот бил искористен и за средба со Ицо Најдовски и Џон Кузмински од Јуропс бест. Допирни точки за деловни односи биле барани меѓу нашите стопанственици и Сашо Стојановски од Макаус. Компанијата Ексклузив фуд хаусис на Алекс Петровски ги прими прилепските гости со намера да се воспостават деловни контакти. Кан Џимеизер од Иволв макопс покажа интерес за увоз на продукцијата на прилепските компании. Дел од дијаспората од Мелбурн имаше блиска средба со прилепските бизнисмени и градоначалникот.
Регионалната стопанска комора ја претставила пред дијаспората функцијата на асоцијацијата на стопанствениците, која, поради одличната соработка со локалната самоуправа, има голем придонес за меѓународните средби на бизнис заедницата. Во таа насока, австралиските бизнисмени не само од македонско потекло, преку видео-презентации, добиле нови сознанија за можностите за вложување во технолошко индустриските развојни зони во татковината, а посебно во зоната Алинци, во индустриските зони Прилеп 1, 2 и 3 и типската населба за индивидуална градба Градина. Австралиските компании покажале интерес за земјоделието, сточарството и за други гранки од индустријата. Можно е нашите бизнисмени од Австралија да станат инвеститори, оти пројавиле интерес за приватни детски градинки, старски домови, болници и колективна и индивидуална градба на станбени објекти.